Распетие

05.09.2015 12:54
Распетие

Господ

Постои ли бог? Не знам, но постои графитот на зградата спроти хотел „Карпош“: +Господ+. Како севишниот лично да дошол и да се потпишал. Македонски историчари, зграпчете го доказов. И не го пуштајте наредниве стотина години.

Распетие

Убава полицајка со раширени раце како распетие барем на оваа раскрсница ја има сета власт: ги одредува сите разминувања на автомобилите, пешаците, велосипедите, инвалидските колички; нивниот правец на движење, дозволата за поминување и времето кога ќе се направи тоа зависат од нејзината волја и мрдање со рацете. Би сакал да ја ослободам од појасот што ја дели на две. Ако претрчам во насока спротивна од дозволената, знам колкава ќе биде казната што треба да ја платам. Ако ѝ ставам ореол, знам дека ќе ме проколнат поповите од црквата сместена баш на аголот од раскрсницата со која убавицата владее. Ако ѝ оставам пари како на икона, тоа е веќе мито и корупција. Но што ако само воздивнам? Каква казна ми следува? Законот за сообраќај треба да биде попрецизен.

(Од циклусот „Изгубените чевли на Скопје“)

Фотографија: Иван Шопов

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото