Солзите на бегaлците (Тагата на мојот дедо – бегалец од Октомвриската револуција)

25.08.2015 01:26
Солзите на бегaлците (Тагата на мојот дедо – бегалец од Октомвриската револуција)

Бегалска криза во Македонија - бегалци од Сирија и Авганистан на железничката станица во Гевгелија, август 2015 (фотографијата е позајмена од видео од SPIEGEL).

 

Солзите на бегалците што капат на нашата земја

Деновиве ја гледам тешката судбина на бегалците од Сирија и Авганистан, кои масовно си ја напуштаат родната грутка поради неиздржливоста на тамошниот терор од исламистичките фундаменталисти, но и поради претстојните воздушни напади од страна на Американците. Тие кутри луѓе минуваат низ најтешката судбина и најголемата душевна болка што некогаш може да се доживее. Се чини како тие кутри души да не се ничија ингеренција, како да се отпадници од планетава. Како да се вишок и колатерала што треба да се запрета под тепих. Можеби бегаат од главосечечкиот фундаментализам. Можеби ги гони и фамата дека таму Американците ќе почнат да ништат и да срамнуваат со земја сè што личи на закана за светскиот мир. Како и да е, во нашава проклета Македонија, донесоа закон со кој им го овозможија транзитот на овие несреќници, но грижата за нивната добробит на нивниот пат до следната граница е очигледно незадоволителна. Некој ќе рече, па ние имаме диктатор што си го тероризира сопствениот народ, зарем се очекува да се погрижи да за овие туѓинци, патници од „далечни источни краишта“. А всушност, тие се само „соседи“ од нашето глобално село. Зачудува и тоа што Обединетите Нации некако не покажуваат знаци на живот - УНХЦР како да се само за мониторинг, наместо активни мисионери кои со сопствени раце ќе ја раководат и ублажуваат оваа тешка човечка несреќа.

А што ли ги покренало овие бегалци да се решат на ваков чекор, да си ги напуштат семејните огништа и гробовите на предците, сопствената татковина, та голораки и босоноги да заминат во потрага по, наречете ја, нова среќа, а јас ќе ја наречам воздух и почва кои не убиваат? Сигурно имале сериозни причини за да се решат на ваков драстичен чекор за да се лишат од сè што е материјално и да прогласат, во буквална смисла, состојба на „Omnia mea mecum porta“. Сепак, оставам резерва дека некој меѓу бегалци е криминалец, а некој е дури и терорист што ќе се инфилтрира во нашето локално население. Сигурно со реките луѓе ќе пробие и по некој гаден фундаменталист кој ќе се вгнезди тука за да ни го загадува нашето кревко мултиетничко ткиво и ќе му долева „идеолошки“ бензин на вечното „буре со барут“. Сепак, државните органи и разузнувањето се должни да ги отстранат и неутрализираат ваквите појави. Наместо да се посветеа на државната безбедност и да ја бранеа РМ од надворешен непријател, па да попречеа да се случуваат масакри како оној во Куманово, оние криминогени владини суштества, Горде и Саше, го трошеле целиот капацитет и пари на нашето разузнување за да ја шпионираат опозицијата. Треба да се земат на одговорност и за ова – загрозување на безбедноста на целата држава!

Нејсе, секојдневно гледаме како бегалците на нозе патуваат со дребната им чељад и болнитe на раце, одeјќи ја голготата на самоспасението. Осведочуваме реална Голгота што предизвикува сочуство и болка кај набљудувачот, но и фрустрација поради отсуството на хуман третман од нашата држава која наместо сочувствителна помош и акти на хуманост, во еден кобен момент наеднаш решава анархично да се брани. Од кого? Од кревки човечки души, од кои некои попатно го испуштаат и последниот здив и ни ги оставаат и коските на ова наше проклето нехумано тло. Наеднаш тие властодржачки мизантропи решија да им го пресечат папокот на надежта и да го блокираат нивното движење кон север поради недостиг на организација и капацитет да се справат на човекољубив начин. Во минатото на ова тло и христијани и муслимани биле згрижувани од нашите домашни христијани и муслимани. На ова тло се правеле невидени добрини кои се запишани и кои останале да се раскажуваат.

 

Бегалецот од Доњецката губернија

Мојот дедо Перо, белогардеец и бегалец од Октомвриската револуција, беше тивко, совршено кротко суштество што го познавав многу малку. Во последните негови години тој беше со тешка деменција, а јас бев на претшколска возраст. Не ме ни познаваше кога ќе одев кај нив. Баба ми ја прашуваше: „Родно, Роце! А које је ово жуто дете?“ И до ден денес се прашувам, зошто ме нарекуваше „жуто“, кога јас си бев темнокафеава во косата и во очите. Како и да е, животите ни се сретнаа сосема краток период кој во мојата глава e запишан како низа магловити слики и нејасни чувства. Споменот за него ми се прикажува како големи сини и свенати очи со длабока тага којашто делумно преминуваше и на мене. Сега знам дека тоа била таа исконска тага што продираше до надворешниот свет низ пределите на вечните солзи од еден унесреќен бегалец. Тоа беше таа жилава тага што никако не може да биде соџвакана ниту од забот на времето. Тоа беа тие непресушни бегалски солзи, тој вечен непребол, таа неискоренлива носталгија. И сега, наеднаш, истите тие солзи зјапнаа од темната вечност кон нас. Ги препознав дедовите бегалски солзи во влажните очите на бегалците од Сирија и Авганистан во овој август 2015. Истата болка за насилно напуштен дом, дел од семејството, татковина/мајковина.

Бољшевици на плоштадот во Санкт Петерсбург - Октомвриска револуција.

Мојот дедо Перо

Да се вратам на дедо ми. Тој многу малку им раскажувал на жена си и нивните две ќерки, т.е. моите баба - Родна, мајка - Наталија и нејзината сестра – Лилјана, за себе и за семејството во царска Русија. И никогаш не дознавме зошто тој страден човек се заветил пред себе да ја молчи својата тажна судбина во Украина. Постојат, сепак, две варијанти. Првата можност за заветениот молк е зашто се обидувал нешто да сокрие. Можеби сторил нешто, според него, неморално, нешто од кое, можеби се срами!? На пример, можеби таму во Украина бил женет и си имал жена и деца?! Бидејќи неговата возраст по доаѓањето од Украина во Македонија беше скоро 40 години, тоа беше многу веројатно. Но, од друга страна, пак, од руската книжевност сме виделе дека е нормално мажите од благородничките слоеви да одат ергени и до подоцнежни години, слично како ликовите Пјер Безухов или Вујко Вања. Но, доколку бил семеен и доколку семејството останало таму во огновите на смртта што Бољшевиците ја сееле кон социјално-политички неподобните, а тој успеал да побегне и да си ја спаси само сопствената глава, тогаш можеби се реботи за грижа на совест којашто не би можела да му се растовари од плеќите и по 100 аскетски години. Конечно, втората варијанта за молкот, што според мене е многу поверојатна, е поради самозаштита на сопствениот нервен систем. Се чини дека доколку тој повторливо им ја задоволувал љубопитноста на децата и им раскажувал тажни подробности од сопственото бегање, тој ќе си ја освежувал меморијата за таа сушта несреќа, тој вечен непребол-тага-носталгија-меланхолија. Така ќе си го продлабочувал траурот, но и ќе им го пренесел на своите жена и деца во Македонија. Вака, мојот дедо Перо (Петар Антонович Глински од татко Антон и мајка Јулија) решил да остане тивок и да се штити од раскрварување на старите рани преку криење позади превезот од вечните солзи.

Бегалската голгота од лудилото на Бољшевиците

Еве ја приказната за неговата бегалска голгота, таа тажна сторија што сакав да ја раскажам за да остане запишана и да асоцира на секоја друга бегалска болка во човечкиот род. Во аристократското семејство на Глински во Украина, еден од синовите во семејството бил предодреден да ја продолжи семејната дејност со земјоделието и сточарството, па студирал агрономија, а другиот, мојот дедо, бил предодреден да ѝ се посвети на државата, па студирал воена академија, т.е. бил кадет во царската војска. Ветриштата на Октомвриската револуција во ноември 1917 година го затекнале во царската гарда. Ноќта, штом се разгорерла револуцијата, тој пристигнал во своето село – Коротино, кое се наоѓало во Доњецката губернија (до пред некој ден Украина, а сега веќе Доњецка Република, Русија). Веднаш бил заробен од црвеноармејците. По наредба на Бољшевичкиот суд, заробените аристократи ги одвеле во новокреиран затвор - некој јавен објект кој бил чуван од добро организирана стража од „црвените“. Дознал дека тука некаде биле и неговиот татко, брат, чичко, братучедите и многу други познати ликови. Во глува доба на ноќта, во црната ноемвриска темница, додека повеќето заробеници и стражари спиеле распослани по душемето, на дедо ми Петја му пришол еден човек од стражарите, и со мимика му покажал да го следи. Дедо ми го познал селанецот што до пред некој ден живеел и работел на нивниот имот. Селанецот, сегашен црвеноармеец, му шепнал на дедо ми да бега што поскоро може. Му рекол дека го ослободува само него затоа што единствено тој од целото семејство Глински секогаш бил добар и благороден со селаните-членовите на неговото семејство, и дека со нив рамноправно работел на житницата. Му го оседлал својот коњ, му рекол никако да не се враќа дома туку како знае да ја напушти државата. Дедо ми се заблагодарил низ солзи и го подбуцнал коњот во галоп за да ја спасува главата. Селанецот, всушност, му кажал дека сите белогардејци се прогласени за државен непријател и дека ги чека смртна казна. Така Петја излегол на слобода, додека сите други останале затворени. Тогаш решил да ја посети својата сестра - Галина која била мажена во некое друго место. Од неа сакал да дознае за судбината на другите членови на семејството. Одјавал до нејзиниот имот и ја нашол во агонични солзи. Му соопштила дека и оттаму мажите од аристократската лоза биле приведени и одведени во непознат правец. Тогаш Галина грабнала набрзина едно кофчеже преполно со златни монети и скап семеен накит, му го тутнала в раце и му рекла да бега што подалеку од Русија. Дедо ми одјавал во галоп на коњот што го добил од селанецот во правец на најблиското пристаниште на Црноморјето - Одеса. После само стотина метри тој наеднаш го запрел коњот и се завртел за последен пат да ја погледне сестра си. Се сепнал кога ја видел дека лежи струполена наземи. Емоциите и болката на последователните разделби и неизвесноста за утрешниот ден ја срушиле во бесознание. Дури по цела една деценија тој дознал дека е жива.

Бољшевици

Стигнал до пристаништето на Одеса и се качил на еден брод за Истанбул како слеп патник. Цело време штедро ги делел златниците што му ги дала сестра му за да остане жив, зашто Бољшевиците веќе го контролирале и поморскиот сообраќај. И секоја кришка леб им ја плаќал на оние бродски „грабливци“ по еден цел златник. Молкот од секој што ќе го откриел неговото илегално присуство го плаќал со повеќе златници. Слично како што сегашниве мршојадци кај Гевгелија ги ограбуваат несреќните емигранти, па за шишенце вода и чоколатце им наплаќаат баснословни цени. Мршојадците се секаде од ист ков, каде и да одиш. Како и да е, во Истанбул веднаш го нашол Американскиот Конзулат кој му издал привремена патна исправа и виза за Америка. Сепак, имало нешто што го одвратило од тоа, едноставно и брзо решение, да се качи на следниот брод и да замине преку Атлантикот за да започне нов живот во новиот „идеален“ свет. Но, го надвладеала мислата дека треба да остане тука некаде, поблизу до дома, за да може да си се врати во своето огниште по завршувањето на ова комунистичко лудило. Посакал да отиде во краишта каде што има мирољубив и нексенофобичен народ. Ја одбрал Македонија (тогашно Кралство Југославија). Посакал да биде тоа православна земја во која ќе може да најде црква што ќе му помогне. Посакал тоа да биде некое плодно поле во кое ќе започне да произведува жито и ќе одгледува живина. На почетокот нашол работа како физички работник на пруга, а потоа, не знам како и зошто, но судбината го навела во Свети Николе. Ја сретнал баба ми Родна, попска ќерка од манастирот во Ѓуриште и се оженил со неа. Им се родило девојченце што го крстиле по неговата мајка, Јулија, но кутрото, им умрело на едногодишна возраст. Баба ми раскажуваше дека кога им умрело детенцето, дедо ми заплакал со река солзи. Оваа загуба била за него неспоредливо поголема од загубата на домот на татковината. Избезумен во болката, тој отишол да купи мртовечко сандаче. Се задржал долго, многу долго. Кога се вратил, во рацете држел мало, свежо обоено со розова боја, дрвено мртовечко сандаче. Веројатно заедно го правеле со мајсторот во погребалното. Подоцна им се родиле мајка ми и тетка ми, девојчиња со светли очиња и светли косиња, оригинал мали русинки. Набргу добил и работа во општината во Скопје, па целото семејство се преселило во метрополата, каде во 1941 ги затекнала нова војна. Дедо ми постојано се допишувал со организациите на црвениот крст и од нив барал да најдат контакт со некој од неговите најблиски. Еден ден, додека си ручале со баба ми и девојчињата, стигнал кобниот одговор на неговото барање: сите мажи од поширокото семејство кои таа кобна ноемвриска ноќ биле пренесени во непознат правец кон Сибир, биле егзекутирани. Мајка му, пак, мојата прабаба, се разболела од тага по мажот и синовите и си умрела. Списокот од околу 20 починати од насилна смрт му го сомлело тажното бегалско срце. Сепак, зрак на надеж било што неговите сестри останале живи.

Белогардејци и цивилни бегалци на железничка станица во Русија 1917.

После дедовата смрт

Како и да е, дедо ми умере на 82-годишна возраст, неколку години пред неговите две ќерки да ги најдат нашите блиски од Доњецк, Киев и Одеса. Јас имав едвам седум години и немав поим што е тоа смрт. На денот на неговиот закоп, се сеќавам, со братучетка ми Жане со автобус одевме кон домот на дедо ми Перо во Ѓорче Петров. Јас тогаш гласно си ја пеев песната „О, лејди Мери“ од Том Џонс, а таа ми ја затвораше устата, зашто не требало да се пее, оти умрел дедо. На закопот, пак, заплакав на цел глас, зашто мајка ми гласно плачеше, а не дека чувствував нешто за смртта на мојот дедо. Како и да е, подоцна во својата зрела доба ги развив чувствата кон тој тажен и добар човек – мојот дедо бегалец-белогардеец. Пред некоја година дури и се покренав до Амбасадата на Украина и побарав да ми помогнат да најдам податоци за дедо ми. Таму дознав дека сè уште имињата на белогардејците во аналите фигурираат како државни непријатели. Ми претстоеше да покренам процедура за негова рехабилитација, само доколку успеам да најдам барем еден релевантен податок - адресата на живеење или воената пошта. За жал, не најдов ништо за да можам да ја покренам таа заслужена рехабилитација што му ја должам. За уште поголема жал, Доњецк веќе се смета дека е под јурисдикција на Русија, па процедурата треба да се покрене во оваа држава.

Најголемото зло после геноцидот

На крајот, можам заокружам дека војните и бегалците што ги продуцираат се второто најголемо зло на човековото постоење, веднаш после геноцидот. Бегалските кризи се извор на најголемата загуба, беда, тага и болка. Тие ги создаваат најголемите студови во срцата на човекот-бегалец. Бегалецот може и со децении да ги чека во неизвесност списоците на умрените од најблизок род. Солзите што ги ронат тие деца, жени и мажи се како водопади од непресушна тага што ќе им извира додека се живи. И, само човечноста, добрината и сочувството на луѓето што ќе им се најдат на нивниот тажен пат во беспаќето ќе можат барем малку да ја ублажат таа безмерна болка за загубените блиски, за опустениот дом и напуштените гробови на предците. Само човек на човека може да му е утеха во бегалските кризи.

Извор: mimozaristova.blogspot.com

Слични содржини

Европа / Свет
Значења

ОкоБоли главаВицФото