Почина еминентниот невролог, психијатар и писател, Оливер Сакс

31.08.2015 18:38
Почина еминентниот невролог, психијатар и автор, Оливер Сакс

Во својата 82 година почина значајниот невролог, научник и писател, Оливер Сакс. Почина од рак, редок меланом на окото кој од тој орган се проширил на црниот дроб.

Оливер Сакс беше лекар, писател и професор по неврологија во „NYU School of Medicine“. Професор роден во Лондон, чија книга „Awekenings“ беше инспирација за сценариото на филмот со истоимениот наслов, номиниран за наградата „Оскар“. Неодамна Сакс напиша:

„Пред еден месец чувствував дека здравјето ми е добро, дури силно. Со 81 година сè уште пливам по милја дневно. Но среќата ме напушти – пред неколку недели дознав дека имам повеќе метастази во црниот дроб“. Тоа беше во февруари, кога веќе бил во терминалната фаза.

Сакс е автор на неколку книги за необични медицински состојби, вклучувајќи ја и Човекот кој жената ја заменил со шешир, Островот на луѓето слепи за бои и Музикофилија: Приказни за музиката и мозокот. „Awakenings“, неговата книга за група пациенти кои преживеале енцефалитис летаргика на почетокот на 20 век, била инспирација за верзијата на филмот од 1990 година, во кој главните улоги ги одиграа Роберт де Ниро и Робин Вилијамс. Филмот беше номиниран за три оскари.

Бидејќи подеднакво го интересирала сферата на уметноста, како и онаа на науката, Сакс меѓу своите пријатели ги вбројувал и Винстон Хју Одн, Том Ган и Џонатан Милер.

Сакс бил страстен хроничар на сопствениот живот. Во своите мемоари, „Вујко Тангстен“, пишувал за раното детство, за своето лекарско семејство и страстите кои ја одржувале неговата љубов кон науката.

Во текот на бомбардирањата во втората Светска војна, на шест години од Лондон бил испратен во интернат каде што врсниците го задевале и злоупотребувале. Чувствувајќи се „заточено и немоќно“ Сакс ја развил страста за коњите, скијањето и моторциклите. После четири години се вратил од интернатот и почнал да покажува интерес за хемија и медицина.

Првиот моторцикл го добил на 18 години. Во вториот дел на своите мемоари насловен „Во движење“, се опишува како младич облечен во кожена јакна и џинс. Имено, во 60-тите години заминал во Канада од каде на родителите им испратил телеграма дека нема да се врати и дека останува во Северна Америка. Во Сан Франциско се заинтересирал за локалната сцена, експериментирајќи со дроги и дружејќи се со градските поети. Но, до крајот ѝ останал верен на науката.

Растејќи, бил сведок на постојаните маки на својот брат болен од шизофренија. Во мемоарите исто така открива дека неговата мајка, кога дознала дека е хомосексуалец, му рекла: „Посакувам никогаш да не се родеше“. Сакс напишал неколку приказни за љубовните врски, за своите патувања и опсесивното практикување бодибилдинг вежби.

Страдал од когнитивно нарушување, прозопагнозија, односно оштетување на функциите за разликување лица.

Цитати

„Секој чин на перцепција во одредена мера е чин на создавање, а секој чин на памтење, до некоја мера е чин на фантазирање.“

„Мојата религија е природата. Тоа е она што ги буди чувствата на восхит, мистицизам и благодарност во мене.“

„Ако човек изгуби нога или око, тој знае дека изгубил нога или око; но ако се изгубил себе – себеси – не може да знае, бидејќи тој веќе не е тука за да го знае тоа.“

„Зборуваме не само за да им го кажеме на другите она што го мислиме, туку и себеси да си кажеме што мислиме. Говорот е дел од мислењето.“

Извор: lijecnik.hr

ОкоБоли главаВицФото