Од другата страна на нашиот Симптом (2)

05.09.2015 10:17
Од другата страна на нашиот Симптом (2)

Минатиот пат говоревме дека груевизмот може да се сфати како симптом кој на голем дел од симпатизерите на ДПМНЕ им причинува задоволство во форма на страдање, т.е. ги обезбедува со она што Лакан го нарекува ужиток.

Но нашата анализа не завршува тука. Мојата теза е дека груевизмот како симптом, е само екстремна верзија на една друга тенденција присутна не само кај „ВМРО-вците“, туку кај македонскиот народ генерално, а која е интимно поврзана со особеностите на нашиот колективен идентитет. Но пред да преминеме на таа тема, потребно е да ја сфатиме структурата на идентитетот и да го разбереме начинот на кој идентитетот функционира на несвесно ниво. За оваа цел ќе се послужиме со теоријата на Лакан за субјективноста.

Прашањето на човековата субјективност е тема позната уште од времето на филозофите од древниот свет. Во општи црти, даден ентитет (единка или група) е субјект доколку врши дејствие врз друг ентитет, т.е. врз објект. Субјектот подразбира активност а објектот пасивност. Субјективност во полна смисла на терминот постои таму каде што делувањето и расудувањето доаѓаат однатре, а не се одредени однадвор.

Лакан воведува нова и радикална димензија во дебатата за субјективноста. Имено, суровата школа на Лакан нè учи дека во сржта на субјектот се наоѓа празнина. Понорна празнина која субјектот се стреми да ја исполни со нешто што ќе му даде целовитост. Овој стремеж за наоѓање на нешто, т.е. објект кој ќе ја исполни празнината на субјектот е моторната сила зад најдлабоките желби и посакувања на човекот.

Конститутивната празнина, или отсуство, во јадрото на субјектот е причина за разните имагинарни и симболички идентификации со кои се стекнуваме во текот на нашите животи. Идентитетот е наметка која ја покрива празнината во јадрото на нашето битие. Идентитетот е она што ги одредува координатите на нашето место во симболичкиот поредок на интерсубјективноста.

Ако субјектот е „субјективизирана празнина“ тогаш субјективизацијата е момент кога прото-субјектот се здобива со идентитетската наметка која му овозможува да заземе позиција спрема симболичкиот поредок. Субјективноста, според Лакан, не е фиксна категорија, туку подлежи на постојани преобразби. Оваа карактеристика на субјективноста е последица на флуидноста на нашите перцепции, емоции, идентификации и убедувања – кои се видоизменуваат со текот на времето и под влијание на нашиот однос со другите. Имајќи ги предвид дефиницииве, од овој момент натаму, без разлика дали говориме за идентитет на единка, на политичка партија или на цел народ, ќе го користиме терминот субјект во неговата лакановска смисла.

Да погледнеме сега на кој начин функционира идентитетот. Во Лакановата теорија идентитетот на субјектот (како на ниво на единка така и на ниво на група) е структуриран како несвесен ум – а несвесниот ум е структуриран како јазик. Тезата дека „несвесното е структурирано како јазик“ е првиот и можеби најсуштествен придонес на Лакан кон психоаналитичката теорија и филозофија. Според Лакан, јазикот не е само инструмент за изразување, туку јазикот лежи во основата на нашата субјективност.


Несвесното како јазик... Идентитетот како несвесно

Кога тврди дека несвесното е структурирано како јазик, Лакан укажува дека несвесните психички процеси се потчинети на одреден вид граматика, т.е. на група правила. Имено, несвесното е составено од симболи кои имаат, односно укажуваат на дадено значење. Овие симболи, како што се зборовите, фонемите, и друг вид знаци во Лакановата теорија се нарекуваат означители – и тие претставуваат основни структурни елементи на несвесните психички процеси. Преку означителите се артикулираат нашите желби, копнежи, стравови и идентификации. Даден означител во несвесниот ум сам по себе нема фиксирано значење (не е поврзан со едно и единствено означено), туку означеното е одделено од означителот и се наоѓа во состојба на постојано „метафорично лизгање“ од еден означител на друг.

Означителите, пак, одделени од дадено фиксирано значење, се поврзуваат едни со други образувајќи асоцијативна верига на означители – каде секој означител добива значење преку поврзаноста со други означители од веригата. Веригата означители во несвесното би можеле фигуративно да ја споредиме со молекуларната верига на течниот кристал, каде што поединечните атоми се лизгаат едни преку други за постојано да формираат нови врски помеѓу себе. Овие асоцијативни процеси во несвесниот ум се одвиваат независно од свесниот дел на нашата психа.

Нашиот идентитет, кој го восприемаме на свесно и на несвесно ниво, е исто така структуриран како јазик – и подлежи на истите односи како оние помеѓу елементите на несвесната асоцијативна верига на означители.

Лакан го користи теминот „верига“, или „ланец“ за да укаже на граматичката и контекстуална поврзаност помеѓу означителите, исто како што кој било изговорен збор за време на аналитичката сеанса е асоцијативно поврзан со оној пред него и оној после него. Само еден збор во дадена реченица не може да има фиксирано значење ако не е поставен во даден контекст.

Она што го определува контекстот на означителот, т.е. ги фиксира координатите на значењето на сите означители во дадена верига, или даден дискурс, Лакан го нарекува главен означител. Според Лакан, за зборовите (означителите) да се здобијат со дадено значење и смисла, потребно е да бидат барем делумно поврзани со даден главен означител. Без ваквото фиксирање, или „укотвување“ на значењето, нормалниот дискурс станува невозможен, т.е. станува „психотичен“ (каде значењето и смислата на зборовите е нејасна и неразбирлива).

Зошто толку внимание им посветуваме на механизмите во несвесното? Веќе рековме дека исто како несвесното, така и идентитетот на субјектот е структуриран како јазик, т.е. како верига од означители кои го го оформуваат неговиот светоглед и му даваат објаснување за смислата на неговото постоење. Генерирањето на идентитетски главен означител е од пресудно значење за формирањето и развојот на субјектот – и на ниво на единка, и на ниво на цел еден народ.

Да погледнеме едноставен пример за начинот на кој функционира главниот означител. Ако за означител го земеме зборот „лав“, тогаш означителот „лав“ би можел да биде име за животно кое живее во африканската савана, или прекар за симпатизер на политичка партија од Македонија. Имено, главниот означител одредува дали означителот „лав“ ќе се здобие со едното или со другото значење. Ако го поврземе означителот „лав“ со главниот означител „Африканска савана“, тогаш знаеме дека станува збор за африканско животно. Ако, пак, како главен означител ја земеме „Политичката сцена во Македонија“, означителот добива значење: симпатизер на ДПМНЕ.

Во неговото капитално дело „Сублимниот објект на идеологијата“ словенечкиот филозоф Славој Жижек дава добар пример за тоа како главниот означител ја субјективизира веригата на означители, и на тој начин игра пресудна улога во формирањето на идентитетот на групата. Жижек објаснува дека во идеолошкото пространство лебдат мноштво означители како „слобода“, „држава“, „мир“, „правда“, и др. Кога веригата на овие означители е надополнета (и фиксирана) од главниот означител „Комунизам“ тогаш целата верига ретроактивно добива комунистичко идеолошко значење – имено, дека „слободата“ е можна само ако се превозмогне формалната буржуаска слобода; дека „државата“ е средство преку кое владеачката класа ја одржува својата позиција на власт; или дека нема „правда“ во капиталистичките општества зашто самата размена меѓу трудот и капиталот е неправедна сама по себе, итн. Ако оваа верига ја укотвиме со главен означител „Либерална демократија“ или „Фашизам“, тогаш добиваме сосема друго или трето значење и смисла.

За Лакан главниот означител го кристализира идентитетот на субјектот – т.е. ги доведува до израз неговото целокупно посакување и неговата особена субјективна естетика, како на ниво на единка, така и на ниво на народ. Кој е тогаш главниот означител на нашиот идентитет како Македонци?

МАКИ-донија

Главниот означител може да се препознае за време на аналитичкиот акт како она нешто со кое анализантот1 често се судира во неговите или нејзините асоцијации. Тоа може да е термин, слика, предмет, концепт или некаков друг поим кој, наместо да го стимулира асоцијативниот процес на анализантот, секогаш става крај на истиот. Брус Финк објаснува дека главните означители претставуваат еден вид „ќорсокаци“ во аналитичкиот процес.

Ако ваквата дефиниција за главниот означител ја земеме како репер за анализа на атрибутите кои го сочинуваат македонскиот историски, национален и културен идентитет, тогаш многу лесно ќе дојдеме до она што претставува „сидриште“ на нашиот идентитет. Нашиот идентитетски главен означител провејува во многу форми низ опусот на нашиот културен и академски наратив – најчесто како „Македонија земја на страдањето“, „Македонија, земја на раздорот“, „Македонецот како пиреј“ итн. Ако треба да избереме еден збор кој кој би ги резимирале сите овие варијации, тогаш главниот означител на нашиот идентитет би можеле да го наречеме „МАКИ-донија“ т.е. земја и народ осуден на вечни маки и несреќа.

Кај македонскиот народ генерално постои еден вид „култ(ура) на страдањето“ во која младите Македонци се нурнати од најрана возраст. Првите средби со „МАКИ-донскиот“ наратив се трауматични и засекогаш остануваат врежани во несвесното, како онаа добро позната илустрација од историската читанка за основно училиште во која „Обединета Македонија“ е претставена како опкружена од сите страни со непријатели кои посегнуваат кон неа за да ја разделат и да го разнебитат нејзиниот народ. Проблемот е во тоа што оваа слика не е само означител на еден дел од историјата на народот, туку претставува несвесен главен означител на целокупниот идентитет.

Овој наратив доминира не само во образованието и акедемијата, туку и во литературата, во музиката, дури и во самиот јазик (на пример, во бесмислената поговорка која вели дека „типичните македонски имиња се Трпе и Стојан, бидејќи Македонецот опСТОЈува ТРПЕјќи“). Со еден збор „МАКИ-донскиот“ наратив провејува низ целокупниот симболички поредок кој го дефинира нашето сфаќање за себеси и нашиот поглед кон светот. Оваа севкупност од идентификации, општествени норми и културни вредности кои го оформуваат нашиот поглед кон светот, Лакан го нарекува Големиот Друг (Grand Autre). Концептот за Големиот Друг го зафаќа централното место во Лакановата теорија на субјективноста - но за тоа ќе говориме другпат.

Да се вратиме на главната тема. Од сево ова можеме да заклучиме дека ДПМНЕ и груевизмот се само симптомот, т.е. екстремна манифестација на една друга тенденција присутна не само кај „ВМРО-вците“ од ДПМНЕ, туку кај македонскиот народ генерално, а тоа е нашата култ(ура) на страдање и маки. Оваа идентификацијата на нашиот народ со главниот означител „МАКИ-донија“ функционира на несвесно ниво и е присутна кај Македонците уште од мали нозе. На несвесно ниво ова се манифестира како тенденција кон уживање во сопственото страдање.

Ако главниот означител на идентитетот (како и на несвесната верига на означители) претставува „ќорсокак“ во аналитичкиот акт, тогаш задачата на психоанализата е да „пробие пат“ низ ќорсокакот. Лакан вели дека задача на психоанализата е да ги дијалектизира ваквите главни означители, т.е. поимите или зборовите кој ја попречуваат акцијата на анализантот. Под зборот дијалектизирање Лакан подразбира обид за воспоставување антагонизам помеѓу главниот означител и останатите означители на веригата.

Успешното дијалектизирање на главниот означител води до тоа анализантот да почне свесно и отворено да се спротиставува на неговиот главен идентитетски означител. Од тој момент натаму започнува пресудната фаза во аналитичкиот процес, при што идентификациите на субјектот се ставаат под знак прашалник. Идентификациите до тој степен се ставаат под прашање што станува невозможно да бидат одржани на ист начин како порано. Во моментот кога субјектот станува критичен кон постоечкиот главен означител, доаѓа до интензивно анимирање на неговите или нејзините сништа, желби и копнежи. Севкупноста на копнежите, сништата, желбите и надежите на даден субјект Лакан го нарекува désir. Во македонскиот јазик не постои еквивалент на овој француски термин, и често се преведува едноставно како желба. Но ваквиот превод не го доловува целосно специфичното лакановско значење на терминот désir, кое претставува постојана и непрекидна сила, т.е. континуиран процес. За да го доловиме вистинското значење предлагам за овој контекст да го воскреснеме црковнословенскиот збор  , транслитерирано на современ македонски како желание. Желанието, поточно несвесното желание, е срцевината на човековото постоење и еден од централните концепти во психоанализата.

Оспорување на главниот означител од страна на субјектот води до анимирање на неговото или нејзиното севкупно желание кое, пак, го поплочува патот кон генерирање нов главен означител на идентитетот. Овој процес на анимирање на желанието Лакан го нарекува хистеризирање на субјектот. Субјектот мора да се хистеризира, т.е. да почне силно да посакува нешто од кое е одделен, за да може адекватно да генерира нов главен означител. Генерирањето нов главен означител, пак, води до производство на ново знаење (сознавање) на субјектот за себеси, и за неговото или нејзиното место во светот.

________________________________________________

[1] Лакан го воведува терминот „анализант“ (analysant на француски) за да ги отфрли термините пациент или клиент како означители за субјектот на аналитичкиот акт. За Лакан анализантот е тој кој го врши поголемиот дел од работата во анализата, а не аналитичарот.

(продолжува)

Кон првиот дел

Кон третиот дел

Слики: Dave Cooper

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото