Миграција

24.08.2015 11:54
Миграција

Постои консензус околу сувереното право на државата да ја контролира имиграцијата на својата територија. Ова право не го доведува во прашање ни Меѓународната организација за миграции, ни Високиот комесар за бегалци на ОН, ниту која било друга влијателна организација што се занимава со овие прашања. Меѓутоа, тоа што државите имаат право на конечна одлука по ова прашање, не значи дека таа одлука е нужно исправна и дека не смее да се критикува барем од аспект на моралните принципи за кои (можеби) и самата држава се залага.

Македонското затворање на границите за мигрантите е една таква одлука. Оваа одлука не е само неморална самата по себе, туку во голема мера го доведува во прашање основниот концепт врз кој таа држава е конципирана, а тоа е - мултикултурализмот. А тој не може ниту да постои, а уште помалку да се развива врз база на затворање на границите. Конечно, историски и еволутивно гледано, мултикултурализмот е постигнат и достигнат во најголем дел со помош на миграциите, односно мешањето на културите.

Ете, без оглед на неприкосновеното право на државата да ја контролира (па и да ја затвори) сопствената граница, во светот постојат радикални исчекори кои го доведуваат во прашање и самото постоење на границите. Тие се базираат на убавата идеја за колективната сопственост на планетата Земја, која сите ние, како луѓе, ја поседуваме. Земјата, едноставно, е тука и никој не е заслужен за нејзиното постоење (иако многу лесно може да се случи сите да бидеме виновни за нејзината пропаст). Тоа не значи дека светската територија треба да се прераспредели, туку само значи почитување на правото на вселување. Секако, државите ги присвојуваат сопствените природни ресурси (иако, велиме, не се заслужни за нив), па правото на сопственост го ставаат над секое друго право и на тој начин го ограничуваат (па и суспендираат) правото на единката на движење.

Нормативните дебати по ова прашање на светско ниво се од релативно понов датум (за разлика од дебатите за мултикултурализмот, што е своевиден парадокс) и зачестени се дури во последната деценија. Сепак, ние тука ќе се повикаме уште на Кант, кој вели: „Правото на посета им припаѓа на сите луѓе како општествени битија, бидејќи сите тие заеднички ја поседуваат земјината површина, а бидејќи на неа, затоа што е топка, не можат да расеат во бесконечност, секој мора да го трпи другиот до себе и никој нема првично поголемо право да биде на едно место на Земјата од другиот“. На оваа идеја, впрочем, се повикуваме кога се бориме за спасување на амазонските шуми или се залагаме за затворање на нуклеарните централи. Тогаш гледаме дека целиот свет е поврзан и дека сите прашања нè допираат и нас.

Сè додека не дојдат мигрантите на нашата граница.

Македонија не е исклучок во водењето ксенофобични политики кон доселениците, па и транзитните бегалци. Особено ако се од друга вера или со друга боја на кожата. Напротив. Сведоци сме како се градат ѕидови, како се каменуваат автобуси со бегалци, како полицијата спречува влезови на доселеници итн. Македонија, меѓутоа, токму затоа што е мала земја, мора да биде свртена кон космополитските решенија за својата иднина, зашто само така може да опстане. Конечно, Македонија и самата е конгломерат на мигранти, емигранти и имигранти, па морално делува сосема неприфатлива каква било ксенофобија, па дури и одбивање да им се помогне на луѓето во неволја. Конечно, и граѓаните на Македонија беа и се жртва на ксенофобичните политики на државите што ја опкружуваат, но и на пошироко ниво. И самите сме ограничени во сопственото движење и во сопствените напори некаде да се преселиме, па е нелогично ние тие права и тоа на ваков начин да ги ограничуваме. Сепак, територијата на државата како нејзина важна карактеристика не би смеела да биде „света крава“, односно суверенитетот на државата не би смеел да биде брана на секое космополитско право што ќе го ограничува.

Миграција е селидба на големи групи луѓе од едно подрачје во друго (село-град) или од една држава во друга. Коренот е во латинскиот migratio/migrare – патување, движење; да се движиш од место до место. Од неа се изведени емиграција (иселување) и имиграција (вселување).

Фотографии: Томислав Георгиев

ОкоБоли главаВицФото