1025 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 05:59
До: Град Скопје, Сектор за уредување и просторно планирање
Пред точно еден месец на кејот на Вардар во близина на мостот кај Александар Палас забележан е прекин на велосипедскиот сообраќај. Поставена беше табла на која пишуваше задолжително да се користат скалите на кои не постои рампа ни за туркање на велосипедот, а уште помалку за возење.
После еден месец состојбата е следна:
И покрај импровизираниот знак, велосипедистите не ги користат скалите туку земјениот дел од кејот. Не е ни за очекување децата или други физички помалку спремни лица да ги подигаат велосипедите во раце. Не сите кои се дојдени на кеј можат да подигнуваат велосипеди, но имаат еднакво право да ги возат.
Пријавуваме непостоење на безбедно велосипедско поврзување при прекинот на велосипедската патека поради изградбата на мостот кон Систина.
Со оглед на тоа што градежните работи на оваа локација ќе продолжат уште барем година-две, бараме:
-ако постои опасност по велосипедистите, градилиштето подобро да се обезбеди, огради и означи;
-да се обезбедат рампи за движење на велосипедистите со соодветен наклон за возење (една за качување, една за спуштање, една кај мостот кај Александар Палас, а една после новиот мост) со кои велосипедистите ќе можат да го заобиколат градилиштето, а кои би ги направиле овие два моста пристапни за велосипеди додека трае изведбата и во иднина штом завршат работите.
Велосипедската патека по левиот брег на реката Вардар завршува токму на ова место од другата страна на реката и правењето на мостот пристапен за велосипеди, би го направилo и самиот мост покорисен за граѓаните, зашто би го поврзале завршетокот на патеката од левата страна со пофреквентната десна страна. Со тоа и левата страна би била покористена.
Ве молиме за најитно решавање на овој проблем, за да се овозможи безбедно сообраќање во најкраток можен временски рок.
Апелираме на местата на кои се прекинуваат велосипедските и пешачките патеки поради изведба на градежни работи да се обезбедува алтернативна патека. Апелираме со соодветни правила за обезбедување алтернативен пристап да се оневозможи да се повторува проблемот во иднина.
Со почит,
Неформална група на велосипедисти НаТочак
Извор: natochak.blogspot.com