Скопјани стравуваат дека бегалците ќе им ги земат сите места во кафулињата

05.09.2015 13:24
Скопјани стравуваат дека бегалците ќе им ги земат сите места во кафулињата

Скопје, 5 септември 2015

Сè поголем број Скопјани стравуваат дека бегалците што минуваат низ земјава ќе им ги земат сите места во кафулињата каде седат во текот на работното време, дознаваат Пара вести.

„Сега веќе на сите им е јасно дека Македонија не е случајна земја на патот на бегалците, туку тие слушнале дека овде имаме многу места во кафлињата и тргнале наваму да ни ги земат. Веќе размислуваме да организираме протест за да ги заштитиме нашите места каде што седиме и го пиеме првото утринско кафе некаде околу 11 часот“, вели еден од постојаните гости во кафулето „Дремка“ на улица Македонија.

„За ова е виновна Америка која е љубоморна на нашето долго еспресо со млеко во поголема шолја и сака да ја загрози нашата угостителска дејност“, додава нашиот соговорник.

Експертите се согласуваат дека Скопје нема толку места во кафулињата за да ги прими сите бегалци и дека понекогаш Скопјани мораат да чекаат за да добијат слободно место.

„Европа љубоморно ги чува своите места во кафулињата, па затоа и крева ѕидови на своите граници. А прашајте се зошто бегалците не бараат место во кафулињата во земјите кои им се поблиски, како Саудиска Арабија или Обединетите Арапски Емирати“, вели доктор Перо Клативратов, експерт за миграција од кафуле до кафуле.

Според зборовите на редовните муштерии, бегалците во центарот на Скопје ги заземаат најдобрите места, и тоа не за да пијат пиво или кафе со часови, туку за краток одмор и чаша вода, што го покажува целосното непочитување на културата во која дошле.

Извор: www.njuz.net