Гевгелија

21.08.2015 12:27
Гевгелија

И покрај хаосот на македонско-српската граница, системот е прилично прост. Секој ден на железничката станица во Гевгелија влегуваат три возови, кои потоа ги преплавуваат бегалците од Сирија, Авганистан и Ирак кои стигнале тука преку Турција и Грција. Граничната полиција стои од страна додека тие се обидуваат да влезат во возот и за 10 евра да се префрлат до Табановце на границата со Србија. Кога ќе стигнат таму, им покажуваат во кој правец е Србија и тие одат понатаму. Реката бегалци треба да тече со што помалку застој. Од луѓето кои илегално влегуваат во Македонија практично се бара што побрзо да преминат во Србија.

Македонските власти се откажаа од обидот да воспостават некаков ред во бегалскиот хаос. Теоретски, дозволите за престој би требало да се издадат за 72 часа, но тоа е невозможно кога во земјата дневно влегуваат повеќе од 2000 луѓе. Гевгелија стана метафора за бегалскиот очај и немоќта на локалните власти на Балканот. Пред неколку дена изби судир околу место во возовите за Србија. Со помош на ножеви и палки најсилните успеаја да влезат, децата во вагоните влегуваа преку прозорците, па потоа беа враќани назад ако нивните родители не успеале да влезат во возот. Повици, солзи, повредени.

Кога ќе стигнат во Србија, најисцрпените бараат помош во прифатните центри околу Прешево. Таму добиваат медицинска помош, храна и вода. Некои поднесуваат барање за азил, додека повеќето продолжуваат кон Унгарија. Меѓу бегалците се шири приказната за унгарскиот ѕид, па затоа многумина сакаат да продолжат понатаму, додека не е предоцна. Подигнувањето на ѕидот во Унгарија е една од главните причини за моменталниот бегалски бран, зашто криумчарите на луѓе шират паника и така ја зголемуваат својата заработка.

 

Следна станица на ова „балканско патување“ е Белград. Во паркот пред главната белградска автобуска станица сведоци сме на страдањата кои ги видовме за време на војните во Југославија. Илјадници спијат во шатори, вреќи за спиење и на трева. По дрвјата се сушат алишта. Луѓето се будат и одат во потрага по вода и храна. Во еден ноќен клуб можат да го користат тоалетот. Српските власти, како и македонските, се преоптоварени од бројот на бегалци. Министерството за внатрешни работи на Србија тврди дека низ земјата во првите шест месеци од годинава поминале 90.000 бегалци. Македонија и Србија и самите се борат со невработеност од 30-40 отсто и голема сиромаштија. Без значајна помош на ЕУ и Комитетот за бегалци на ОН (UNHCR), ситуацијата може да излезе од контрола. „Вечерње новости“ го забележуваат судирот на интереси меѓу ЕУ и Србија. Додека Белград сака што побрзо да се ослободи од бегалците, кои и онака немаат намера подолго да се задржуваат, Брисел ја разгледува можноста да подигне „големи бегалски кампови“ во Србија.

Бегалците од Белград го продолжуваат патот со автобус или со воз кон Суботица на унгарската граница. Овде исто така се подигнати привремени прифатни центри. Се спие по паркови, шуми или напуштени фабрики. Во текот на ноќта мали групи пеш одат кон унгарската граница. Тие со пари им плааат на унгарските криумчари на луѓе. Оние кои немаат пари одат на среќа. Повеќето сакаат да одат во Германија, „ветената земја“. И покрај заострените контроли, овие луѓе наоѓаат начини да преминат во Унгарија.

Но што ќе се случи кога ќе се подигне „унгарскиот ѕид“? Експертите сметаат дека ќе дојде до зголемување на бројот на бегалци во Србија. Но потоа ќе се ископаат тунели, а оградите овде-онде ќе се пресечат. Бегалците ќе тргнат по подолгиот и поскап пат преку Босна, Хрватска, Бугарија и Романија. Ниеден ѕид не може да ги запре очајните луѓе.

 

Извор: TAZ

ОкоБоли главаВицФото