Осврт кон филмот „Каде се парите?“

02.09.2015 10:06
Осврт кон филмот „Каде се парите?“

Рецензија на (првите 120 минути од) филмот „Каде се парите?“ (2015) во продукција, режија, сценарио, камера и монтажа на Владимир Петровски (Картер)

 

На почетокот би сакал да кажам дека себеси не се сметам за критичар, меѓутоа во отсуство на вистинска рецензија за ова легендарно дело кое и покрај пристојниот маркетинг бргу се заборави и за кое кратко се зборуваше, чуствувам дека ми е должност да објаснам зошто и колку е овој филм, во суштина, генијален во секој поглед.

За филмот дознав во емисија на Радио Слободна Македонија каде што имаше интервју со Картер, кој внимателно и видно среќен објаснуваше каде ќе игра филмот и раскажуваше за процесот на снимањето. Водителката весело го потпрашуваше и за крај му посака филмот да биде вистински евегрин. Веднаш штом дојдов дома го пуштив трејлерот и по брза постапка (погрешно) заклучив дека, несомнено, „Каде се парите“ е еден од најлошите македонски филмови кога било направени.

Како вистински патриот и поддржувач на македонската кинематографија, собрав двајца другари и без нивно знаење (а и мое) го посетивме најголемиот македонски филмски спектакл во последните дваесет години. Филмот беше гледан во една од салите на Cineplex, публика на број 5.

Ние тројца и еден пар.

 

„Каде се парите?“ почнува со бесконечно долга сцена на базен. Всушност, сите сцени во филмот се чинат бесконечни. Самите сцени имаат почеток меѓутоа крајот ретко се насетува, а нивната должина и начинот на кој напредува приказната одат толку спротивно на сите инстинкти на еден гледач што во првите 30 минути вие всушност учите како да го гледате овој филм. Учењето знае да биде тешко, особено кога веќе сте навикнати на одреден начин или модел, затоа и овие први 30 минути се најтешки за гледање. Верувам дека тука конвенционалната публика веќе се откажува од прогресивниот начин на раскажување на г-динот Картер. Teжината на оваа задача беше јасна и по изразите и негодувањата на моите пријатели, меѓу кои токму во овие први моменти падна и најтешкото прашање - „Кај к*р нè донесе?“

По истекот на првите 30 минути (ако е сè уште присутен) гледачот ја прифаќа својата состојба на неразбирање и неможност да го конципира начинот на раскажување во овој филм, тој/таа се предава на струјата и остава брановите да го однесат во непознат правец, и токму во овој искрен и ранлив момент на предавање на контролата „Каде се парите?“ влегува на голема врата и се всадува длабоко под кожата на гледачот каде што е можно и да остане засекогаш.

Бојан (27): „Искуството што го добив од филмот може лесно да се спореди со тоа да сведочиш како згазено маче умира полека.“

Главното орудие на „Каде се парите?“ не лежи во уверливата глума на Влатко Илиевски, ниту пак во конфузното сценарио каде што сите моменти се комплетно исти на важност. Главната сила на „Каде се парите?“ е во неговата умешност да го фати и да се фокусира на тривијалното и бесмисленото. Како низ очите на Ѕига Вертов и неговиот „Човекот со филмска камера“ така и Картер нè остава да гледаме предолго во неговите кадри, толку долго што веќе и формите почнуваат да немаат смисла, а ние сепак развиваме некаква блискост со карактерите, чија лоша глума сега веќе ја имаме прифатено како дел од нивниот карактер и нивната појава ни станува сè понормална, поприфатлива, па дури и на моменти драга.

 

Насловот „Каде се парите?“ е генијален сам по себе, да го наречеме мета-наслов. Во првите 40 минути гледачите вистински се прашуваат: каде се парите? Бидејки парите едноставно не се спомнуваат во првата четвртина од филмот (а ретко и понатаму). Иронично во самата приказна е што цело време се знае каде се парите, а насловот истовремено звучи како нешто што би можел лут гледач да го каже пред билетарата, во надеж дека билетот ќе му биде рефундиран.

По речиси час и половина главните херои слават, што слават поточно не е јасно, единственото што го направија до тој момент е тоа што успеаја да најдат 100.000 евра и да ги дадат на некој сомнителен лик. Меѓутоа, не би било фер да се фокусираме на ситници, тоа што следува е речиси 20-минутна сцена во slow motion во познатиот локал Балет.

Во овие моменти се препознава генијалноста на Картер. Сцената трае доволно долго за гледачот да се преиспита себеси и сите одлуки кои ги донел во Балет, како и да му текне на сите пати кога требало да си оди дома, а всушност останал на тоа едно кобно последно пиво. Картер за таа прилика (конкретно во оваа сцена) пушта 3 ( со букви: три) песни една по друга , од почеток до крај. Овој невиден потег во светската кинематографија го остава гледачот толку збунет што веќе него одамна не го интересира каде се парите, туку е потонат во длабока и суштинска интроспекција.

Тука некаде парот си замина, на одење солидарно нè поздравија и ни посакаа среќа, меѓутоа речиси и не ги забележавме, задлабочени во формите кои некогаш во ритам а некогаш не, го исполнуваа платното. Некој од Cineplex помина да види дали уште има публика.

Последната сцена што ја гледавме во „Каде се парите?“ беше свадба, вистинска свадба, снимана како документарец, без информации кој, зошто и каде. Единствениот хинт беше негативецот кој беше гостин. Важно е да се напомене дека последната сцена во филмот е различна за секоја група гледачи. Како и во животот, така и тука во „Каде се парите?“ филмот завршува кога завршува и твојата желба да го гледаш/живееш.

Свадбата траеше можеби половина час, иако во дадените услови времето беше извитоперено и немаше прилика да се утврди точната должина, свадбата до тој момент беше најдолгата сцена во филмот. Во тој момент некој од нас тројца отвори телефон и дозна, за жал предвремено, дека епското дело „Каде се Парите?“ е во должина од 168 минути.

Тука заврши и нашата авантура, иако без разврска за конечната дестинација на парите, но со суштинската разлика што за мене „Каде се парите?“ никогаш не заврши, туку сè уште и засекогаш ќе игра во истата сала каде што го оставивме.

(Авторот е речиси магистер по филмска режија)