Филмовите со кои го опишував груевизмот (8 - Историја)

21.08.2015 15:02
Филмовите со кои го опишував груевизмот (8 - Историја)

Триумф на волјата

Есејот на Сонтаг е анализа на две дела на прочуената нацистичка уметница Лени Рифенштал: фотографската книга „Последниот Нуби“ (1972) и квази-документарниот филм „Триумф на волјата“ (1935; филмот на дотогаш невиден и спектакуларен начин прикажува импозантен нацистички собир одржан 1934 г. во Нирнберг). На едно место во есејот Сонтаг вели: „Филмот не содржи коментар бидејќи коментар не е ни потребен, отиТриумф на волјата ја претставува веќе постигнатата радикална трансформација на стварноста, историјата која веќе станала театар“.

„Триумф на волјата“, значи, бил документарец поголем од стварноста. Сонтаг пишува дека за време на „пост-продукцијата“ на филмот тонскиот дел на одредени парчиња бил оштетен или несоодветен. Хитлер наредил говорите одново да се снимат; „така Штрајхер, Розенберг, Хес и Франк повторно ја потврдиле, театрално, својата верност спрема фирерот неколку недели по самиот настан, без присуство на Хитлер и публика, во студио декорирано од самиот Алберт Шпер. (Шпер, кој ја беше создал гигантската локација на собирот, исправно е идентификуван како архитект на филмот.)“

Понатаму Сонтаг пишува: „Ако прифатиме дека документарниот филм треба да го разликуваме од пропагандниот, потребна е голема наивност за филмовите на Рифенштал да се бранат како документарни. Во Триумф на волјата документот (сликата) не е само сведоштво, туку е и причинител на одреден настан и причина зошто настанот го надминува документот.“

За Тричковски, Сонтаг, Рифенштал...

Белата трака

За текстов да не биде класична филмска рецензија или посвета на навистина фасцинантниот филмски опус на Ханеке (од неговите филмови мој фаворит е „Скриено“ /2005/, заедно со Трировиот „Догвил“ /2003/ најзначајниот европски филм на изминатата деценија, според мене), решив да напишам неколку зборови за неговиот последен филм, „Белата трака“, кој минатата година ги освои најважните европски филмски награди. Ја избирам „Белата трака“ поради некои многу важни (и се чини безвремени) политички импликации, кои имаат многу врска и со нашите актуелни неснаоѓања во просторот и времето.

Толкувањата на филмот најчесто ја нудеа тезата дека режисерот се обидува да ги фати најраните корени на фашизмот. Иако филмот навистина може да се исчита и како приказна за патот на германското општество кон тоталитаризам, нацизам и геноцид, Ханеке вели дека не му била намера само да ја раскаже генезата на националсоцијализмот, туку да укаже дека тоталитарните идеологии виреат во општества кајшто луѓето страдаат: „Можев да снимам приказна за денешен Иран и да го поставам истото прашање: како почнува фанатизмот?“

Белата трака на паланката




Артист / Total Recаll

Една од највпечатливите сцени во филмот „Артист“ е ноќниот кошмар на главниот лик, Жорж Валентино, прочуена ѕвезда на немите филмови. Во кошмарот на Валентино светот одеднаш престанува да биде нем и звукот на секојдневието почнува да продира во актерот како во напукнат брод. Предметите ѕвечкаат, кучето лае, телефонот ѕвони, ветрот завива, се слушаат смеа и џагор. Единствено Валентино нема глас. И тогаш тој се буди. Но звукот не престанува да го измачува.

Македонија под груевизмот живее во сличен кошмар. Понекој од нас можеби и ќе дофати по некој звук, по некое лушпиче боја паднато од некоја фасада, но самите како да сме го загубиле гласот, како да сме немоќни, токму како Жорж Валентино во антологиската сцена од филмот. Во нашиот безбоен и нем свет овде-онде се чини како да продираат звуци и бои, но големиот утишувач брзо ги впива извиците, навестувањата на бунт, бојата на луѓето. И сè брзо и одново станува немо и сиво. Од воздухот како де се ишмукува третата димензија и сè одново станува фасада. (Под задушливото стаклено ѕвоно на груевизмот општеството ни наликува и на онаа необична човечка менажерија од филмот Total Recаll, која во сличен затворен сад почна да се гуши и да умира, во недостиг од воздух.)

Запис со црн чад врз бел чад

Малтешкиот сокол

Во славниот роман на Дашиел Хамет, „Малтешкиот сокол“, главниот лик, приватниот детектив Сем Спејд (кого во уште пославниот филм го глуми Хемфри Богарт) раскажува како еднаш бил изнајмен за да пронајде некој маж кој ненадејно ги напуштил и работата и семејството – и исчезнал. Спејд не успеал да му влезе во трага на мажот, сè додека, неколку години подоцна, сосема случајно не го затекнал во бар во некој друг град. Под друго име, човекот водел живот кој бил речиси идентичен со животот од којшто избегал: работел обична здодевна работа, бил оженет и имал деца. Меѓутоа, наспроти сета сличност, човекот бил убеден дека новиот почеток не бил залуден и дека требало да се прекинат сите некогашни врски и да се почне одново...

Славој Жижек, приказнава од филмот ја споредува со преминот од социјализам во капитализам на источноевропските земји: наспроти изневерените очекувања нешто важно сепак се случило... Иако можеби неподносливо голем број работи останале исти, невклопени во „новиот систем“, сепак се случило одредено поместување, процеп, „метафоричка кондензација“... Со промената на името, сега ќе имаме можност уште еднаш благо да го поместиме нашиот колективен перископ и да направиме нови мапирања на компликуваниот регионален и поширок простор...

Малтешкиот сокол

12 години ропство

Размислуваjќи за чарето од овој ужас во кој сме набутани некни налетав на генијалниот филм на Стив Мек Квин, „12 години ропство“: после добро смислено киднапирање, еден црнец завршува како роб, а неговото ропство трае 12 страшни години.

Не би сакал своевидното ропство во кое се втурнати граѓаните на Македонија да трае 12 години, ама како тргнале работиве... Живееме во сосема извртен свет. Лудаци и криминалци станале господари и авторитети. И секој ден се прашуваме: кога ќе заврши заробеноста во одаите со изобличувачките огледала? Кога ќе се разбудиме од кошмарот и лагите? Кога ќе се соочиме со ропската реалност на една уништена земја? Кога превртената слика, превртените вредности, ќе ги исправиме?!

Еден од моите омилени писатели, Мишел Турние, има интересен и поетичен концепт за „конечно сивото“. Приказната оди вака: Историјата на Кантовиот парадокс со ликот во огледало во одредена смисла започнува уште кај Платон кој во „Тимај“ ќе го истакне огледалното пресвртување на страните: кога левата станува десна, а десната лева. Фотографот, меѓутоа, располага со можноста наместо предметот чијшто лик се одразува да го преврти самиот негатив на филмот. Со вртењето на филмот така се добива и промена на страните, левата доаѓа на десно, десната на лево, но исто така и црното се претвора во бело и обратно. Тука сега се појавува - сивото. Во пресвртувањето на црното и белото, вели Турние, сивото исто така трпи промени, но во степен дотолку помал колку што повеќе се приближуваме до средното сивило во коешто црното и белото се сосема урамнотежени. Тоа средно сиво е оската околу која се врти инверзијата, оската која притоа не се менува, останува конечна. Дали кој било, прашува Турние, се обидел да го одреди тоа конечно сиво, отпорно на сите преобразби?

Поетика на кривотворењето



(продолжува)

Слични содржини

Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото