Музиката може да создава простори

07.09.2015 00:15
Музиката може да создава простори

Би сакал да имам таков прозорец на ѕид доволно длабок да може да легнам подвиткан и да читам со слушалки на глава. Да биде жега ама да има блага промаја која не ти дава да посегнеш по далечинскиот од климата. Раситнети и благи сенки кои влегуваат на под и на софата; таман како за дремка после ручек. Како во куќите на Алто; да се движат по малку и бавно. Изгледа мрдаат само кога благиот ветар ќе ги помрдне дрвјата надвор, а богами тоа ретко се случува. Барем не во Скопје во лето. А и не останаа многу дрвја во последно време. Можеби ако имате стан во некоја од старите социјалистички населби или пак викендичка надвор од градот. Уште подобро - од другата страна на Водно, кое пак нè дели на две, нас Скопјаните, на викендаши и обични; небаре некој ѕид - ист како оној на кој седам. Како на сртот на Водно ама во делник ден, без инстаграм, само музика. Буљам далеку. Далеку позади Скопска Црна Гора.

Тоа е доброто со овие дебели и стари ѕидови, што создаваат места во отворите - што се секако поразлични од местата во остатокот од собата, зашто го имаат чувството на внатре и надвор во исто време. Бездруго, се сомневам дека обична софа купена на есенскиот попуст од саем може да биде поставена на така мало и интимно место. На преодот помеѓу зимата и пролетта, во тие мрачни скопски смрдливи денови од годината кога загадувањето, бојата на небото и воздухот се прелеваат во агрегаторот за вести на телефонот, беше луксуз да се биде помеѓу внатре и надвор и да не се избере страна. Иако е јасно дека сме внатре и дека неволно си ги плаќаме сметките за парно, жестоко се браниме од невремето надвор. И со право, но кога ќе стане неподносливо и премногу, сите сакаме да имаме едно место каде што ќе бидеме на повеќе места во исто време; секаде само не тука. Исто како и ѕидовите, и музиката може неочекувано да создаде простор, надвор од оној физичкиот во кој надградбата на комшиската зграда ви го крие погледот кон сонцето. Ставаме слушалки и со точакот поминуваме низ толпата луѓе на плоштад, преправајќи се дека не ги гледаме гротескните згради, со паметот на друго место и без да отвориме Фејсбук.

 

Таа зима, често одев во студиото на моите пријатели кои тогаш го снимаа својот прв албум. Студиото беше составено од две соби со идентична големина и ходник кој ги поврзуваше од надвор, па мора да се излезе надвор од едната соба, да се пројде низ студениот и грд ходник и да се влезе во другата соба. Помеѓу двете соби има голем прозорец – екран низ кој бендот и техничарот комуницираат некогаш со гестикулација со раце, а некогаш со чудни кратки реченици кои имаат смисла само помеѓу нив, но во никој случај за оној кој седи од страна и нема слушалки. Ентериерот изгледа носталгично во својата дрвена обвивка и со пригушената жолтеникаво топла светлина која доаѓа од аглите на собата. Има една голема работна маса која стои помеѓу двата прозорци кои гледаат надвор (нигде) и една удобна софа во позадината на која седи посетителот или најчесто клиентот музичар. Претпоставувам дека одлично би се дремнало тука помеѓу две снимања, но сепак од софата има два важни погледа: кон компјутерот на кој се „сложува“ музиката и врз кој виси тенка транслуцентна таписерија пригушувајќи го силното светло од горе; и оној поглед кон мизансценот во другата соба во кој бендот свири и го полни компјутерот со парчиња музика. Пред да дојдам во студиото мојот најголем интерес беше да го набљудувам визуелниот процес на „лепење, сечење и монтирање“ на музичките парчиња кои стигнуваат од другата соба, но овој пат музиката беше во форма на природен феномен кој треба да се сними на терен. Се чувствував дека присуствувам на снимање на оние музички колажи за документирање на звуци на некој поток, или шума со птици, а не на на снимање на албум. Тоа – музиката, беше веќе таму во другата соба и излегуваше во својата речиси завршена форма со секоја нова проба, одново и одново.

Не ми беше првпат да бидам во студио или да присуствувам на снимање, но она што ме фасцинираше беше непосредноста и директноста со која музичарите ја полнеа просторијата. Две гитари без бас и едни срамежливи, но симпатични тапани. Понекогаш наместо едната гитара се појавува и труба која мене ме потсетува на онаа фина бледо бела месечина која се појавува дење и стои како контрапост на сонцето – како орнамент на небото, кој иако знаеш дека е природен и очекуван, сепак додава надреалност и сонливост во целата композиција. Пеењето е ретко и речиси во позадина, како додаток на мелодијата, но никако како текст на кој треба да се сконцентрираме. Целата приказна изгледаше како архаична и заборавена вештина во која двете гитари скромно се преплетуваа како стебла од лозници кои се искачуваат по тенката метална конструкција да направат стреа. Атмосферата која беше спој на ентериерот на студиото и музиката ме потсети на една анегдота која ми ја раскажуваше вујко ми дека пред земјотресот во Скопје и пред формирањето на радиото во формат каков што го знаеме денес; децата кои таму си играле понекогаш се прекачувале преку оградите за да ги слушаат музичарите како снимаат во некоја од бараките. Заради тогашните технички можности, многу од емисиите се снимале секој ден во живо, немајќи ја размазеноста за снимање на целиот материјал којшто требал да заврши во домашните звучници или во транзисторот на нечија гаража. Да се разбереме, ниеден музичар не би сакал да стане во 6 наутро во февруари за да се сними утринската шпалта на песни за утринската програма, но можам да замислам како би изгледал и звучел еден Бадев со бендот во некоја барака. Магија! Патем, мислам дека и просториите на тогашното радио се наоѓале на местото каде што сега се наоѓа студиото во кое што се снима албумот, што неизбежно повлекува компарација и чувство на носталгичност, иако самиот карактер на музиката никако не го поткрепува тоа. Не знам дали анегдотата е вистинита или е само приказна која се изромантизирала со годините, но фасцинантен е фактот, за мене како архитект, дека музиката може да создаде атмосфера која ќе го обои или засили секое друго сетило за восприемање на просторот; толку непосредно и толку директно.

 

Школата на архитекти од која потекнувам речиси никогаш не се занимавала со директно создавање атмосфери. Атмосферата е сензорна манифестација кои постои помеѓу објектот (просторот или предметите) и субјектот, односно оној кој ја искусува. Парчињата мебел кои ги разместуваме по собата, бојата и текстурата на ѕидовите, светлината која доаѓа од надвор и внатре, мирисите, климата, меморијата и акустиката се нераскинливи делови од чувството со кое го восприемаме просторот. Секој предмет или просторија резонира со атмосфера која е невозможно да се пригуши, па дури и да сакаме да ја избегнеме и да создадеме стерилен простор којшто ќе се восприема преку единствено логичко-визуелна и просторна перцепција. Ние архитектите премногу се трудиме да создадеме празни и штотуку родени објекти, соседства, згради или соби кои треба да се наполнат со живот, бои, приказни или предмети, но никогаш со предетерминирана формула по која ќе се создаде атмосфера. Фер е да се признае дека современата архитектура ги брише старите индоктринирани граници и трансдисциплинарно се поместува кон други домени, кадешто е сепак дозволено да се „намамува“ идниот корисник/клиент со подиректна проекција за атмосферата којашто ќе зрачи од новиот простор, но далеку е од моќта на сетилната бомба која музиката од просторијата за снимање ја донесе на софата на која седев во студиото.

Некои албуми го можат тоа – да создадат атмосфера која не само што ќе ја обои собата како што ставаме маслиново масло врз безличните парчиња зеленчук, туку може да проектира и замислена сцена/простор кое преку некаков си аватар ќе постои паралелно со собата во која се наоѓате. Албумот на Something completely different е дефинитивно еден од оние кои непретенциозно создаваат свет надвор од политичко-социјалната реалност во кој и самите се создадени. Впрочем тие се најпосле дестилат на многу фрустрации и искрениот напор за подобар град, притоа помагајќи ни да издржиме кога зградите од плоштадот ни се доближуваат да нè изедат како оние кутри испотени лица во полните кафани кои го голтаат целиот метален сад за мешана скара. Во минатата смрдлива и долга зима, студиото и музиката во него беа отворот низ кој гледав и ми овозможуваше неколку часови пауза во којашто можев да се соберем сила за наредниот удар на испотените чела. Фантастичен рецепт за создавање атмосфера дури и кога сум далеку преку Скопска Црна Гора. Како отворите во оние старите и дебели ѕидови кои ги има малку, за да не ја нарушат структурата, но кога ќе се појават можат да се направат места во нив, непосредно и ненаметливо поставувајќи нè меѓу внатре и надвор. Би сакал да имам таков прозорец на ѕид доволно длабок да може да легнам подвиткан и да читам со слушалки на глава.

На сликите: пиратски плочи од СССР направени на рендгенски снимки