What Happened, Miss Simonе?

31.08.2015 12:36
Храбрата, жестока џез дива која беше спремна да оди до крај

Документарецот What Happened, Miss Simone? Нина Симон ја прикажува, меѓу другото, и како голем борец за слобода и за граѓански права.

Ова е исклучително успешна година за рок документарците. Прво го видовме „Мontage of Heck“, првиот авторизиран документарен филм за фронтменот на Нирвана, Курт Кобејн. Иако повремено ја следи вистинската хагиографија, бидејќи е работен под палката на неговата вдовица Кортни Лав и ќерката Франсис Бин, не може да се оспори визуелната атрактивност на прекрасните анимации и ексклузивноста на никогаш претходно видените приватни снимки на некогашниот кралски гранџ пар.

Филм за кој сепак најмногу се зборуваше оваа година е документарецот на режисерот Асиф Кападија, авторот, помеѓу другото, на извонредниот документарен филм за трагично починатиот возач на Формула 1, Ајртон Сена; филмот за Ејми Вајнхаус едноставно е наречен „Ејми“. По малку во сенка поради овие два филма помина уште еден интригантен и добро направен документарец за генијалната, а можеби и по малку заборавена голема џез пејачка, Нина Симон.

„What Happened, Miss Simone?“ е филм на Лиз Гарбус, режисерката која зад себе веќе ги има документарците за шаховскиот велемајстор Боби Фишер и за Мерлин Монро, а премиерата ја имаше на минатиот Sundance. Филмот е направен во продукција на компанијата „Нетфликс“, а пред телевизиската публика стигна пред нешто повеќе од еден месец. Мал дел од документарецот се содржи и играни материјали, ефектно вклопени со архивските, а овде како снимател е потпишан соработникот на „Нетфликс“ – Игор Мартиновиќ, хрватскиот снимател кој е потпишан и во серијата „Куќа од карти“.

„Вие не ме разбирате“

Филмот почнува со снимка од настапот на Нина Симон на познатиот „Montreaux“ џез фестивал во Швајцарија, во 1976 година, на кој присуствувала и авторката на филмот. Седејќи, со клавирот пред себе, уморната дива ѝ се обраќа на публиката со овие зборови: „Вие мене не ме разбирате, вие не сфаќате што значи кога велам дека сум уморна... Ова е мојот последен настап на некој џез фестивал“.

Документарецот на „Нетфликс“ е предводник на бранот новоразбуден интерес за брилијантната музичарка. Тукушто е објавен и трибјут албумот, а во продукција се и два играни филма за Нина Симон. Во филмот „Нина“, кој во кината се очекува до крајот на годината, харизматичната пејачка ја глуми актерката Зои Салдан.

Откако „Нетфликс“ пред повеќе од еден месец го пушти својот филм во јавност, како да испарија само лошите нешта – податокот, на пример, дека Нина Симон ја злоупотребувала својата ќерка, што е последица на фактот дека и таа била злоупотребувана од сопругот, поранешниот полициски службеник, Ендру Строуд, кој бил и нејзин менаџер. Тоа предизвикало остри критики за филмот преку кои ѝ се замерувало на авторката поради тоа што големата афроамериканска музичарка ја претставила низ предвидливата парадигма на насилството кое непрестајно се врти во круг.

Очигледно е дека документарецот на Гарбус не ја дава сеопфатната слика на веројатно една од најинтригантните музичарки на минатиот век, но дава доволно интересен и на моменти навистина потресен увид во еден голем и трагичен живот. Она што барем мене ми беше најинтересно, е потенцирањето на Нина Симон како борец за граѓански, односно црнечки права. Нејзиниот активизам во голема мера влијаел на нејзината музичка кариера и во еден период потполно ја обземал.

Нина Симон била храбра, жестока, неподготвена за компромиси, одлучна да оди да оди до крај, дури и кога тоа било непотребно. Времето покажува дека нејзиното, на моменти и екстремно однесување кое често се движело меѓу интензивна среќа и трагична меланхолија, било во суштина последица на биполарното нарушување кое во еден период ѝ било дијагностицирано, па остатокот од животот го поминала под влијание на навистина силни медикаменти.

Во филмот исто така имаме прилика да видиме снимка од интервју кое уморната дива го дала во својот дом во 90-тите години во Јужна Франција. Разочараната пејачка САД ги напуштила уште на почетокот на 70-тите. Некоја ангажирана новинарка, во една прилика ја прашала каде е според неа сега движењето за граѓанските права во Америка. „Не постои веќе движење за граѓански права. Веќе нема никој. Веќе нема причина да ги пеам оние песни, ништо не се случува“, резигнирано одговорила госпоѓица Симон. Пред да се досели во Европа, Нина Симон поминала неколку години на Барбадос, две во Либерија, а кога останала бес скршен денар, дошла во Париз, пеела во некои запуштени и зачадени локали за проретчена публика.

Класична пијанистка

Нина Симон била музичко чудо од дете. Родена како Јунис Кетлин Вејмон во 1933 година во Северна Каролина, од мала покажувала неверојатен талент за музика. Се школувала во училиште за класична музика и нејзина голема желба била да стане првата црна пијанистка која ќе настапи во Кarnegie Hall. Како џез, соул пејачка, никогаш не престанала да жали што не инсистирала на кариера на класична пијанистка. Но, образованието за класична музика на најдобар можен начин го направила составен дел од својата поп виртуозност, станувајќи веројатно една од најголемите интерпретаторки на популарна музика на сите времиња. Многу често нејзиниот алт е болен до солзи и на моменти, додека ја гледаме на сцената, покрај клавирот, со секогаш отсутниот поглед, како пее целосно внесена во музиката, тешко е да се одвратиме од поривот за плачење.

Рамката на филмот ја чинат контроверзите околу нејзината песна „Mississippi Goddam“ која претставува нејзина реакција на убиството на Медгар Еверс и бомбашкиот напад на баптистичката црква во гратчето Бирмингам во Алабама, во 1963 година, каде што загинаа четири црни деца. Од тој момент почнува нејзиниот страствен активизам кој беше потенциран и со фактот дека нејзин прв сосед бил Малком X, контроверзниот црнечки борец за граѓански права. Така Лиса, ќерката на Нина Симон, во филмот се потсетува на детството поминато со големото семејство на Малком X.

Славната пејачка била дел од сите историски случувања во 60-тите, а нејзината веројатно најпозната песна од тој период, која станува и национална химна на црна Америка е „To Be Young, Gifted and Black“. На своите јавни настапи и концерти, Нина не ги исклучувала дури ни повиците за насилство како легитимен начин во борбата за граѓански права. Но, нејзиниот жесток активизам полека ја уништувал нејзината музичка кариера, радиостаниците почнале да ја бојкотираат, а таа самата навлегла во мрачниот вител на насилството, разочарувањата и неуспехот.

Но, покрај сè и после сè, останува музиката и неповторливиот глас на Нина Симон. Посебно впечатливо во документарецот е сведоштвото на нејзиниот гитарист Ал Шакман кој непрестајно ја нарекува „своја сестра“. И самиот врвен музичар, во комбинација со пијанистичката виртуозност на Нина Симон, како и нејзината убиствена вокална меланхолија, ни ги подарија некои од најубавите музички моменти на минатиот век, почнувајќи од „I loves you Porgy“ на Џорџ Гершвин, до неверојатно енергичната и заразна интерпретација на „Ain’t Got No… I’ve Got Life“.

Својата депримирана сестра, Шакман ја кренал на нозе во 80-тите години на минатиот век, па почнала повторно да одржува концерти низ Европа, но по сопствен избор се задржала на работ на музичките случувања, никогаш повеќе не доживувајќи голема слава како онаа од крајот на 50-тите и почетокот на 70-тите години во САД. Повеќе од десет години после нејзината смрт (почина во 2003 година), дојде време повторно да го свртиме вниманието на наследството на „високата свештеничка на соулот“ (High Priestess of Soul).

Документарецот „What Happened, Miss Simone?“ е одлична увертира во мисијата за заживување на меланхоличната религија на Нина Симон.

Извор: Globus

ОкоБоли главаВицФото