Ја претставувам положбата на жената во нашето време (Златната бележница 7)

22.08.2015 13:51
Ја претставувам положбата на жената во нашето време (Златната бележница 7)

„Ја претставувам положбата на жената во нашето време“

Тој дојде по мене и седна на другиот крај од креветот. Мумлаше некоја џез мелодија и ме набљудуваше. Рече: „Набавив некои џез плочи. Ќе се опуштиш кога ќе ти пуштам џез.“

Реков: „Добро.“

Рече: „Права си Англичанка, од глава до петици.“ Го изговори тоа намуртено, со презир.

Одговорив: „Ако не ти се свиѓа, оди си.“

Вџашено ме погледна, брзо се сврте и си замина. Чекав да се врати, знаев дека ќе се врати. Беше спокоен и мирен, ме гледаше братски и нежно. Ја стави плочата на грамофонот. Ги гледав другите плочи, раните ствари од Армстронг и Беси Смит. Молчешкум седевме и слушавме. Ме посматраше.

Тогаш прозбере: „Значи?“

Реков: „Ја осеќам целата таа музика, од неа допираат доброќудност и топлина и широчина на душата.“
„Добро, и?“
„Но никаква врска нема со нас, ние не сме такви.“
„Госпоѓо, мојот карактер го обликувале Армстронг, Беше и Беси Смит.“
„Потоа со тебе нешто се случило.“
„Се случило она што се случи со Америка.“ Потоа мрзоволно додаде: „Сега ќе покажеш дека имаш природен талент за џез, дека само уште тоа ти фали.“
„Зошто во сè мораш да се натпреваруваш?“
„Бидејќи сум Американец. Америка е земја на натпреварот.“

Забележав дека си замина мирниот брат, а се врати омразата. Реков: „Мислам дека би било подобро вечерва да не бидеме заедно, понекогаш си мошне тежок.“

Беше запрепастен. Потоа си го сталожи лицето ‒ кога тоа му се случува, контролата дословно ја презема неговото повлечено, болно лице. Мирно рече, со пријателска насмевка: „Не те обвинувам. И самиот сум си понекогаш мошне тежок.“

Излезе. Неколку минути подоцна, кога легнав, се симна, пријде до креветот и смеејќи се рече: „Мрдни се.“

Реков: „Не сакам да се борам.“

Одговори: „Тогаш ни нема помош.“

„Зарем не мислиш дека е чудно што се подготвуваме околу една таква работа? Баш ми е гајле со кого спиеш, ти не си маж кој жените сексуално ги казнува. Значи, очигледно е дека се караме поради нешто друго. Поради што?“
„Поради интересното искуство, лудилото.“
„Баш така, поради интересното искуство.“
„Зошто тоа така го изговараш?“
„Кога за една година ќе погледнеме наназад, ќе речеме: Тогаш бевме такви, тоа беше фасцинантно искуство.“
„И што тука не чини?“
„Тоа што сме мегаломани, сите луѓе како нас. Велиш, јас сум тоа што сум оти Соединеттите Држави се тоа и тоа. Јас сум Америка. А јас велам, ја претставувам положбата на жената во нашето време.“

 

„Со целото битие копнеев по таа митска жена“

Потоа следуваше момент на сознание и согледав дека влегов право во неговото лудило ‒ тој трагаше по мудра, блага мајчинска фигура, која истовремено е сексуален партнер и сестра; откако станав дел од него, и јас почнав да трагам по тоа, за себе, бидејќи таа ми требаше, а и зашто сакав да се претворам во неа. Сфатив дека веќе не можам да се раздвојам себеси од Сол и тоа ме исплаши повеќе од што било дотогаш. Оти разумот ми зборуваше дека тој човек секогаш одново го повторува образецот: ѝ се додворува на некоја жена со умот и емпатијата, ја освојува емоционално; кога таа ќе почне да му возвраќа, тој бега. И колку што е жената подобра, тој попрво фаќа бришка. Го сфаќав тоа со својот разум, а сепак седев во полумрачната соба, гледав во блескавото, пурпурно ноќно небо над Лондон, со целото битие копнеев по таа митска жена, да бидам како неа, поради Сол.

