Кој им простува на виновните, ги казнува недолжните

24.08.2015 11:24
Кој им простува на виновните, ги казнува недолжните

Еден добронамерен пријател, уште пред многу години, ме советуваше доколку сакам некој да ми ја чита статијата, никогаш да не ја почнувам со латински цитат. Еве, почитувани читатели, се обидувам да ја надитрам пријателската мудроштина со префрлањето на латинскиот цитат во некоја подолна реченица, подалеку од почетоков на колумнава. А, конечно, зошто би инсистирал на латински цитати, кога сакам да пишувам за нешта што денес ѝ се случуваат на библиската земја и нејзиното несреќно стадо? Морам да признаaм дека ме привлекуваат старолатинските афоризми и изреки, зашто успеваат со толку малку зборови, јасно и лапидарно, да искажуваат работи што уште пред две илјади години на луѓето им биле „закон“, нешто сосемa недискутабилно, потврдено во бескрајно многу ситуации во минатото и запишано во римското право и во обичаите. Токму затоа, колку повеќе во денешната „политичка криза“ ги кршиме овие стари принципи, што и пред илјади години се сметале за темелни здраворазумски начела, и колку повеќе тетеравиме како затруени со метилосана ракија околу работи што уште во антиката се сметале за фундаменти на логиката на правото, толку сме повеќе закопани во јамата на сопственото цивилизациско заглупување. За жал.

Всушност, сакам да го образложам моето незадоволство со текот на „решавањето“ на „политичката криза“, цитирајќи едно темелно начело на римското право, што гласи вака: Abusus non tollit usum. Или, на нашински, злоупотребата не го укинува правилото, односно кршењето на законот не укажува непосредно дека самиот закон е лош. Тоа понатаму значи дека е сосемa погрешно случаите на системското кршење на уставот и законите да се решаваат само со нивното менување, како тие да се единствените виновни (а не криминалците што ги кршеле), туку првин треба да се казнат виновниците за масовната криминализација на земјата. Дури потоа, откога злосторниците ќе се најдат зад решетки, треба да се пристапи кон усовршување на законските решенија што ќе гарантираат фер и демократски избори, владеење на правото, и, со еден збор, подобра иднина. А, токму овој темелно и принципиелно погрешен пристап во решавањето на „кризата“ запнаа да го форсираат нашите меѓународни пријатели, советодавци и ментори, заедно со виновниците за системското суспендирање на правото во Македоња – партиите на власт предводени од фашистичката ДПМНЕ. Не дека законите што се на сила не треба да се менуваат, таман работа, бидејќи се работи за закони често неуставни, неправедни, неписмени, криминални и дури малоумни. Се разбира дека овие закони мораат да се менуваат, зашто ги донела нелегална глутница на ништожници–послушници што само кренале раце во еден нелегален парламент, за да ги изгласаат овие дилетантски и криминални псевдозаконски текстови што потоа ги нарекуваме закони. Секако дека овие закони треба и мора да се менуваат, но не постои ништо попогрешно од тоа овие измени да се сметаат за доволни за демонтирање на еден консолидиран тоталитаризам, исто како што е надвор од памет да се дозволи во нивното менување да учествуваат и за нив да одлучуваат истите криминални умови што претходно ги создадоа и бесрамно ги кршеа и злоупотребуваа.

Конечно, сите како да заборавивме во што се состои суштината на македонската општествена, културна и цивизациска криза, што меѓународната заедница нагалено ја нарече „политичка криза“? Како да заборавивме дека во библиската земја Груевски и ДПМНЕ извршија вистинско укинување на републиката и на демократијата, на уставниот поредок и на владеењето на правото, на слободите и правата на граѓаните. Како да исчезна вресокот на онеправданиот и осиромашениот народ поради воведувањето на тоталитаристички систем на еднопартиско владеење со мафијашки структуриран систем на субординација во сите институции на државата? И, како да го заборавивме свилениот гајтан околу вратот на припадниците на библиското стадо, што овој режим го држи егзистенцијално стегнат, за да се одржува со бесконечно лажирање на изборите, и со мобилизација на сите државни органи, институции и корпоративниот капитал во полза на вмровската партија-држава? Зарем заборавивме дека суштината на нашава криза е – како во начелото на старите Римјани – првин и најмногу во прекршителите на уставот и законите, а дури потоа во самите закони? Што мислат „работните групи“ дека ќе „поправат“ во функционирањето на тоталитаристичката партија-држава, само менувајќи ги решенијата во некои посебни закони (како што се изборниот законик или законот за обвинителство)? Навистина не знам. Однесувањето на водачите на криминалната ДПМНЕ ми е сосема јасно: тие се злосторници што се борат за својот опстанок, впрочем, тие се како вируси - друго и не знаат. И другарите од СДСМ ми се јасни - тие мораат да се однесуваат „конструктивно“, зашто тоа им го диктираат нашите единствени сојузници од белиот свет: моќниците од ЕЗ и САД. Но, зошто тие моќници - светските заштитници на правдата, демократијата, слободата и владеењето на правото, прават такви катастрофално погрешни процедури за разрешување на „политичката криза“ во нашава несреќна земјичка, е, нивните мотиви не ми се доволно јасни.

Lex de futuro, iudex de praeterito, велат старите Римјани, или, законот се бави со она што ќе биде, а судијата со она што било. Има ли нешто нејасно во овој принцип? И, кому може да не му е јасно ова начело за временските приоритети на општествената акција, односно дека првин доаѓаат судските процедури за казнување на одговорните за прекршувањата што веќе биле сторени, за криминалите што ја предизвикаа кризата, а потоа се прават законите што ќе ја подобрат иднината. Како можат нашите ментори од либерално капиталистичкиот Олимп да грешат олку принципиелно, сосема спротивно од логиката на римското право, логиката што и денес е темелот врз кој функционираат општествата на либералниот капитализам? И, конечно, кој има полза од оваа злоупотреба на здравиот разум? Не е потребна некоја длабока анализа за да се сфати дека единствената полза од законодавната дефокусација во „решавањето“ на „политичката криза“ може да ја имаат само партиите на власт, зашто на овој начин, со „конструктивното учество“ во „политикиот процес“, тие всушност го поплочуваат патот кон сопствената аболиција. Тие, како ништо да не се случило во меѓувреме, како да не се разоткриени во нивниот magnum crimen, го подготвуваат нивното повторно учество на изборите, и веројатно нивното повторното системско, тоталитаристичко лажирање, што ќе води во општествена криза на којашто веќе никој нема да може да ѝ го согледа излезот. Римјаните и за оваа ситуација создадоа правно начело, кое гласи: Qui parcit nocentibus, innocentes punit, што во превод значи: Кој им простува на виновните, ги казнува недолжните.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња