ЕКСПО 2014

19.03.2010 12:36
19-03-2010-Korobar.jpg

Не знам со сигурност зошто го пишувам овој текст. Ми се чини сосем непотребен. Оние кои гледаат немаат потреба од него. Уште помалку им е потребен на оние кои не сакаат да видат, зашто тие ниту сакаат да видат, ниту да слушнат, а уште помалку да прочитаат.

Веројатно го пишувам заради самиот себе. Во тој себичен гест можеби сепак некој од читателите ќе пронајде аргумент повеќе за да го поткрепи сопственото гледање. Не да го промени. Кај нас гледиштата примарно се темелат на априорни ставови кои по правило се градат на (пред)убедувања, а помалку на аргументи.

Изминативе недели сведоци сме на исклучително широка расправа за изгледот на главниот град по четири години, или поточно на крајот на следниот изборен мандат. Одамна немало тема која поттикнала толку многу реакции. Тој интерес би требало да биде разбирлив зашто се работи за слики од нашето идно секојдневие и за простори кои нема да можеме да ги одбегнеме.

Не дека и порано немало причина за вака жестока расправа за патеката по која се има запатено архитектурата кај нас и особено архитектурата која го има печатот на „званична“ архитектура, но досега никогаш не постоела алатка која на сите со подеднаква сигурност би им го овозможила правото да се чувствуваат безбедно, и премостувајќи ја стручната езотерија, да се изјаснат за идниот изглед на центарот на градот. Овој пат таа алатка е тука - дигиталната слика која поттикнува, провоцира, создава сигурност дека компјутеризираната визелна поткрепа е доволна за компетентно просудување.

И разбирливо добивме исклучително широка бројка на повикани, заинтересирани, испровоцирани, поттикнати и други кои ги изнесоа своите ставови во печатените и во електронските медиуми, во кибер-просторот на социјална комуникација, на панелите на стари и нови невладини организации.

Со право може да се тврди дека за ниту еден проект досега не е водена вака широка расправа со толку многу учесници. И нема ништо пологично од тоа за еден вакoв зафат да се водат широки, остри и прегреани расправи. Централно градските простори никого не оставаат рамнодушен. Тие се олицетворение на градот, а кога градот е главен, тие се олицетворение на државата.

Она што ја турка оваа расправа на работ на гротескното е инсценирањето на демократска расправа за идниот изглед на центарот на градот. Расправите треба да се водат пред, а не потоа. Денес се разговара за проект од чија слика три четвртини се веќе запечатени: заради објектите што се скоро изградени, заради објектите што се градат, заради објектите кои се непосредно пред изградба, заради спомениците кои се излиени, но чекаат погоден момент да бидат обнародени, заради спомениците кои се леат, заради спомениците кои се подготвени за леење, заради централниот градски плоштад низ кој едвај може да се помине.

Начинот на кој се води целата расправа е во спротивност на она што е потребно. Секој изнесен став се политизира, а секој актер во расправата се контејнизира што неминовно доведува до релативизирње на стручните ставови.

Не ги знаеме или барем не ги видовме ниту авторите на овој план кои ќе ги образложат и одбранат урбанистичките аспекти на предложеното решение, а не модните преференции на власта во архитектурата. Видовме само скулптори кои зборуваат за сопствените скулптури и архитекти кои зборуваат за одделни објекти или, поретко, архитекти кои ја бранат целата концепција, но притоа, за да го сочуваат сопствениот професионален дигнитет, не се согласуваат со делови од предлогот, а особено со триумфалната порта. Па токму триумфалната порта е епитомизација на целиот проект! Таа е врвот на ледениот брег што го оформуваат сите други објекти. Таа е вистинскиот одраз на духот на времето, на моќта на една политичка структура горопадно да ја наметне сопствената визија за белезите на нашето време, колку годе тие да се произволни, бесмислени и смешни.

Во својата бележита книга „Архитектурата, моќта и националиот идентитет“ авторот Lawrence J. Vale наведува три начина на кои архитектите одговараат на предизвикот на проектирање на државни објекти во кои инхерентно е опфатен аспектот на политичко претставување. Проектот за 2014 влегува во вториот можен пристап кога архитектите „наглавачки“, со употреба на иконографски пастиш, ги третираат објектите како визуелизиран микрокосмос на нацијата на која ѝ припаѓаат, најчесто користејќи некоја од традиционалните иконографии. За жал, овој пристап пред сè е обележје на времиња и простори на кои не им припаѓаме или, барем декларативно, не сакаме да им припаѓаме.

А, не е дека немавме примери од кои можевме да поднаучиме. Оној што ја здогледа куполата на германскиот Бундестаг, сигурно не знае дека непосредно пред унификацијата СРГ изгради нов, современ објект на Бундестагот во Бон. Стаклената купола на Бундестагот е историски втемелена, а не е произволна и предимензионирана како нашата. Кога во 1999 година Шкотска го доби својот парламент, изгради нов објект што го проектира еден каталонски архитект. Не ја пре-пишуваа сопствената историја. Сакаа да испишат нова страница.

За да се препознае полесно, проектот за 2014 може слободно да се преименува од Скопје 2014 во ЕКСПО 2014. Светските изложби познати под името Експо, во архитектонските кругови се познати како архитектонски зоолошки градини. Таа компарација во целост му одговара на нашиов проект: многу различни објекти (видови), изградени (собрани) во релативно краток период, поставени (притеснети) едни покрај други, без својот вистински контекст, создаваат една артифициелна состојба која треба да го симулира она што го нема.

За жал, сликата од 2014 е вистински одраз на времето по која некои идни генерации ќе судат за нас. Не сме ни свесни колку архитектонските објекти и случувања можат јасно да говорат за времето и неговата политичка и општествена клима. Еден бугарски аналитичар кога ни по третиот обид не успеаја да го срушат мавзолејот на Г. Димитров напиша дека тој е вистинска слика на тогашна Бугарија - дополу разрушена и малку навалена кон лево. Самиот настан и случувањата на 9/11 се уште една потврда за тоа дека архитектонските градби содржат невиден потенцијал да изразат различна симболика кога стојат, кога се рушат и кога ги нема. Некој иден аналитичар по сликата од 2014 ќе може да заклучи дека сме живееле во време загледано во минатото, со малку чувство за значењето на просторот, со уште помалку чувство за толеранција и за мерката до која нашите зафати смеат да го узурпираат просторот на идните генерации.

Една од повиканите упати алиби покана да се даваат сугестии и предлози кои би можеле да се вградат во проектот 2014, како да не станува збор за веќе „затворен“ проект. Во исто време е распишан конкурс за катна гаража во центарот која, покрај прецизно дефинираните технички решенија за механичко гражирање на возилата, треба да биде облечена во некој од омилените нео-модни стилови на власта. И иди сега предложи подобрување... Добро е што некој ја спомна 2018, односно вториот иден четиригодишен мандат, како поместување на временската рамка за реализација на проектот. Така сè ќе остане во малиот ринг, инаку на ред е големиот ринг.

Слики: Ерик Вајт

Инаку авторот на текстов е

Инаку авторот на текстов е професор и поранешен декан на Архитектонскиот факултет

Честитки за елоквентниот и

Честитки за елоквентниот и добро избалансиран текст на авторот В. Коробар, на темата која сите нас како професионалци и како граѓани силно не засега.
Сметам дека се повеќе треба да има вакви авторски и потпишани текстови, посебно од нас професионалците т.е. архитектите, урбанистите,  критичарите на архитектурата и уметноста и историчарите на уметноста.
Го поздравувам овој придонес кон де-вандализацијата и превенцијата од архитектонско-урбанистичка циркус-изација, не само на Скопје, како главен град, туку и на сите македонски градови во кои повеќе или помалку се случува или ќе се случи ваквата верижна реакција на анахронизам, дехуманизација и шизофренија на јавните простори и сликата на градот.
Сликата на градот е сликата за нас самите, а пораките кои ги праќаме со ваквите проекти, се огледало на нашиот национален идентитет и отпечаток за идните времиња и идните генерации.
Следствено на тоа останувам со отворени прашања:
Каква е нашата колективна слика за самите себе?
Каква слика упатуваме кон светот?
И конечно, каква слика оставаме за нашите идни генерации, според која ќе не паметат?

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Јавни простори / Живот
Активизам / Јавни простори / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото