Правната виртуозност во неправен свет е како ораториум во свињарник!

02.09.2015 11:12
Правната виртуозност во неправен свет е како ораториум во свињарник!

Груевски не доби потврда дека тоа што го зборува на снимките не е криминал, туку само дека снимките се невалидни како доказен материјал по пријавата за криминалот што го инспирирал, подготвувал, организирал и спроведувал во една временска отсечка забележана на снимките!

Тоа што го одлучи Основниот суд Скопје еден, значи, не е потврда за неговата невиност во суштинска смисла (самиот суд вели дека не навлегува во таа суштина), туку обратно, потврда дека е виновен, инаку не би имал потреба да се занинава со ова трагикомично изземање на доказите.

Тој е премиер.

Неговото ослободување нема да зависи од формалните рамки што самиот си ги кове. Формализмот го штити само на прв поглед. Во суштина го разголува!

Постапката пред Основниот суд Скопје еден покажува високо ниво на загриженост и, би рекол, паника кај премиерот во однос на својот правен статус кој се обидува да го консолидира и низ правни механизми (Кривичен суд) и низ политички (аспекти на пржинската забошотка).

Продажбата на инкриминираните плацеви е во таа низа на потези, но во едно сериозно обвинителско и судско постапување и тој трансфер може да се трансферира во елемент кој ќе го засили обвинението!

Сè што ќе се случува во наредниот период, од пуштањето во погон на селските канализации, па до изборот или неизборот на специјалниот обвинител и до (не)одржувањето на априлските избори, ќе биде одредено од разните позиционирања на разни фактори во битката за спас на Груевски и на неговата политичка фамилија.

Тој доби една потврда, може да добие уште колку сака. Ако реши Македонија да го тужи за силување, може да извади потврда дека е евнух или ако Скопје 2014 го тужи за татковство, може да извади потврда дека неговата ДНК е корбизијанска и дека никако не можела да роди ваков монструм! Нема да се изненадам ако отидат јабана и некои луѓе кои знаат доста и тоа свое знаење би сакале да го истргуваат за својата слобода итн.

Обаче, џабе!

Што би рекол Шапер: Или си виновен или не си виновен!

Правниот егзибиционизам и правната виртуозност тука нема да помогнат многу. Особено не во еден свет кој не е правен! Во тој и таков свет правната виртуозност е како ораториум во свињарник!

Затоа е нужна рехабилитација на тој систем пред какво било постапување!

Тоа може да биде преку избор на специјален обвинител и, задолжително, на специјален суд, но и преку темелна реформа на судството. Што е неизводливо без радикални политички промени!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Александар Ковачевски

ОкоБоли главаВицФото