Филмовите со кои го опишував груевизмот (9 - Идеологија)

31.08.2015 12:41
Филмовите со кои го опишував груевизмот (9 - Идеологија)

Тие живеат

За ние граѓаните да ја видиме вистинската природа на работите можеби ни требаат очила како во филмот на Џон Карпентер, „Тие живеат“. Но, според Жижек, нам не ни треба да ги симнеме „идеолошките очила“ за да ја видиме стварноста, оти ние „природно“ сме во идеологијата, нашиот природен поглед е идеолошки. Но, важно е да се каже дека денес, за разлика од порано, идеолошкиот налог е подлабоко скриен. Според Жижек, денес налогот на господарот е невидлив, имплицитен, под површината. Вистина, идеологијата секогаш во голема мера и се одвивала под површината, низ имплицитни пораки. На пример, следи ја големата Идеја, стани фашист... и ќе можеш да крадеш од Евреите, да ги тепаш и линчуваш – е скриениот дел од пораката, никогаш јавно изречен, но кој се подразбира.

Затоа денес е важно да разбереме дека сите ние живееме во идеологијата и дека еден од начините да ја разбереме стварноста е употребата на разобличувачките очила од филмот на Карпентер: зад патриотските говори на водачите тогаш ќе го видиме отчукувањето на регистер-касите, зад достоинството ќе видиме алчност помешана со страв, зад грижата за народот ќе видиме целосен презир спрема граѓаните, зад решителноста подлост, зад херојството профит, а зад големите начела – мали чела.

Зошто режимот создава непријатели

Розмариното бебе

А што е „Стварта“? Во македонскиот случај, таа е името-идентитет. „Стварта“ пред сè е фантазматска структура и затоа, кога станува збор за нејзино опишување, згодни се уметничките аналогии. Таа би можела да биде, на пример, ѓаволското семе од филмот Розмариното бебе на Роман Полански. Тоа ѓаволско семе се отелотворува во невиното и кревко тело на главната хероина. Филмот The Thing (1982) исто така зборува за „Стварта“ во форма на паразитски организам способен совршено да ги имитира своите жртви. Во средиштето на целата антологиска серија филмови Алиен исто така е „Стварта“, das Ding. „Ствар“ може да биде и митската хиена што се крие меѓу камења, од романот на Фокнер.

Кога секирите до небо ќе го кренат знамето (2)

Селото

„Селото“ се наоѓа сосема отсечено од светот, некаде во Пенсилванија, и опкружено е со шума преполна со опасни чудовишта кои мештаните ги нарекуваат „Оние За Коишто Не Зборуваме“.Мнозинството од мештаните е задоволно со спогодбата склучена меѓу селските главешини („интелектуалците“) и чудовиштата: мештаните не влегуваат во шумата, а чудовиштата не влегуваат во населбата. До судир доаѓа кога младиот Луциус Хант сака да го напушти селото во потрага по нови лекови, ризикувајќи со тоа да ја прекрши спогодбата. Луциус и Ајви Вокер, слепата ќерка на селскиот водач, решаваат да склопат брак. Но, болно љубоморниот селски идиот го прободува Луциус и речиси го убива, по што инфекцијата кај Луциус се проширува и можат да ја спречат само лековите од надворешниот свет. Тогаш Ајви од татка си ја дознава тајната за селото: чудовиштата не постојат, а годината во која селото живее не е 1897. Се разјаснува мистеријата: старешините на селото биле групи од граѓани, жртви на злосторства, кои во 20 век решиле сосема да се повлечат од своето време; таткото на Ајви бил богат бизнисмен со чиишто пари групите купиле земја и ја нарекле „природен резерват“. Ја опкружиле својата територија со долга ограда и со купишта стражари, ги подмитиле владините службеници за да ги пренасочат авионските линии што минуваат на таа рута и се преселиле во резерватот измислувајќи ја приказната за „Оние За Коишто Не Зборуваме“, со цел да ги спречат заминувањата од селото. Со благослов на татка си, Ајви сепак успева да продре надвор, пронаоѓа еден пријателски стражар кој ѝ го дава потребниот лек и со лекот се враќа кај вереникот за да му го спаси животот. На крајот на филмот, старешините одлучуваат да продолжат да живеат во изолација, претставувајќи ја смртта на селскиот идиот како доказ дека чудовиштата навистина постојат, со што се потврдува втемелувачкиот мит за заедницата.

