Од другата страна на нашиот Симптом (1)

03.09.2015 12:31
Од другата страна на нашиот Симптом (1)

Целта на оваа статија е да даде одговор на едно од централните прашања на актуелната македонска политичка криза, кое е воедно и најголемиот парадокс на груевизмот. Прашањето кое се поставува е зошто откритијата од аудио-бомбите на опозицијата (кои ни го покажаа вистинското патолошко и криминално лице на власта) не предизвикаa критичко будење на свеста кај мнозинството симпатизери на ДПМНЕ. Дури и после соочувањето со експлицитни докази за злосторничко здружување на врхушката на власта и нејзините клиенти против државата и нејзините граѓани, симпатизерите на ДПМНЕ (како и голем дел од македонското „неутрално граѓанство“) не демонстрираа некакво негодување или суштествена промена на своите позиции.

Ваквата ситуација не може да се објасни како нивна „слепа верба“ во идеологијата на ДПМНЕ, ниту може да се оправда како „страв од долгата рака на партијата“. Наивно е и да се смета дека симпатизерите на ДПМНЕ постапуваат така како што постапуваат само заради „лична корист“; напротив, сметам дека мнозинството симпатизери немаат никаква материјална полза од покажаната лојалност. Тогаш, што е тоа што го мотивира ваквото поведение?

Ќе се обидеме да дојдеме до одговорот на ова прашање преку психоаналитички прочит на споменатиот феномен, а појдовна точка на нашата анализа е дека симпатизерите на ДПМНЕ постапуваат така како што постапуваат (т.е. остануваат лојални на партискиот врв и покрај тоа што се свесни дека се манипулирани од криминалци), бидејќи тие „уживаат во својот симптом“.


Ужитокот на Груевизмот

Според првичната теорија на психоаналитичарот Зигмунд Фројд, функционирањето на човековата психа е засновано на два водечки принципа – принципот на задоволството и принципот на реалноста. Принципот на задоволство е раководен од Ид-от, делот од нашиот психички апарат во кој домуваат инстинктите, кои стремат кон инстантно задоволување на биолошките и психолошките потреби на човекот. Најјасен пример за функционирање на принципот на задоволство е поведението на новороденчето, чијшто секој чин и секое движење се поврзани со потребата за моментно намалување на тензиите во организмот. Кога организмот на новороденчето нема доволно храна за да ја трансформира во енергија, организмот испраќа сигнали до мозокот, каде што истовремено Ид-от „вклучува аларм“ и бебето почнува да плаче. Во најраната фаза од психофизичкиот развој на човекот Ид-от е единствениот терминал што телото го спојува со надворешниот свет, т.е. Ид-от ги преведува телесните потреби во сигнали разбирливи за родителот (или старателот). Ид-от е исто така и голем резервоар кој го содржи либидото на човекот1.

Под влијание на сетилни стимули од своето опкружување, врз дел од Ид-от на бебето почнува да се образува Его-то, втората област од структурата на психичкиот апарат. Его-то е организиран дел од нашата психа кој има когнитивна функција – тука се развива свесноста. Со возникнувањето на Его-то бебето започнува да се адаптира на надворешниот свет, т.е. станува разумно суштество. Преку Его-то бебето осознава дека постојат и „други“ ентитети околу него, кои имаат свои потреби и желби, независни од тие на бебето. Бебето се приспособува на реалноста на неговото опкружување, т.е. учи дека треба да го потисне, и на тој начин одолговлече, импулсивното барање за моментно задоволување на потребите. Реалноста на надворешниот свет постепено ја моделира личноста на младиот човек, при што принципот на задоволство се заменува со принципот на реалноста. Раководејќи се според принципот на реалноста, Его-то цели кон задоволување на импулсивните барања на Ид-от, но земајќи ја предвид реалноста на ситуацијата, дури и по цена да трпи болка, или задоволувањето на потребите да дојде во задоцнета или намалена форма.

На петгодишна возраст кај детето се развива Суперего-то, моралниот дел од психичкиот апарат. Суперего-то возникнува како резултат на етички и морални ограничувања, и културни норми наметнати од страна на родителите/старателите на детето. Суперего-то претставува интернализирање на надворешниот симболички авторитет, започнувајќи прво со родителите, потоа продолжувајќи со учители, свештеници, или други луѓе избрани за идоли. Суперего-то е тоа што во нашето народно творештво се нарекува „(не)чиста совест“, т.е. мистериозниот глас во секој од нас кој ни кажува што е праведно а што е грешно. Суперего-то е исто така и извор на нашето чувство за вина. Во идеална ситуација, според Фројд, Его-то е најсилно и најразвиено од трите дела на психичкиот апарат, и е способно да ги задоволи потребите на Ид-от без да го вознемири Суперего-то, а во исто време да ја земе предвид надворешната реалност на дадениот момент.

