1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
На семафорите кај Рекорд, во стариот дуќан на „Рубин-кармин“, е отворена продавница на „Специјал 1986“: бурек со урда, ѓевреци и переци, кифли со виршли и без виршли…
Неколку метри подолу е продавницата на „Жито-Лукс“ со истата понуда: бурек со урда, кифли, ѓевреци, переци… Уште три-четири метри удолу кон идиотскиот споменик на Христо Узунов, е продавницата на „Специјал“ (не знам дали двата „специјала“ се различни фирми со оглед на истото име и различните логоа) со бурек со урда, кифли, ѓевреци, переци…
Од другата страна на улицата е старата бурекџилница „Рекорд“ во која исто така, освен бурек со урда, можете да купите переци, кифли, ѓевреци.
Малку над неа има една друга бурекџилница која нуди ѓевреци, кифли, переци и други чудовишта од лиснато и друго тесто, а на ќошот е големата продавница на „Мекиците од Стража“ со малку поинаков асортиман, но во суштина со иста програма тесто, вакви и такви кифли, мекици, гибаници и сл.
Десетина метри кон Градскиот трговски центар е продавницата на „Вегера“ со кифли, ѓевреци, бурек со урда и така натаму, а малку пред неа, но од другата страна на улицата е некаква продавница на пица на парче. Центарот на најстрогиот центар на Скопјанг е претворен во една голема бурекџилница! Тоа, се разбира, го диктира пазарот, фамозната понуда и уште пофамозната побарувачка. Луѓето имаат потреба од евтина и нездрава храна повеќе отколку што имаат потреба да читаат или да си ги мијат забите.
Проблемот е во тоа што пазарот ја диктира страшната, единствена и неповторлива регресија во потребите на Македонецот, а тоа го прави со помош на политичкиот диктат на општите вредности, стандарди и ориентири и на медиумските функции за кретенизирање на широките народни маси.
Целата филозофија на постоењето и на смислата на тоа постоење, во тој политичко-медиумски и пазарен комплот, се сведува на минимум пари што ќе ти ги даде државата преку некое бесмислено работно место или преку социјалната помош, со кои ти ќе можеш да си купиш четврт бурек со урда и јогурт. И ништо друго. Проста репродукција на Македонецот претворен во флотантна маса!
Слики: Свирачиња