Конкурс за краток расказ – БЕГСТВО

25.08.2015 14:04
Конкурс за краток расказ – БЕГСТВО

Издавачката куќа Темплум и порталот Окно распишуваат конкурс за расказ на тема Бегство - Приказни за бегалците, прогонетите, избрканите, авантуристите, несреќните...

Темите можат да бидат секакви, се разбира: од љубовни до политички. Иако главниот поттик да го распишеме конкурсов се брановите бегалци од Блискиот исток што ја заплиснуваат нашата земја, феноменот Бегство нема само територијални или политички конотации.

Расказите треба да бидат напишани на македонски јазик и да не бидат подолги од шест страници, т.е. не подолги од две илјади зборови.

Нема ограничување во однос на бројот на раскази што еден учесник може да ги испрати на конкурсот.

Најдобрите раскази, според проценка на редакцијата на Окно, ќе ги објавуваме на нашиот портал. Исто така, најдобрите десетина автори ќе бидат наградени секој со по десетина книги во издание на Темплум.

Конкурсот ќе трае до 26 септември 2015 година. Победниците ќе бидат прогласени а наградите доделени во првата половина на месец октомври.

Расказите можете да ги испраќате на адресата: konkursbegstvo@gmail.com

Како еден вид урнек и поттик за вашите раскази вчера го објавивме антологискиот расказ на Славко Јаневски, Самураи.
Следниве денови ќе продолжиме да објавуваме нови примери на темата на конкурсот – бегство. Во продолжение, како поттик со поинаква форма, пренесуваме четири раскази од Франц Кафка.


ЖЕЛБА ДА СЕ СТАНЕ ИНДИЈАНЕЦ

Кога само човек би бил Индијанец, за миг подготвен, на впрегнат коњ во галоп, искосен во воздухот, кој трепери непрекинато над растрепереното тло, сè додека не ги отфрли мамузите, бидејќи мамузи нема, сè додека не ги испушти уздите, бидејќи узди нема, и во мигот, штом едвај го наѕре пространството пред себе налик на мазно искосена степа, веќе останува без коњски врат и коњска глава.

НАЈБЛИСКОТО СЕЛО

Мојот дедо имаше обичај да каже: „Чудно, но животот е краток. Сега, кога си приспомнувам на него, тој толку ми се збива што, на пример, едвај разбирам како некој млад човек може да реши да одјава во најблиското село, без страв дека - воопшто не земајќи ги предвид можните несреќни случаи - веќе ни траењето на обичниот живот, кој среќно протекува, ни оддалеку нема да биде доволно за таков еден пат.“

МАЛА БАСНА

„Ах“, рече глушецот, „светот од ден на ден станува сè потесен.“ Отпрвин беше толку широк, што се плашев од него; продолжив да трчам понатаму и бев среќен, кога најпосле, оддесно и одлево во далечината здогледав ѕидови; но овие долги ѕидови толку брзо итаат еден кон друг, така што веќе сум во последната соба, а таму во аголот се наоѓа стапица во која втрчувам. „Треба само да ја смениш насоката на трчање“, рече мачката и го изеде.

ОТКАЖИ СЕ!

Беше сосема рано утро, улиците чисти и пусти, одев на станица. Кога го споредив саатот на една кула со својот часовник, видов дека е многу подоцна од што мислев, морав мошне да побрзам, стравот од тоа откритие ме поколеба по кој пат да тргнам, сè уште не го бев добро познавал градов, но за среќа, во близина имаше некој стражар и јас му притрчав задишано прашувајќи го по кој пат треба да одам. Тој се насмевна и рече: „Од мене сакаш да го дознаеш патот?“ „Да“, одговорив, „бидејќи самиот не можам да го најдам.“ „Откажи се од тоа, откажи се“, рече тој и се сврте со силен замав, како луѓето што сакаат да останат сами со своето смеење.

(Извор: Преобразба и други раскази, Темплум, Скопје, 2007.)

Од досега објавените раскази и прозни текстови на Окно, а кои на некој начин можат да се поврзат со темата на конкурсот, препорачуваме неколку:

Анри Мишо - Ви пишувам од една далечна земја 

Анри Мишо - Во земјата на магијата 

Анри Мишо - Крпа 

Туиавии (самоански поглавар) - Папалаги 

Чарлс Буковски - Најубавата жена во градот

Владимир Набоков - Круг

Јован Бошковски - Човек на покривот

 

Јуриј Мамлеев - Одлетување


Слики: Paco Pomet 

ОкоБоли главаВицФото