Село, или Осветата на(д) лепрозните

Shutter Island

На друго место во романот (според кој Скорсезе 2010 направи интересен нео-ноар филм, Shutter Island, со Леонардо Ди Каприо) ликовите си прават муабет за хидрогенската бомба, која настанува во истото време кога се случуваат романот и филмот, во педесеттите години на 20-иот век: „Кога ќе испуштиш бомба, дури и атомска, таа експлодира. Но, хидрогенската бомба имплодира. Се урушува самата во себе, т.е. минува низ цела низа внатрешни колапси. Не престанува да се руши. А целото тоа рушење предизвикува маса и густина. Се раѓа, значи, едно сосема ново чудовиште. Колку е поголем крахот, толку е поголемо саморазурнувањето. Во своето исчезнување, чудовиштето се шири. Од својата имплозија тоа создава експлозија која е стотина пати, илјадници пати посилна од која било бомба во историјата.“

Зборот ми е: за македонското општество груевизмот е хидрогенска бомба.Општеството имплодира, се руши самото во себе, минува низ цела низа внатрешни колапси и не престанува да се руши. Колку е поголем крахот, толку е поголемо саморазурнувањето.

Затворениот остров

Таксист

Филмот „Таксист“, ремек-делото на Мартин Скорсезе од 1976 година, во одредена смисла е филм за градот. За лошиот и валкан град кој во очите на психотичниот Тревис (Роберт де Ниро) станува стапица, отуѓен простор од кој нема бегање. Веќе во првиот кадар се соочуваме со ноќта, а испарувањата од уличната канализација го освојуваат целиот екран. Низ густите испарувања одеднаш се појавува возило и потоа екранот пак е прекриен со чад. Тие испарувања што доаѓаат од подземјето на градот, нè предупредуваат на хтонски опасните слоеви и на самиот град и на поединецот изгубен во него. Маглата што го голта кадарот ни сугерира дека се наоѓаме во еден поместен простор што крие закани. Поблиска метафоризација и очовечување на тој нејасен и валкан простор добиваме кога камерата ги зумира очите на Тревис. За да го разбереме магливиот простор на градот ќе мораме да влеземе во магливиот ум на Тревис.

Тревис Бикл, страв од градот

Патот на Карлито

Зоран Ставрески мене ме потсеќа на оној ужасен лик (брилијантна улога на Шон Пен) на адвокатот на Ал Пачино во филмот „Патот на Карлито“ (Брајан де Палма, 1993). Тој лик исто така е прототип за „угледниот човек на системот“ кој зад фасадата е гнил бетер и од озлогласениот водач на бандата. Во еден момент, кога конечно сфаќа со кого си има работа, гангстерот Карлито (Ал Пачино) му вели на Дејвид Клеинфелд (Шон Пен): Dave, you not a lawyer no more, you a gangster now. On the other side. A whole new ball game. You can't learn about it in school, and you can't have a late start.

Низ незаборавниот лик на корумпираниот, неизживеан и зол адвокат се дава и прототипот на новите празноглави јапиевци ѓоамити експерти. Актуелниот министер за финансии, ми се чини, е локален пример на моралното и политичкото пропаѓање на некогаш талентираниот млад стручњак. Во овие седум-осум години бескрупулозно владеење се скршија и експерството (Ставрески во моментов веројатно не го збира ни во втората лига на македонските економисти, оти економијата бара постојана работа, а не цинизам, лаги и политикантство), се скрши и политичкиот кредибилитет и, можеби над сè, се распадна човечкиот супстрат на некој кој прерано и без доволно ум и ориентири бил проголтан од ламјата на политиката сфатена како цинизам и манипулација.

Патот на Ѓаволовиот адвокат

ОкоБоли главаВицФото