 

Злите дуси

Злите дуси си заминаа од станот. Тоа го помислив додека гола седев на креветот, загреана од топлината на трите печки. Злите дуси. Како стравот, ужасот и тесобноста да не беа внатре во мене, внатре во Сол, како да се тоа некои надворешни сили кои го избираат моментот кога ќе дојдат и заминат. Така мислев и се лажев себеси; бидејќи ми беше потребен моментот на чиста среќа ‒ мене, на Ана, која голишава седи на креветот, со рацете што ги притискаат градите, среде мирисот на секс и пот. Ми се чинеше дека топлата снага на среќата на моето тело е доволна да го истера целиот страв од овој свет. Потоа над мојата глава повторно се слушнаа чекори, ваму‒таму, како војска во движење. Желудникот ми се згрчи. Ја набљудував среќата како ми истекува. Одеднаш се најдов во нова состојба на постоење, туѓа за мене. Сфатив дека ми се гади сопственото тело. Никогаш порано тоа не сум го доживеала, дури и самата си реков: Еј, ова е нешто ново, никогаш за ова не си читала. Се сеќавам дека Нелсон ми зборувал како понекогаш погледнувал во телото на својата жена и притоа чувствувал омраза поради нејзината женственост; го мразел тоа тело поради влакненцата под пазувите и на препоните. Понекогаш, зборуваше, својата жена ја гледал како пајак, составен од раце и нозе околу влакнестото, прождрливо средиште. Седев на креветот и ги посматрав своите тенки бели нозе и тенките бели раце и градите. Бев влажна и леплива, се гадев од самата себе, а кога ги здогледав градите, се сетив како изгледаа кога беа полни со млеко, и тоа ми стана одбивно, наместо да ми биде пријатно. Од чувството дека сум туѓа за сопственото тело главата ми залебде сè додека не најдов сидро во помислата дека тоа што го доживувам воопшто не е моја мисла. Во фантазијата, за прв пат доживував чувства на хомосексуална личност. Прв пат пронаоѓав смисла во хомосексуалната литература на гадењето. Сфатив дека насекаде околу нас плутаат многу хомосексуални емоции, дури и кај луѓето кои никогаш тој збор не би го признале како свој.

 

„Свесен си дека така не би смеел да живееш. Па зошто тогаш живееш така?“

„Сите млади луѓе веруваат дека нема да ја доживеат триесеттата. Не можат да се помират со компромисот што го носи стареењето. А која сум јас да кажам дека тие не се во право?“
„Јас не сум сите луѓе, јас сум Сол Грин. Не е ни чудо што морав да си заминам од Америка. Таму веќе никој не зборува со мојот јазик. Што се случи со сите нив ‒ некогаш познавав многумина од нив. Сите сакавме да го промениме светот. А кога сега ќе седнам во кола и ќе тргнам да возам по земјата, да ги посетам старите пријатели, сите се испоожениле или се успешни и водат пијани разговори самите со себе, бидејќи американските вредности смрдат до небо.“
Му се насмеав на мрзоволието со кое го изговори зборот „испоожениле“. Тој ја подигна главата да види зошто се смеам и рече: „Да, да. Јас тоа навистина го мислам. Влегувам во убав нов стан на некој пријател и велам: ’Еј, што ќе ти е таа работа, знаеш и самиот дека е срање, дека се убиваш себеси?’ А тој вели: ’А што ќе правам со жената и децата?’ Јас велам: ’Точно ли е тоа што се збори, дека си ги цинкарел старите пријатели?’ Тој го џитка пијалакот во себе и вели: ’Но, Сол, па јас имам жена и деца.’ Исусе. И затоа јас ги мразам женичките и детенцата, и имам право да ги мразам. Добро, смеј се ти, има ли нешто посмешно од мојот идеализам ‒ толку е старомоден, толку е наивен. Но постои една работа која веќе никому не можеш да ја кажеш, така барем мислам: свесен си дека така не би смеел да живееш. Па зошто тогаш живееш така? Не, ти тоа не можеш да го кажеш, премногу си вообразена... Но зошто јас ова го зборам, луѓето просто веќе немаат муда. Требаше зимоска да заминам на Куба, да му се придружам на Кастро и таму да загинам.“

 

„Сакам да бидам обична, не сакам да бидам како тебе“

Ана тогаш сфати дека Џенет просто не сака да оди во „модерно“ училиште. Детето сакаше да ѝ порача: „Сакам да бидам обична, не сакам да бидам како тебе.“ Цел живот го посматрала светот на нередот, на експериментирањето, луѓето што живеат од денес за утре, како топчиња што вечно се вртат на млазот од водоскок, кои постојано се отворени за нова емоција или авантура, и заклучила дека тоа не е за неа. Ана рече: „Џенет, знаеш ли колку е тоа различно од сè што кога било си видела? Ќе шетате во колони, две по две, како војници, сите исто ќе изгледате, сите ќе работите едновремено. Ако не бидеш внимателна, оттаму ќе излезеш како од фабрика, како уште еден одливок, иста како другите.“ „Да, знам“, рече тринаесетгодишната девојка и се насмеа. Насмевката ѝ зборуваше: Знам дека тебе тоа не ти се допаѓа, но зошто јас тоа би морала да го мразам? „Ќе дојдеш во судир со самата себе.“ „Мислам дека тоа нема да се случи“, одговори Џенет.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел
Кон шестиот дел

Фотографии: Diane Arbus
Избор и превод: П. В.