Популизмот и демократијата

27.08.2015 09:55
Популизмот и демократијата

Револуцијата е насекаде. Голем пресврт. Сè уште не знаеме дали нејзиниот исход ќе биде добар или лош. Нејзин медиум е интернетот. Како секоја револуција пред неа, и оваа има свои цели и жртви. Целта е обнова на демократијата. Жртва е политичкиот центар. Не треба да го жалиме. Германија, заспаниот џин во срцето на Европа, надоаѓачката бура ја гледа како благо ветре. Да се надеваме дека и тука наскоро ќе стигне свежиот воздух за да го проветри овој застоен систем на политичкиот центар.

Мислам дека е добро што сè помалку луѓе читаат весници. Таму може да се прочита дека Ангела Меркел веќе победила на следните избори и дека СПД воопшто нема намера да истакне свој кандидат за канцелар. Германија покажува дека демократијата може да изврши самоубиство. Нашиот проблем е што сме ја помешале стабилноста со апатијата. Оваа несреќа има свое име – политички центар.

Политичкиот центар е место за политичка корупција. Демократијата умира во него. Лесно забораваме дека на Запад не живееме во чиста демократија, туку во мешовити државни форми каде власта ја вршат претставниците на народот и новите аристократии, што бара постојано одржување рамнотежа на силите. Меѓутоа, аристократските елити во компаниите, финансиите и управата сè повеќе се извлекуваат од демократската контрола.

Францускиот конзервативец Филип Сеген вели: „Таму каде што постои демократија сè помалку се одлучува, а таму каде повеќе се одлучува, напротив, нема демократија.“

На демократијата ѝ го зедоа животот токму политичарите од центарот со својот аргумент дека нема алтернатива. Дури и конзервативните мислители, како што е Херфрајд Минклер, признаваат дека доминацијата на политичкиот центар во германскиот повеќепартиски систем како последица го има ограничувањето на политичките програми и идеи: „Станува збор за стеснување на политичкиот хоризонт“.

Да, германската политика има мал хоризонт. Под оловното небо „без алтернатива“ венее демократијата. Кога промената на власта веќе ништо не може да промени, ни останува само на таа иста власт да ѝ го завртиме грбот или да се бунтуваме против целиот политички систем. Што токму се случува.

„Чувствуваме дека не е сè како што треба, иако ни изгледа дека е“, неодамна објави Die Zeit. Важна и поразувачка реченица. Ситуацијата е навистина сериозна кога и водечките медиуми со германска надменост ќе забележат дека постои незадоволство меѓу граѓаните.

Неодамна Die Zeit се згрози од сатиричните емисии на германската телевизија: „Тие со голем успех ги одобруваат најниските пориви и со тоа ја поттикнуваат недовербата кон системот. Изгледа дека на сатирата ѝ е дозволено сè. Може да биде злобна, еднострана и цинична, но кога ќе продре од маргините во срцето на општеството, тогаш тоа повеќе зборува за целото општество отколку за сатирата“.

Досега во Германија никој не успеа да го претвори тоа незадоволство во успешна политика. Алтернатива за Германија и антиимигрантското движење Пегида претставуваа бунтот на немоќните, ренесансата на незадоволните. „Не“ кај нив беше единствена движечка сила. Интернетот, кој во другите земји беше извор на протест, во Германија ја создаде пропаднатата Пиратска партија.

За разлика од Германија, во Грција и Шпанија се создадоа нови прогресивни левичарски движења, додека во Англија се случува нешто нечуено. Лабуристите на конгресот во септември би можеле да изберат еден вистински левичар за лидер. Човек кој сака да го укине атомското вооружување и да излезе од НАТО. За него, задолжувањето не е ѓаволска работа, а приватизациите не се единствен лек за сè.

Тој и кон надворешниот изглед се разликува од хероите во одела од модерните европски партии на центарот. Џереми Корбин носи брада и се облекува лежерно: изгледа како наставник по граѓанско воспитување. Со децении е член на британскиот парламент, никогаш не извршувал важна функција, но затоа секогаш бил против кога лабуристите се подготвувале да направат некоја свињарија, без разлика дали војна или приватизација. Интернетот го обожува. „Хаштагот #JezWeCan се појавува на Твитер на секои 25 секунди“, известува Гардијан.

Во Италија, Движењето пет ѕвезди на сатиричарот, кловн и активист Бепе Грило со помош на интернетот го заврте целиот политички систем наопаку, освојувајќи на парламентарните избори во 2013 година дури 25 проценти од гласовите. Грило демонстративно држи дистанца кон институциите. Тој управува со своето движење преку интернет. Францускиот политиколог Жак де Сен Виктор го нарекува Грило „оружје за масовно уништување и освојување на јавното мислење“.

Виктор е либерален конзервативец. „Антиполитичкото“ е наслов на неговиот есеј во кој жали заради создавањето нови политички сили на интернет. Конзервативците се згрозуваат од интернетот, неговиот груб тон, можноста за заедничко одлучување и ризикот од манипулација.

Популизмот е аларм со кој конзервативниот естаблишмент го вклучува алармот пред новите закани. Но, тоа не е точно. Популизмот ги ослободува силите кои се неопходни за обнова на истрошениот систем. Политичарите од центарот не разбираат што се случува. Ниту го чувствуваат тоа.

Извор: http://www.spiegel.de/

ОкоБоли главаВицФото