Глобите се намалија, но што се случува со работничките права?

01.09.2015 12:12
Глобите се намалија, но што се случува со работничките права?

Измените на Законот за прекршоци, Законот за општа управна постапка, Законот за парнична постапка и другите закони со кои се намалуваат казните за компаниите, деновиве без исклучок беа поздравени од страна на субјектите од типот на Сојузот на синдикатите на РМ, Сојузот на стопански комори, поединечни стопанственици и сл. Преку медиумите тие едногласно тврдат дека на тој начин ќе бидат подобрени условите за нивното работење. Дел од медиумите посочија дека овие измени се барани неколку години наназад и дека имало опасност за опстојување на бизнисите доколку не дошло до ваквите законски измени, односно до намалување на глобите за правните субјекти во земјава.

-Од новиот Закон за прекршоци најголема корист ќе имаат малите и средни претпријатија
-Казна до седум пати пониска за помалите претпријатија
-Намалените глоби со голем бенефит за бизнисот

За медиумите беше важно и да се известува дека тоа е направено со двотретинско мнозинство во Собранието (се разбира од сега присутните пратеници без опозицијата) и дека се воведува можноста за опомена со што се остава простор за едукација на стопанствениците кои недоволно ја познаваат регулативата во насока на отстранување на недостатоците.

Фактот дека сопствениците на фирмите или директорите не мора секогаш да се и правници, односно дека не треба (не мора облигационо) да ја познаваат регулативата доколку имаат соодветен стручен тим кој ќе го работи тој дел и ќе ги предупредува на законските норми кои треба да се почитуваат за да не се дојде во „судир со законите“ воопшто не е споменат.

Важен момент, кој, исто така, беше истакнат во текстовите, е воведувањето на принципот на нивелирање на санкциите согласно економската моќ на субјектите: вкупни приходи, број на вработени и најпрво примена на информативна, едукативна, па дури потоа санкциона функција. Ова се третира од аспект на помал притисок врз компаниите при спроведување на законските процедури.

Бидејќи најголем дел од информациите во медиумите беа пренесени од прес конференција на портпаролот на Владата на која (најверојатно) присуствувале новинарите од сите релавантни пишани и електронски медиуми во земјава, се наметнува дилемата зошто не е одговорено на неколку прашања:

1. Зошто воопшто се остава можност работодавецот да има ангажирано работник без договор за вработување?

Ако се избегне оваа опција да се ангажираат лица без договор, нема потреба од никаква казна, па неважно е дали станува збор за фирма со 9 или 999 вработени и дали има приход од 5.000 или 5 милиони денари.

2. Зошто работодавачот има потреба да не обезбеди услови за безбедност на здравјето и животот на работниците во претпријатието?

Република Македонија е држава која по Устав е задолжена да се грижи за граѓанските права кои се утврдени во бројните меѓународни декларации кои ги има потпишано. Голем дел од нив се токму во категоријата која ги опфаќа правата од првата и втората генерација односно граѓанско-политичките и економско-социјалните права (право на живот, право на работа, право на социјална заштита и социјално осигурување, право на правични и поволни услови за работа и др).

3. Исплатувањето на придонеси за здравствено и пензиско осигурување е обврска која мора да се почитува, исто како и паузата за ручек и дополнителното вреднување на прекувремената работа.

Здравата логика говори дека подобрувањето на амбиентот за работа ќе донесе токму почитување на правата на работникот, а не намалување на казните за работодавците кои ги кршат законите со кои се регулираат работничките права.

Прес конференциите по дефиниција се медиумски настани на кои се покануваат претставници на медиумите за да им се дадат изјави, соопштенија и да се даде одговор на определени прашања. Токму овој трет дел – новинарските прашања се моментот кој треба да го искористат претставниците на медиумите и да избегнат да бидат искористени само за целта која сака да ја постигне тој што го свикува пресот, туку да покажат дека имаат проактивна улога и самите го оформуваат својот медиумски простор, односно имаат сопствена уредувачка политика на медиумот.

Што не прашаа медиумите?

-Како намалувањето на казните ја подобрува бизнис климата?
-На кој начин големите казни ја поттикнуваат сивата економија?
-Опомената и досега постоеше како опција. Која е причината поради која не била (доволно) користена?
-Зошто Владата токму сега го предлага овој Закон кога бизнис секторот, како што се тврди, измените ги предлагале уште од 2013 година?
-Дали фирмите кои досега ги почитуваа законските норми, колку и да беа рестриктивни, ќе бидат „стимулирани“ да продолжат да работат на истиот начин кога прекршителите се ослободуваат од обврските?
-Со години наназад слушаме за успешната фискализација. За кого тогаш е наменето олеснувањето за неинсталирање на фискални апарати?

Зошто велам не прашале медиумите? Затоа што претпоставка е дека кога ќе се постави прашање, одговорот кој ќе биде добиен ќе биде објавен во медиумот на новинарот. Такво нешто не е случај со вестите и коментарите во врска со овие законски измени.

Вообичаено новинарските прилози без оглед на тоа дали се во весник, на радио, телевизија или на некој интернет портал, треба на својата публика да ѝ овозможат јасна и разбирлива информација. Кај известувањето за измените на законите кои се усогласија со новиот Закон за прекршоци имаме сė само не јасна информација.

Имаме политички маркетинг за чувството на Владата за потребите на бизнис секторот, имаме пресметки за тоа колкави глоби ќе плаќаат фирмите во зависност од нивниот статус на голема или мала фирма, имаме пренесени оценки на синдикалците и стопанските комори.

Немаме одговор на прашањата кои ги мачат вработените околу редовноста на исплатата на платите, околу нивниот работен статус, околу тоа дали со пониските глоби ќе има повеќе пари за безбедност на работното место, плаќање на прекувремената работа.

Кога новинарите земале изјави од претставниците на синдикатот пропуштено е да се постави прашањето какви се нивните заложби за работничките права, бидејќи работниците се нивни членови, а не работодавачите. Или едноставно се оди по линијата на помал отпор и се презентира тоа што ќе биде дадено како информација без да се навлезе во суштината на проблемот. А, за овие законски измени кои тангираат дваесетина закони во делот на работните односи и прекршоците има што да се прашува и анализира.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Alejandro Cartagena