Сторија на Сител: Груевски беше во веце и ги слушна своите потреби

27.08.2015 17:02
Сторија на Сител: Груевски беше во веце и ги слушна своите потреби

Скопје, 27 август, 2015

Македонскиот премиер Никола Груевски денес околу пладне го посетил тоалетот во својот дом, каде се запознал со своите физиолошки потреби и веднаш потоа ги извршил, јавува Сител телевизија.

„Во присуство на високи владини функционери и министри, по извршувањето на физиолошката потреба беше пуштена и вода од новото казанче, кое премиерот пред две недели најави дека ќе го вгради во својот тоалет“, известува Сител.

Соседите на Груевски ја поздравиле неговата ефикасност и изразиле одушевување од брзината со која го извршил ова ветување.

„Знаеме дека господинот Груевски обично си стои на зборот, но не очекувавме дека таков ќе биде буквално за сè. Вчера најави дека денес околу пладне ќе оди во тоалет за да си ги слушне потребите, и веќе го направи тоа. Се гледа кој остварува“, одушевено коментира една сосетка на премиерот.

Пред неговата зграда веќе се собраа поддржувачи кои со ракоплескање го пречекаа и му подарија неколку пакети тоалетна хартија.

Според сознанијата на телевизија Сител, премиерот исто така го отворил прозорецот од тоалетот по завршувањето на нуждата.

Слика: Свирачиња