Можеме да заклучиме дека во својата рана теорија Фројд смета дека севкупното човеково поведение е мотивирано од принципот на задоволство, т.е. од барањето за моментно задоволување на инстинктивните/сексуалните пориви на Ид-от; Его-то пак, се грижи задоволувањето на овие пориви да биде одолговлечено и видоизменето (или сублимирано) на еден општествено соодветен начин.

Сепак, во 1920 година се случува преломен момент во теоријата на Фројд. Во своето дело „Отаде принципот на задоволството“ тој доаѓа до заклучок дека поведението, т.е. постапките на човекот, не се мотивирани само од сексуални инстинктивни пориви. Според него, мора да постои нешто „отаде“ принципот на задоволството, кое дури работи против тоа човекот да дојде до задоволство. Како пример за манифестација на овие мистериозни сили, Фројд наведува дека за време на аналитичката сеанса многу од неговите клиенти искусуваат некаква чудна наслада од своите симптоми. Клиентите, пак, негираат дека тоа што го доживуваат е задоволство, туку напротив, се жалат дека чувствуваат само страдање и маки. Случаите со луѓе кои уживаат кога самите си нанесуваат болка и мачење го наведуваат Фројд да заклучи дека мора да постои друг вид задоволство, кое е целосно спротивно на нормалното задоволство кое нè прави среќни.

Францускиот психоаналитичар и филозоф Жак Лакан му дава име на ова „изопачено задоволство“ за кое говори Фројд, и го поставува на централно место во неговата теорија. Ова уживање во сопственото страдање Лакан го нарекува jouissance, што на македонски би можело да се преведе како „ужиток“.

Лакан никогаш не дава јасна и целосна дефиниција што е ужиток, туку укажува на различните начини на кои ужитокот се манифестира2. Ужитокот за кој говориме најчесто се забележува кај луѓе кои постојано се жалат дека им недостасуваат задоволства во животот, а сепак не прават ништо за да ја променат ситуацијата во која се наоѓаат. Тие добиваат задоволство од своето незадоволство, т.е. уживаат кога се жалат на својата состојба и кога обвинуваат други за своето незадоволство.

Ужитокот е присутен и кога некој доживува толку многу болка која почнува да предизвикува задоволство, или толку многу уживање, кое почнува да предизвикува болка. Ужиток е она што хистерикот го искусува кога се самосожалува за тоа колку е безизлезно осамен и кога прави неговите / нејзините најблиски да се чувствуваат мизерно. Ужитокот се манифестира и кај опсесивецот кој постојано одолговлекува и одложува обврски за да може потоа да се насладува на неуспехот да ги заврши истите. Опсесивниот невротичар негира дека добива задоволство од своето страдање, но луѓето од неговото / нејзиното опкружување се повеќе од уверени дека тој или таа добиваат наслада од своите маки.

На прв поглед изгледа бизарно дека симптомот, кој претставува страдање, би можел да носи задоволство за субјектот во аналитичкот акт. Но Фројд забележува дека кај многу од неговите хистерични клиенти постои интересен парадокс; имено, изгледа како истовремено да постојат две еднакво силни тенденции, или желби. Во тоа е и суштината на симптомот. Симптомот е компромисно решение помеѓу две спротиставени желби. Пример за овој дуализам е однесувањето на хистеричниот субјект, кој со едната рака го подигнува фустанот кога говори со аналитичарот, а со другата рака го спушта.

Ако овој феномен од ниво на единка го пренесеме на ниво на групната психологија, тогаш лесно може да се заклучи дека гороспоменатото однесување е присутно и кај симпатизерите на ДПМНЕ, кои од една страна декларираат подготвеност за одбрана на својот народ и татковина од сите „внатрешни и надворешни непријатели“, а од друга страна отворено толерираат истиот тој народ и татковина да бидат систематски разнебитувани од бескрупулозни криминалци.

Иако се свесни дека на чело на нивната партија стојат шарлатани кои ја имаат узурпирано целата власт во една од најсиромашните држава во Европа, тие не престануваат да ја демонстрираат својата лојалност и посветеност кон врхушката.

Единственото објаснување на овој феномен е дека тие се насладуваат од своето страдање, т.е. уживаат во својот симптом. Но тука груевистичкото ДПМНЕ, т.е. груевизмот, не е причинител на симптомот кој „ВМРО-вците“ го уживаат. Груевизмот е самиот симптом.


Соочување со трауматичното

Американскиот психоаналитичар и писател Брус Финк тврди дека во поголемиот број случаи луѓето решаваат да започнат со психотерапија дури откако задоволството кое го добиваат од своите симптоми почнува да бледнее или бива попречено од други (претежно надворешни) фактори. Според Финк, човек се решава да почне терапија дури откако неговиот или нејзиниот симптом престанува да ги снабдува со ужиток.

Според тоа, може да се очекува дека симпатизерите на ДПМНЕ (а исто така и голем дел од „неутралните набљудувачи“ на политичката криза) ќе се спротистават на власта само во случај на „ужиточна криза“, т.е. во моментот кога симптомот наречен ДПМНЕ ќе престане да ги снабдува со ужиток.

Да заклучиме, груевизмот е само медиум преку кој голем дел од Македонците се обезбедуваат со ужиток. Но зад симптомот наречен груевизам стојат други сили кои даваат причина за неговото постоење и дозволуваат да биде толериран од голем дел од народот. Во неговиот Седми семинар, Лакан дава сугестија за тоа какви сили стојат зад ужитокот. Имено, Лакан објаснува дека:

„...ужитокот се манифестира како нешто закопано насред поле, кое има карактеристики на непристапност, непознатост и неразбирливост. Згора на тоа, ова поле е опкружено со ограда која дополнително оневозможува субјектот да се доближи до она што е закопано во средината на полето - бидејќи ужитокот се јавува не само како задоволување на дадена потреба, туку како задоволување на нагон...“

За да сфатиме што подразбира Лакан кога говори за ужитокот како задоволување на нагон, треба да се навратиме кон Фројдовата теорија на нагоните. Основната Фројдова претпоставка е дека во основата на неврозите лежи внатрешен конфликтен дуализам кај човекот. Симптомот е компромисното решение за овој внатрешен конфликт. Во „Отаде принципот на задоволството“, Фројд доаѓа до заклучок дека зад сите психички конфликти на човекот (т.е. зад конфликтот меѓу Ид-от и Его-то, зад зад сите спротиставени мисли, желби, фантазии, сништа, итн.) се крие фундаменталната борба помеѓу два примордијални нагона – нагонот на Животот (Ерос) и нагонот на Смртта.

Нагонот на Животот води до креативност, хармонија, размножување и одржување на групата; додека нагонот на Смртта води кон агресивност, компулсивност и самоуништување.

По 1920 Фројд го опишува човекот и целото човештвото низ призмата на оваа борба помеѓу двата спротиставени нагон. Во „Неугодното во Културата“ Фројд сугерира дека главна функција на цивилизацијата (т.е. културата) е потиснување на нагонот на Смртта. Ако ја следиме логиката на Фројд, тогаш можеме да се согласиме дека последниве неколку години во Македонија се случува нешто што би можело да се нарече „краток спој на цивилизацијата“, т.е. колапс на главната функцијата на човечката цивилизација – регулирање на нагоните.

Ужитокот на „ВМРО-вците“ за кој говоревме пред малку е задоволување на нагон, поточно, задоволување на нагонот на Смртта. Она што се назира од другиот крај на ова задоволство е симболичката смрт (разнебитувањето) на нацијата. Во овој контекст ужитокот може да се сфати како автодеструктивно (самоуништувачко) задоволство.

Владеењето на груевизмот е олицетворение на нагонот на Смртта на македонскиот народ во неговата нерегулирана форма. На овој начин може да се протолкува и неспокојот кој провејува низ текстовите и поезијата на, на пример, Никола Гелевски, во кои тој го опишува груевизмот. На сличен начин пишува и Бранко Тричковски кој мошне често феноменот на ВМРО го поистоветува со смртта на македонскиот народ. Тие текстови токму се тревога на авторите пред неподносливиот ужас од соочувањето со трауматичното Нешто (Стварта) на груевизмот.

1 Либидо е психичката енергијата преку која се манифестираат човековите стремежи и желби. За Фројд либидо се сексуалните нагони, додека за Карл Јунг либидо е целокупната психичка енергија на човекот.

2 За Лакан ужитокот е главна супстанца во психоанализата, но тој не може да се дефинира, бидејќи ужитокот „не може да се симболизира“. Ужитокот се манифестира во многу контексти опишани во семинарите на Лакан, и се појавува во три различни форми, но во контекстот на оваа статија станува збор за ужиток на симптомот.

(Продолжува)

Кон вториот дел

Кон третиот дел

Слики: Dave Cooper

Слични содржини

Јавни простори / Психологија / Теорија
Јавни простори / Психологија / Теорија
Јавни простори / Психологија / Теорија
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото