Чудовиште

03.09.2015 11:56
Чудовиште

Во мај 2008, на почетокот на кризата со хипотекарните кредити во САД која набрзо прерасна во светска финансиска криза, Хорст Келер рече: „Сите одговорни конечно треба да сфатат дека финансиските пазари станаа чудовиште кое треба да се заузда“. Келер тогаш беше претседател на Германија, а пред тоа и генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд. Мислевме дека неговиот збор има тежина и дека нешто ќе се преземе. Но најновиот крах на берзите покажува дека чудовиштето е сè уште живо.

Зошто служат акциите? ATTAC има одговор: „Акциите пред сè треба да бидат инструменти со кои на располагање се ставаат средствата за финансирање на производството и отворање нови работни места“. Би било убаво критичарите на капитализмот да се во право, но стварноста изгледа нешто поинаку. Го видовме тоа на најновиот пример - кога во Кина ќе падне цената на една вреќа ориз, целиот свет го чувствува земјотресот. Независниот живот на финансиските пазари стана закана за реалната економија.

Политичарите капитулираа. Требаше уште одамна на банкарите и брокерите да им го одземат оружјето за масовно уништување. Но тие се беспомошни пред финансиските пазари. Слично е и со големите информатички и интернет компании и тајните служби. Целиот потфат во секоја смисла ги надминува луѓето за кои гласаме. Наместо политичари, добивме пророци. Зошто во Кина изби криза? Виновни се долговите, објаснува Handelsblatt, перјаница на идеологијата на штедење: „Осум години по избивањето на светската економска криза, не само во Кина, туку пред сè во западниот свет, политичарите и понатаму ги остваруваат своите ветувања со нови задолжувања“. И сга растот финансиран со задолжување стигна до точка на пукање.

 

Пол Кругман го тврди спротивното: „Треба да се задолжуваме уште повеќе“. Парите се евтини и државата би требало да позајмува и да инвестира. А кога Ренд Пол се пожали дека САД последен пат биле без долгови во 1835, Кругман се насмеа и одговори: „Па не ни одеше толку лошо тие 180 години“.

Експертите пред урнатините од кинескиот крах потсетуваат на лекарите од стрипот Астерикс кои се советуваат околу болничкиот кревет: „Би требало да му пуштиме крв“, „Потребно е да се впумпа воздух во артериите“, „Не, помешајте слонова коска во прав со крв од желка и гулаб, па ако преживее...“ Слично звучат и расправите за причините и терапијата за новиот инфаркт на светските финансиски пазари. Но како да ги разбереме симптомите кога одрекуваме дека сме болни? А болни сме од капитализам.

Извор: Spiegel, 29.08.2015.
Слики: Алекс Солис

ОкоБоли главаВицФото