Борхес и јас

25.08.2015 12:47
Борхес и јас

На 24 август се навршија 116 од раѓањето на славниот аргентински писател Хорхе Луис Борхес. По тој повод, на Окно во три наврати ќе објавиме некои од неговите најславни раскази.

Овој голем писател ќе остане запаметен како еден од најголемите прозни мајстори и мистификатори во историјата на литературата. Покрај тоа, мошне високо се оценува и неговото поетско творештво.

Борхес постојано укажуваше на значењето на илузионизмот кој му го враќа на уметничкото дело карактерот на продуховена шега којшто тоа го поседувало со наивна ненаивност и премногу целовито да го прикаже привидот како стварност (Адорно).

Борхес е вешт илузионист и математичар, но се определува да ги пародира реалистичките писатели и отворено му признава на читателот дека сето тоа сепак е само фикција. Тој дури не се труди ни да ги измисли своите ликови и фабули, туку ги презема од книжевната традиција. Сите тие се споени со механизмот на двосмисленоста кој ги меша стварноста и привидот, историјата и митологијата, личностите од стварноста и ликовите од книги, ликовите од едни книги со ликовите од други дела, писателите и читателите. Дури, Борхес не се труди да го развие ни раскажувањето, туку се ограничува на резимеа. Следејќи ја својата негативна естетика и линијата на помал отпор, тој успеа да создаде совршена барокна литература на XX век.

Во овде застапените куси раскази врзивна нитка е самиот Борхес прекршен низ неговите опсесивни теми за двојниците, огледалата, сонот и стварноста, животот и смртта, трагите во времето.


БОРХЕС И ЈАС

Што и да се случи, му се случува на другиот Борхес. Јас подзастанувајќи си шетам по Буенос Аирес, можеби механички, да видам свод од некоја порта или некоја врата од ковано железо; вестите за Борхес ми доаѓаат по пошта, а налетувам на неговото име во професорските конкурси или во биографските лексикони. Ги сакам песочните часовници, мапите, топографијата на XVIII век; етимологиите, вкусот на кафето и прозата на Стивенсон: другиот ги сака истите нешта, но тоа го покажува на толку горделив начин како некој актер. Ќе претерам ако речам дека сме непријатели: јас живеам, му се предавам на животот за Борхес да може да ги создава своите дела, кои ме оправдуваат пред светот. Не ме загрозува да признаам дека тој напишал по некоја вредна страница, но тие листови не можат да ме спасат бидејќи доброто можеби веќе никому не припаѓа, дури ни нему, туку на јазикот или на традицијата. Што се однесува до другото, мене ми е судено засекогаш да се изгубам само за некој момент од мене да може да преживее во оној другиот. Малку по малку нему луѓето во сè му прават отстапки, иако мене добро ми е познат неговиот перверзен обичај да измислува и преувеличува. Спиноза беше сфатил дека сè што постои тежнее да ја сочува својата суштина: каменот сака вечно да биде камен, а тигарот вечно да биде тигар. Јас ќе останам во Борхес, а не во себе (ако јас воопшто сум некој), иако помалку се препознавам во неговите книги отколку во многу други дела или во нежниот звук на гитарските жици. Пред многу години се обидов да се ослободам од него преминувајќи од митологијата на предградието кон играта со времето и бескрајот; но сега тоа се Борхесови игри па ќе морам да смислам нешто ново. Мојот живот така се претвори во бегство, јас губам сè, сè паѓа во заборав или преминува кај оној другиот.

Не знам кој од нас двајцата го напиша записов.

ДВОЈНИК

Спомната или поттикната со одразите во огледало и во вода, како и со близнаците, идејата за двојник е заедничка за многу земји. Веројатно и изреките како онаа на Питагора: Пријателот е второ јас, или Платоновата: Запознај се себеси, се инспирирани со неа. Во Германија двојникот го нарекуваат Doppelgänger, што дословно значи „двократен одач“. Во Шкотска тоа е fetch, кој доаѓа по човека за да го одведе до неговата смрт; исто така, шкотскиот збор wraith означува појава за која се мисли дека била доживеана од некоја личност во форма на својата сопствена слика непосредно пред да почине. Според тоа, кобна е средбата со себе. Трагичната балада „Ticonderod“ на Роберт Луис Стивенсон зборува за една легенда на таа тема. Потоа тука е чудната слика на Росети („Како се сретнаа самите себеси“) во која љубовниците наидуваат на себе во морничавиот мрак на шумата. Исто така можеме да наведеме примери од делата на Хоторн („Маскарадата на Хоу“), Достоевски, Алфред де Мисе, Хенри Џејмс („Куќа на лакот“), Клајст, Честертон („Огледало на лудите“) и Хорн („Неколку кинески духови“).

Старите Египјани верувале дека двојникот, ка, е човеков точен пандан што чекори сосема како него и носи иста облека. Не само луѓето туку и боговите и ѕверовите, камењата и дрвјата, столовите и ножевите имале свој ка, кој бил невидлив, освен за одредени свештеници коишто можеле да ги видат двојниците на боговите, па затоа овие ги обдариле со познавање на нештата минати и нештата идни.

За Евреите појавата на нечиј двојник не била знак за смрт што претстои. Напротив, тоа било доказ за здобивање со пророчки сили. Така тоа го објаснува Гершом Шолем. Легендата забележена во Талмудот зборува за човек кој, барајќи го Бога, се сретнал самиот себе.

Во расказот на По „Вилијам Вилсон“ двојникот е совеста на главниот лик. Овој ја убива и така умира и самиот. На сличен начин, Доријан Греј во романот на Вајлд го прободува својот портрет и загинува. Во песните на Јејтс двојниците се нашето второ лице, наши пандани, оние што нè надополнуваат, оние што не сме, ниту пак кога било ќе бидеме.

Плутарх пишува дека Хелените го нарекувале кралскиот амбасадор со името Второ Јас.

Превод: Пандалф Вулкански
Извор: Маргина бр. 45, 1999.
Везови на сликите: Michelle Kingdom

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото