Неука и неспретна влада ни приредува светски срам и бламажа

22.08.2015 04:00
Неука и неспретна Влада ни приредува светски срам и бламажа

Ако целата оваa криза на јужната граница е инсценирана само со намера да бидеме на картата на Европа и светот, дека и ние имаме проблем со бегалците, за што имам сериозни сомневања, ефектот од тоа може да биде само краток. Бидејќи и после ова ќе се дознае дека тие луѓе се само во транзит - според огромната диспропорционалност на бројките на тие кои само поминуваат и тие кои остануваат макар и кратко поради болест и слично. Ќе се дознае дека тука има „држава“ со граничен камен од претходна држава, во која нема доволно возови и на која светот треба да и’ даде дури и хартија и принтер за времените документи за мигрантите. Но, од друга страна, ќе се дознае и дека таа „држава“ има гумени куршуми, шок бомби и жица која не се колеба да ја употреби.

Да не потсетуваме дека вака светот ќе дознае и за лудостите како панорамското тркало и за граѓанката од Тетово која умре болна и гладна токму денес и во земја за која европски држави деновиве се спремаат да ја прогласат за сигурна држава, за да ги вратат ваму барателите на азил од тука кај нив, кои во последната година се речиси исти со бројот на мигранти.

Сите кои своите стравови, фобии, а некои и омразата, сакаат да ги прикријат зад законите и државата, треба да се потсетат од каква држава и закони тргна целава криза со мигрантите: без закон и регулатива за транзит на мигранти, со нивно бесправно заточување во логор само заради сведоштво на престапи за трговија со луѓе и шверц со мигранти, оневозможено користење од нивна страна на каков било превоз при транзитирање во Македонија и многу прегазени од воз и малтретирани, дури и од полицајци. Дури потоа „државата“ копираше регулатива и формулари од Србија и со подарени принтери и хартија од УНХЦР не стигаше да среди ни по стотина апликации на ден.

Исто така, секој што смета дека е нормално за држава да прогласи криза и да затвори гранични премини, нека објасни како тоа криза се прогласува без известување на собранието, кој е поводот тоа да се направи пред да биде прогласена во Србија и како АРМ е ангажирана, па дури потоа известувана. Сега сме во позиција кога треба да му објасниме на целиот свет како оставаме луѓе на ничија земја - мигрантите не се вратени во Грција, и ова е сега потешка ситуација за објаснување. После меѓникот со ознака СФРЈ кој јавноста имаше прилика да го забележи, по овој повод не сметам дека треба некое посебно обајснување, но ете, Амнести Интернешнал нè дефинираше: Пара-држава!

Нема поголем демант за сите конспирации и стравови дека однадвор ќе ни дојде таксиратот, од веста дека полицаецот во Гевгелија се самоповредил во палма! Ни мигранти, ни ЦИА, ни ИСИС, ни Сорос ни бутур, и таксиратот на оваа влада - сето тоа е од нивното сопствено лудило!

Но, ете, тоа ни се случи: неука и неспретна влада ни приредува светски срам и бламажа. Срамота и греота!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографии: Томислав Георгиев