Култура според провинциска мерка

28.08.2015 14:37
Култура според провинциска мерка

1.

Еве и јас, како и Геровски, сакам да си ги проширам видиците, па ме интересира „колку треба да си потплатен, или уценет со фотографии …“ на коишто се случува не-знам-што, за да толку си ја мразиш културата, а со тоа и државата, се разбира. И со што се потплатени тие луѓе, која е нивната цена, или што тоа направиле за да уценувачите ги држат трака цврсто в рака па овие не можат да мрднат односно не смеат да го одречат велепредавството кон сопствениот народ и држава уништувајќи им го најсветото – културата? Или, можеби, културата не е приоритетна во оваа држава, можеме ние и без неа како што можеме и без многу други (за цивилизираните народи важни) нешта како морал, етика, хуманост, чест …?

Или, можеби, во културата и не се толку замрсени работите како што изгледа, како во другите (поважни) државни сектори зашто тука, во културата, нештата се веќе јасни како ден, а прилично е јасна и (не)одговорноста? Иако таа, (не)одговорноста, беше / е’ прилично јасна и во случајот Куманово, или „Диво насеље“, на пример, ама таму, колку што видовме, барем имаше одговорност, па нека е и фингирана. А има ли (не)одговорност во мигрантската криза, или во армијата со крпени униформи, или во загубените животи во тетовско … или и тука ќе се мислат кој и за што (би) бил (не)одговорен, и тоа во некоја од паузите при отворањето на „новите“ прозорци низ државава на едниот, или сладењето со пастрмки во ладовините на Охрид, на другиот?

2.

Повторно, за среќа, во културата (не)одговорноста е потранспарентна и е лоцирана кај еден и само кај еден човек – министерката за (не)култура! И Министерството за (не)култура! Одговорноста на целата Влада се подразбира, но таа е некако посредна, индиректна зашто конците по правило ги влече првиот човек на ресорот. И затоа тука нема многу премислувања во некакви и нечии потплатувања или уцени, со или без фотографии или некакви други заебанции. И затоа нема друг субјект кому би се упатило прашањето: немаше ли подобар начин да се потрошат народните пари за стимулација на домашната забавна „музика“ од онаквото безмилосно расфрлање по џебовите на локалниве провинциски „ѕвезди“? Зашто, веќе втора година овој вид „стимул“ на домашната забавна „музика“ (ако некому не му се јасни наводниците нека се јави, ќе му објаснам!) служи, да простите, за подбив и заебанција дури и помеѓу нашиве „ѕвезди“, но парите упорно се истураат небаре ги имаме отповеќе.

И не е последниов случај со македонскава „музика“ само уште еден спорадичен инцидент, туку е само потврда на правилото што во континуитет трае во македонската култура цели девет години, без прекин. Секоја т.н. годишна програма, секоја т.н. манифестација, секој т.н. проект е изблик на малограѓанската македонска некултура, производ без стандард и критериум, објава на локалниот провинциски менталитет за којшто сите веднат глава како да ни е тоа наметнато од некои други. Последниов случај со македонскиве естрадни „ѕвезди“ на нашево темно провинциско небо кои никој нит ги знае нит ги познава вон границите на Табановце и Гевгелија е само уште еден во низата државни дисквалификации на вистинската македонска култура, уште еден грозоморен чин на невкус и омаловажување на творечкиот чин во оваа земја.

3.

Впрочем, на кој, каков и (конечно) чиј невкус повладува ваквата културна „политика“ на македонското Министерство за (не)култура? Ако фамозниот самонаречен проект „Скопје 2014“ беше израз на невкусот односно кич вкусот на Главниот архитект и неколкумина околу него, а нè чинеше околу 600 милиони евра, чиј е овој провинциски културен кич што од година в година арчи огромни суми пари и создава ненадоместиви некултурни дупки во свеста на младите? Ако „госпожата“ министерка дома ги слуша токму овие македонски „ѕвезди“, мораме ли и ние, мораат ли и нашите деца, внуци …? Ако оваа некултурна односно кич-културна македонска политичка врхушка се одушевува само на турбо фолкот и плагијатот, на ефтините стакленца и џиџи-миџи панаѓурски „спектакли“, мора ли цела држава да ја малтретираат со тоа? Која и каква е таа современа македонска (не)култура што се мери со самата себеси, од северната до јужната, од источната до западната граница? И кому тоа му раскажуваат приказни за гости (па дури од Франција!) кои специјално доаѓаат на „Охридско лето“? Па ако навистина има такви, барем еден, нека му платат престој во Охрид цела божја година. Заслужил човекот! А впрочем, по тоа ли се мери успешноста на еден фестивал? И од кога тоа токму „Охридско лето“ се наредило во редицата на реномирани европски фестивали, како што сака да нè убеди фестивалскиот менаџмент? Со што? Баш со гостинот Франција? Знае ли оваа македонска (не)култура што всушност денес значи современ фестивал од тој тип? Или ние не поставуваме такви глупави прашања. Ние за сè имаме наш одговор, наша мерка. Оној / онаа од Табановце до Гевгелија!?

Ние впрочем веќе не поставуваме ни други глупави прашања од типот што тоа значеше добра современа изложба, добар филм, добра претстава … Ние веќе не знаеме ни што е тоа добра културна институција! Нашето добро се замени со нивното „добро“ односно со нивниот кич со којшто нè трујат секој божји ден. Културниот кич, паралелно со политичкиот и кичот и во сите други општествени пори во оваа земја, се инсталираше директно со државни средства и помош од највисоките државни институции, вклучувајќи ја тука и МАНУ.

4.

Македонија никогаш во овие седумдесеттина години самостојност немала ваков неписмен, кич-културен, необразован културен естаблишмент. Дури ни во првите години по 1945-та, кога на прсти се броеле факултетски образованите граѓани. Дури и тогаш постоела светст за потребата од културно описменување, од културно осамостојување но во релација со светот, а не со самите себеси или, уште полошо, со најнеписмените меѓу нас. Македонија никогаш порано немала вакви самоубиствени политики во културата што ја ставаат во редот на најрегресивните држави во Европа. И тоа нема никаква врска ни со лошата економија, ни со немањето странски инвестиции, ниту пак со некакви глобални или регионални заговори и геополитички срања на некои наши „аналитичари“. Тоа има врска со писменоста, со образованието, со културата, со способноста да се носиш со светот или – да останеш сам, на дното, во калта, во кичот и лажното злато што некој сака да ни го претстави како култура!

Слики: Virginia Mori 

Извор:teodosievskiumetnost.wordpress.com

 

ОкоБоли главаВицФото