Надгробен блуз

19.03.2010 12:05
rock-roll-bob-dylan1.jpg

„Нема да работам на фармата на Меги повеќе
О не, нема да работам на фармата на Меги повеќе
Па, се обидувам најдобро што можам
Да бидам тој што сум
Но сите други сакаат
Да бидеш, баш ко нив
Пеат дури ти робуваш и јас се досадувам
Не нема да работам на фармата на Меги повеќе“

Maggie's Farm, Bringing It All Back Home


Младичот Роберт Зимерман се чувствува како паднат од небо. Не остава траги зад себе, не ја чувствува тежината на минатото, а неговото име се чини како да е составено од гол воздух. Тој зачекорува и бавно се приближува до вратата на една блиска полициска станица. Годината е 1962. Пред да влезе Зимерман се врти кон нашата замислена камера и вели:
„Си се родил, знаеш, погрешни имиња, погрешни родители... Мислам, се случува и тоа. Ќе си се викаш како што ти си сакаш да си се викаш. Ова е слободна земја“ – а потоа влегува внатре. „Пречкртајте го името. Нека биде Боб Дилан.“

Новото име на младиот човек од Минесота наеднаш станува зачудувачки звучно. Неговите зборови и мелодии се покажуваат како совршени за тогашниот американски етер и зачадениот воздух во малите кафе барови низ Њујорк. Луѓето ги вртат главите кон него, а уште истата година тој го пречекорува Атлантикот лесно како пердув и со зачудувачка брзина стигнува во Велика Британија. Битлси се импресионирани од младиот бунтовник со акустична гитара на која Вуди Гатри напишал: „Не сум мртов, сè уште!“

Изминува кратко време и луѓето овојпат ги вртат и телата кон новиот пророк за да не им остане и вратот вкочанет. Нацијата врие, сите бараат одговор... Во сиот тој хаос повторно камерата:
„Човеку, во ветрот е – и струи низ него. Премногу од овие хипи луѓе ми кажуваат каде е одговорот, но јас не сакам да верувам. Повторно, велам, одговорот е во ветрот и... Но неволјата е во тоа што кога ќе се симне, малку луѓе го гледаат и го знаат... па тој повторно лета... Јас имам 21 година... Вие луѓе над 21, вие сте постари и попаметни...“

Боб Дилан полека ја губи приватноста и рамо до рамо со до уши заљубената Џон Баез, маршираат до Вашингтон. А таму сите имаат сон. Сон кој тешко се остварува ако смееш да чекориш само едно поле напред. Црнците стануваа главниот дрвен агрегат од кој се прават пиони за играта на мајсторите на војната која е во полн ек. Гробови насекаде.

Годината 1963 прета со крајот од опашот токму кога Дилан, случајно во еден од темните агли на амбарот, го гледа правото лице на Меги. Јавно застанува и плука врз старите и ќелави „фармери“ и со половина тело влегува во слатките просветени води на славниот американски рокенрол.

1965 година, Њу Порт Фолк Фестивал. Вооружениот Боб, кој во своите џебови чуваше тегли цинизам, наеднаш како да се наоѓа на Монмартер во 20-те, станува блуз надреалист. Се чини, малкумина го разбираат неговиот гнев и лириката во која, како во огромна сложувалка, место си наоѓаат бројни ликови од историјата. Тој свири како никогаш дотогаш. Овојпат на струја. Пријателите сакаат да му ги отсечат каблите и да го остават само со акустичната гитара на која натписот на Гатри полека бледнее. Тоа не се случува и само после три песни Дилан заминува од сцената проследен од викањето на гневната толпа. Но тој не потклекнува на вкусот на тогашната публика и уверен повеќе од кога и да е дека тука создава историја, заминува на пат преку Автопатот 61. После патувањето благословен и од Ален Гинзберг целосно нурнува во светите водите на поп културата.

Па така, додека градските татковци се обидуваат да го реинкарнираат коњот на Пол Велер, а Џек „Риперот“ лежерно се врти во фотелјата на Трговската комора, Боб Дилан од петни жили се обидува да докаже дека фолк музиката може да биде електрична, или барем дека истата таа нова музичка „кованица“ од блуз, рокенрол и надреализам е подеднакво силна да се води рамо до рамо со претходниот акустично „протестен“ звук. Се разбира, тие на кои им е упатено сето тоа со „Томово“ неверство го гледаат бледиот лик на поетот со стратокастер и притоа, дрско не помислувајќи на времињата кои се менуваат, собираат сили дури и да му јават дека ќе го застрелаат. Публиката се однесува како некој да пуштил тешка драперија пред нивните очи и аплаудира само кога Дилан ќе се доближи до неговата акустична гитара.

И така, музиката која после само некое време ќе биде прогласена за ремек-дело, сега смрди. Новинарите доаѓаат со прашања, заминуваат со одговори за кои немаат никаква идеја како да ги сместат низ нивните стерилни параграфи. Поетот набавува камера и за секој „пукот“ на фоторепортерскиот апарат, враќа со иста мера.

Мр. Џонс: Тие кажуваат дека ти мора да си врвниот битник?

Боб Дилан: Што мислиш ти? А? Нема да кажам никому што си кажал. Што мислиш?

Мр. Џонс: Сакаш мој личен коментар?... немам став во врска со тоа.

Боб Дилан: Добро, зошто е тоа така?

Мр. Џонс: Затоа што не сум те слушнал како пееш, всушност...

Боб Дилан: Ти имаш многу контакти / Помеѓу дрвосечачите/Кои ги собираат твоите факти/ Кога некој ќе ти ја нападне имагинацијата/ Но никој нема никаква почит/ А сепак очекуваат/ Сите ние да дадеме чек/ На даночно ослободените добротворни организации /Ти си бил со професори/ И тие сите го сакаат твојот изглед/ Со големи адвокати/ ти си разговарал за лепрозните и болните/ Си ги поминал сите книги/ на Скот Ф. Џералд/ Ти си најчитан/ тоа го знаеме. Но нешто се случува тука/ А ти не знаеш што е тоа/ Знаеш ли Мистер Џонс?

Малку по малку работите стануваат хаотични. Боб Дилан, „баксузен“ како палчето Том, со блузот во своите чевли завршува со здрвено тело токму како во неговите песни. Ангели пристигнуваат од брегот, но за разлика од оние Ерофеевите – овие завршуваат како духови.

Британија. Камера. Акција.

Поетот, растргнат помеѓу сè уште ненаштиманиот вкус на публиката, го дели своето шоу на два дела. Едниот акустичен, другиот високо волтажен, па така, првиот час публиката го добива месијата на сцена, а веќе следниот час истиот тој е Јуда кој ја бакнува својата акустична гитара и ја остава на страна. После долгите напорни расправии со светот, турнејата завршува.

29 јули, 1966 година. Патот близу сеуште неславниот Вудсток. Од далечината доаѓа мотор и наеднаш се случува несреќа. Дилан завршува во болница. Поетот е роден. Останатото е историја.

На 4 јуни Боб Дилан доаѓа во Скопје. Да се надеваме дека ќе го пречека вистинската делегација.

А во меѓувреме се очекува и

А во меѓувреме се очекува и првото македонско издание на писателот Дилан - неговите мемоари, насловени како Хроники, во моментов се преведуваат на македонски. Можеби ќе биде расположен и за давање посвети, којзнае..

слушнав за тоа. кој ја

слушнав за тоа. кој ја преведува?
лошото е што на последните снимки од турнеата звучи катастрофално. неможе здив да земе... али да се надеваме дека се ќе биде ок.

Дилан ретко кога звучел добро

Дилан ретко кога звучел добро во живо, освен во онаа рана акустична фаза.
Книгата ќе биде во издание на ТРИ 

Нека бекне некој од

Нека бекне некој од почитувачите на делото!
Само за Блејк и Шекспир да се знаело на таа преведувачко-толкувачката катедра. (Каааај си, бе, Драги Михајловски, бее...)
За срамење сме ако неколкумина од таму не застанат зад првокласноста и рафинираноста на идниот (ако не е веќе завршен) превод на мемоарските хроники.
Нека не бидат хронични мемории...
А чајлд фром б'рт, ејмен ту дет!

Си се родил, знаеш, погрешни

Си се родил, знаеш, погрешни имиња, погрешни родители... Мислам, се случува и тоа. Ќе си се викаш како што ти си сакаш да си се викаш. Ова е слободна земја“ – а потоа влегува внатре. „Пречкртајте го името. Нека биде Боб Дилан.“ ivf center in new york

 

  Македонија може да извезува

 
Македонија може да извезува блуз? Блуз во Македонија? Блузот не потекнува од Македонија. Мора да беше пијан кога го изјави тоа resume!

 
 

ОкоБоли главаВицФото