333 историски поуки и аналогии

22.03.2010 11:25
333-istoriski.jpg

 Корените на новиот „академизам” во проектот „Скопје 2014”

Драги мои колеги архитекти и културни дејци! Убеден сум дека никому од нас, ниту во мрачен сон не му се појавила кошмарната бројка 333, ама факт е дека токму толку години поминаа од 1677 година, кога владетелот на половината од земјината топка кралот Сонце - Луј XIV, преку својот способен прв министер Колбер, за прв пат во историјата ја оформи Академијата на архитектурата. Нејзина основна задача беше да ги разработи „идеалните вечни закони на убавината”, според кои треба да се градат сите позначајни објекти во француската империја.

Академијата, на чело со нејзиниот прв директор Ф. Блондел, автор на првата триумфална капија „Сен Дени” во Париз, утврди дека „својство на божественоста е геометричноста”, при што како теориска подлога за понатамошна разработка треба да послужат делата на А. Паладио (1508-80). Според неа, совршеното архитектонско решение, освен што треба да има нагласена симетрија со помош на ризалит или фронтон, тој мора да содржи и заеднички кров врз антаблемент и балустрада, кои се потпираат врз низа колосални столбови и пиластри.

На таков начин, разиграноста, драматичноста и живописноста на изворниот италијански барок беа заменети со законите на „новиот” барокен класицизам, наречен според владетелот „стил Луј XIV”. Набргу, тој стил во вид на широко архитектонско-уметничко движење, под заедничкото име паладионизам, од Франција премина во Англија и марширајќи низ Европа стигна дури до Русија. Сите тие апсолутистички монархии, овој строг стил го прифатија со една единствена цел: преку него да ја величаат моќта на својата империја. Очигледна беше намерата со употребата на овој стил да се премостат шест века, преку воспоставување архитектонски аналогии со големата Римска империја, според чија прочистена и поедноставена архитектура, Паладио го воспостави „својот” стил. (Сличноста со проектот “Скопје 2014” е случајна.)

Бидејќи сè до крајот на XVIII и почетокот на XIX век општествено-политичките состојби останаа речиси непроменети, „варијантите” на паладионизмот продолжија да се употребуваат и понатаму под името класицизам и неокласицизам. Неокласицизмот за време на императорот Наполеон Бонапарта, не само што не се срамеше, туку се гордееше со буквалното копирање на архитектурата од римската империја, со желба да направи поубава и повеличествена „класична” архитектура.

Паралелно со неокласицизмот, во првата половина на XIX век нашироко се развива и едно навидум ново творештво, под името романтизам, кое како реакција на „античкиот паганизам” инспирација бара во христијанството и уметноста во национален дух. Бегајќи од индустриската реалност што претстоеше, романтизмот се свртува наназад, правејќи разновидни варијации на одделните изминати стилови, додавајќи им го префиксот „нео”. Сите неостилови, вклучително и неокласицизмот, од пионерите на модерната архитектура се наречени еклектични, бидејќи тие всушност не нудат ништо ново за развојот на архитектурата. (Сличноста со проектот “Скопје 2014” не е случајна.)

Заспаниот ум раѓа чудовишта

И ете, драги мои културни дејци, 333 години по формирањето на француската Академија на архитектурата, на прагот на XXI век во времето на информатичкото општество, почна да дејствува еден вид скриена „Македонска академија на архитектурата”, со намера да воспостави некакви „нови правила за создавање совршени архитектонски решенија”. Тие свои правила таа упорно настојува да ги наметне како официјални, со објавување конкурси или директни нарачки, во кои однапред е диктиран изгледот на објектот.

Но, за разлика од времето пред 333 години, нашите „академичарите” одат уште понатаму, тие не го диктираат изгледот само на административно-управните објекти, туку и на т.н. технички објекти. Најнов и веројатно светски антологиски пример претставува конкурсот за катна гаража во Скопје на брегот на реката Вардар. За неа уште во рамките на ДУП се диктира архитектонски израз во вид на еден еклектицизам од најнизок ранг: „Фасадата на објектот да биде во стил на: барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам”. Ставајќи го сврзникот и “академичарите” изгледа дека не знаат што бараат, бидејќи со него поврзуваат некакво име на измислен стил „неоромантизам”, кој никогаш и никаде досега не постоел. Господ може да им прости ако не знаат што прават, ама не верувам дека до толкава мера се необразовани. Не дај Боже наскоро да предложат некаква варијанта на архитектонски национален романтизам.

Доколку „академичарите” се доволно образовани и знаат што прават, тогаш дали има потреба од 333 историски поуки и аналогии? Има една и тоа многу голема причина: Да се спречат со своите еклектички ставови да ја залажуваат недоволно упатената јавност, вклучувајќи и поединци од културната јавност и државната номенклатура. Таквата постапка претставува типично предавство на архитектонската етика, во кое за жал во изминативе 2-3 години „несвесно” учествуваа и поединци од ААМ, па и од редовите на универзитетскиот кадар. Тие како „високи професионалци” никако не можат да се правдаат дека не знаеле што прават, па затоа добро е да ја погледнат графиката од Франциско Гоја, наречена: Заспаниот ум раѓа чудовишта.

Против „заговорот на академичарите”

Евидентно е драги мои дека со „заговорот на академичарите”, македонските архитекти во почетокот на XXI век се доведени во позиција да се борат против еклектицизмот на XIX век, како што тоа го правеа пионерите на модерната архитектура на прагот од XX век. Во нашава сегашна не/културна состојба многу актуелно звучи мотото на виенската сецесија: „На епохата – нејзината уметност, на уметноста – нејзината слобода” (1898). Од тоа може да се заклучи дека нашите „академичари” не се доволно свесни во која епоха живеат, а уште помалку знаат што значи творење во духот на времето. Затоа нашите творци со напредна мисла имаат една многу значајна задача: да ги разобличат заблудите на своето време, па дури и на сопствена материјална штета.

Според К. Линч (Сликата на еден град, 1974): “Граѓаните треба да се повикуваат на улица, а во школите и на факултетите да се држат курсеви, за градот да стане жива слика на нашето општество и неговите надежи”. Зошто? Зашто уште во V век пред нашата ера најдемократскиот владетел Перикле ги опоменува Атињаните, велејќи: „Оној што не учествува во настаните на својот град, не е мирен, туку е лош граѓанин”. А, сите ние знаеме како поминаа на Плоштадот нашите граѓани, кога пред една година на мирен начин сакаа да учествуваат во настаните на својот град. К.Н. Шулц (Егзистенција, простор, архитектура, 1975) со право констатира дека: „Архитектонскиот простор претставува материјализација на човековиот егзистенционален простор”, па затоа за неговото оформување треба да се прашаат и архитектите и пошироката јавност.

Исто така, познато е дека Елиел Саринен со право тврди дека: „Градскиот поредок на облиците и општествениот поредок мора да се развиваат рака под рака и меѓусебно да се инспирираат”. Оттука произлегува едно многу значајно прашање: Кое и какво општество ги инспирирало македонските „академичари” да ги создадат облиците на проектот “Скопје 2014”? Или пак: Каква врска има нашата долговековна традиција со барокниот класицизам, извештачениот неокласицизам, или кој било друг „изам”? Одговорот на поставеното прашање го има дадено А. Лирса уште во далечната 1940 година: „Способниот архитект може да ги открие и на современ начин да ги интерпретира домашните традиционални вредности, бидејќи вештачкиот увоз на вредности од друга средина и од друго време, имаат други претензии”. Затоа се наметнува клучното прашање: „Чии и какви претензии имаат намера да задоволат ‘академичарите’ со проектот “Скопје 2014”?.

Израз или стил во архитектурата?

Општо познато е дека изразот/стилот на објектот навлегува во суштината на архитектонската филозофија и затоа целосно е неприфатливо одлуките за него да ги донесуваат недоволно упатените поединци, а уште помалку политичкиот естаблишмент. Ако се согласиме дека реконструкцијата на градскиот центар претставува повеќе културен, отколку технички зафат, тогаш во прв план се појавуваат две прашања:

1. Како да се воспостави добрососедство и хармонија меѓу новите и старите објекти? и

2. Како да се изнајде најсоодветниот архитектонски израз/стил за новите објекти?

Постапката за изнаоѓање на посакуваниот израз/стил, Елиел Саринен ја дефинира на следниов начин: „Искреното барање на архитектонските форми без намерна потрага по стилот е најсигурниот пат да се дојде до него”. Се разбира дека притоа се мисли на барањето нови, а не на копирање или имитирање стари форми, бидејќи големите архитектонско-уметнички епохи никогаш не ги имитирале епохите на своите предци (В. Гропиус).

Во сегашнава наметната состојба на стилски конфликти, сепак може да се сложиме дека најголемиот дел од архитектите во Р. Македонија покажа високо етичко ниво. Тоа се поткрепува со фактот што на конкурсите со однапред диктиран стил, од над 2000 илјади дипломирани архитекти зедоа учество само по неколку поединци. Зарем тоа не е доволна опомена за малобројните „академичари” поддржани од нивните моќни спонзори?

Сите оние кои имаат желба да расправаат и да нудат ставови за архитектонскиот израз/стил на објектот, или за неговата „фасада”, како што љубат да кажат „академичарите”, треба дефинитивно да научат дека:
„Архитектонскиот стил претставува дијалектичко единство на релативно постојаните белези на елементите што ја сочинуваат содржината и формата на објектот, како општи за конкретниот историски период и различни за одделните периоди. Тој претставува резултат од реализацијата на различните творечки методи и зависи од развојот на социо-функционалните, техничко-економските и идејно-естетските потреби на општеството” (Е. Христова, Естетика во архитектурата, 1979).

Познавајќи ги заложбите и „стручните” манипулации на новите „академичари”, со сигурност може да се каже дека тие воопшто не знаат што е стил, па така ниту можат квалификувано да ги разликуваат различните историски стилови. Велам „историски”, бидејќи стиловите дефинитивно се однесуваат на минатото, а не на архитектонскиот израз чие создавање е во тек и кој според своите квалитети во иднина би можел да се прогласи за стил.

На крај, се поставува прашањето: Како да дојдеме до еден современ архитектонски израз на актуелната македонска преродба? Се разбира не со диктат, туку низ една продлабочена стручно-научна расправа да ги усогласиме мислењата и да го пронајдеме заедничкиот именител на нашиот наследен регионален (национален?) архитектонски израз. Но, за жал најчесто се случува да гледаме и раскажуваме за она што се случува во светот, отколку да го видиме квалитетот што е секојдневно пред нашите очи. Како потврда за тоа може да послужи заклучокот на ученикот на Ле Корбизие, Душан Грабријан, кој во 1949 година истражувајќи ја т.н. народна архитектура во македонските населби, констатира:
„Она што го најдовме ги надмина сите наши очекувања, по цели денови бевме во екстаза, во непрестајно откривање и воодушевување. Насекаде наидувавме на реализирани, сосема современи прашања”.
Токму во периодот кога е објавена неговата книга (Razvojni put naše savremene kuće, 1973) се случува еден вид нова преродба во македонската архитектура. Тогаш се создадени антологиските објекти во Скопје и во Охрид, чии автори се инспирираат од архитектурата на македонската преродба од XIX век и на современ начин ја интерпретираат, по принципот на аналогија или асоцијација. Таквиот пристап, во вид на метод на инвенција е применет кај објектите на МАНУ, Универзитетската библиотека, Универзитетскиот кампус итн. Користејќи слични методи, десетици години порано земјите на Скандинавија, Бразил и Јапонија успешно ја избегнаа замката на интернационалниот стил и создадоа свои препознатливи современи регионални архитектонски школи.

Денес, на почетокот на XXI век, кога светот забрзано се глобализира, нашите архитектите се поставени пред тежок предизвик: Како да го пронајдат архитектонскиот јазик на обновената желба за преродба? Односно: Како да се воспостави врската меѓу глобалните трендови на архитектурата на информатичкото општество и поуките од нашето богато градителско наследство?

Од согледаните противречности меѓу авангардните движења во светската архитектура и идеите претставени во проектот „Скопје 2014”, произлегуваат следниве заклучоци:

- Во име на напредокот на творечката мисла, слободоумните образовани архитекти во Р. Македонија не треба да прифаќаат каков било рецепт со кој однапред се наложува архитектонскиот израз на новите објекти;

- Архитектите изразуваат револт против институционалното наметнување на еклектичките стилови во архитектурата на новата информатичка епоха;

- Во име на архитектонската етика, се повикуваат малобројните архитекти кои земаат учество во „стилски” диктираните конкурси, да се откажат од тоа;

- Во име на вистината, се повикуваат и малобројните „академичари” да се откажат од понатамошното залажување на неупатената јавност, со тврдењето дека еклектичките стилови прикажани во проектот „Скопје 2014” се дел од нашата традиција;

Афирмацијата на нашата самобитност не може да се направи преку имитација на увезени еклектички стилови, туку со помош на креативна современа трансформација на нашето богато градителско наследство. На таков начин може да станеме достојни синови на нашите големи предци, а во исто време и почитувани граѓани на светот, кој што забрзано се глобализира.

(обраќање на професорот Токарев на вонредното собрание на „Асоцијацијата на архитекти на Македонија“ на 10.03.10.)

Слики: Матеј Богдановски, од циклусот „Скопје, радост ти ќе бидеш

 

Слични содржини

Јавни простори / Историја
Јавни простори / Став
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Никола Гелевски
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото