СДСМ и ВМРО ин, Груевски и фамилијата аут

09.09.2015 10:51
СДСМ и ВМРО ин, Груевски и фамилијата аут

Сашо Орданоски се наоѓа на неколкумесечен престој во престижниот виенски Институт за општествени науки (Institut für die Wissenschaften vom Menschen – IWM) каде што работи на подготовка на неговата следна книга што ќе се занимава со подемот и падот на македонскиот десничарски популизам. Самиот вели дека неговите досегашни истражувања се интересни, но дека за да можат навистина да доживеат трансформација во книга, ќе треба да се причека заминувањето на Груевски од власт во Македонија, бидејќи дури потоа ќе може уверливо да се реконструира неговото владеење, во сите негови општествено-политички, економски и криминални димензии. Со Орданоски, кој наскоро најавува дека ќе се врати со своите редовни анализи на страниците на викенд-изданието на „Слободен печат“, разговарав за најважните актуелни политички теми во Македонија, погледнати од „виенска“ дистанца.

 

На повеќемесечен престој сте во Виена, можеби последниот западноевропски главен град сѐ уште суштински заинтересиран за Балканот, каде што претпоставувам дека имате можност за средби и разговори со различни странски претставници околу нашиве македонски премрежија. Какви впечатоци имате од тие разговори?

Странците со кои јас имам прилика да разговарам – ете, последниот пат во низа средби на маргините на неодамнешниот Балкански самит во Виена – веќе немаат никаква илузија со кого си имаат работа кога е Груевски и неговата фамилија на власт во прашање. За него главно се разговара како за уште еден политичар од идното минато на Македонија, како за човек на дефинитивно заминување од македонската политика. Тие разбираат дека тоа негово збогување ќе се одвива во повеќе епизоди, некои од нив забавни, други тажни, но јасно им е дека – после содржините на „бомбите“ и, особено, по големиот инцидент во Куманово – нему политички спас му нема. Но, забележувам и тоа дека кај добар дел од овие странци со кои јас разговарам, постои одредена резерва за тоа кој ќе дојде на власт по Груевски – СДСМ не им е доволно јасен, Заев не го познаваат добро и не го знаат неговиот капацитет за обединување на опозицијата, а за минатото на неговата партија немаат големи пофалби. Кон ДУИ се однесуваат со релативна незаинтересираност и со поголема толеранција за разните глупости што од таму излегуваат; всушност, на ДУИ гледаат како на „нужно политичко зло“ задоено во сопствената политичка безалтернативност. Има многу прашања и искрен интерес за капацитетот на цивилниот сектор, свесни се дека во тој сектор во Македонија се случија големи придвижувања, но не се подготвени да поверуваат – додека не видат со свои очи – дека македонското граѓанско општество може да прерасне во политички фактор што би влијаел директно врз равенката на идната власт. Значи, да се послужам со формулата на првиот генерален секретар на НАТО Лорд Исмеј од пред шеесет-седумдесет години, некако ми се чини дека во одредени влијателни странски кругови на идната македонска власт се гледа како на комбинација од СДСМ и ВМРО ин, на Груевски и на фамилијата аут, а на ДУИ и на граѓанскиот сектор даун. Врз сето ова, се разбира, ќе влијаат и самите изборни резултати, но не гледам дека нашите странски пријатели се подготвени за поголеми анализи на одредени финеси и други политички и партиски „дестилации“ кои во Македонија реално постојат.
Сепак, од она што јас успевам да го разберам од тие разговори е дека новата власт по април идната година, како и да изгледа таа, ќе има два клучни приоритети: прво, ефикасни политички реформи со реални економски придвижувања; и, второ, решавање на проблемот со името со Грција. Тоа се тие сублимирани „пет минути“ време што „странците“ имаат да го потрошат на нас, соочени со низа други многу посериозни кризни и политички приоритети во Европа и во светот.

 

Сепак, Груевски во Македонија беше претставен како главен голгетер на самитот ЕУ-Западен Балкан во Виена...

Балканскиот самит во Виена беше внимателно оркестрирана прилика од страна на меѓународната заедница за дополнително авансирање на српско-албанските односи, по потпишувањето на косовско-српскиот договор само неколку дена пред самитот. Во Виена Александар Вучиќ и Еди Рама беа главните ѕвезди, тие очигледно уживаа во тој третман, настојуваа да ги шармираат странците и да испорачаат многу популизам за потребите на своите, домашни јавности. И, да ви кажам право, после многу години од непријателствата и конфронтациите меѓу Србија и Албанија, убаво е да се види дека премиерите на овие две земји меѓусебно се третираат со доза на колегијалност, па дури и пријателство, што ги релаксира политичките односи во целиот регион. Ми се чини дека тоа е оската на главната европска политика на Балканот за оваа деценија. Другите делегации на самитот беа релативно маргинални учесници на тој собир, а Македонија својот најголем дипломатски успех го постигна со двата гола на Груевски на ревијалниот фудбалски меч. Јас учествував на паралелниот собир на цивилниот сектор од регионот што го организираа домаќините, Австријците, и кога во кулоарите на виенскиот собир ќе го спомневте името на Груевски, човек добива впечаток дека повеќето луѓе ве гледаат како да имате некоја заразна венерична болест... Другото се прикаски за мали деца што пропагандата на власта ја продава во Македонија.

И, да не заборавам, имам индиции дека Французите, кои идниот август се следниот домаќин на овој балкански собир во Париз, можеби ќе посветат поголема енергија на состојбата со Македонија и нашата регионална позиција, особено во односите со Грција. Но, тоа, се надевам, ќе биде во постгруевистичкиот период за македонската тегобна политичка приказна, кога други луѓе со други вредности од овие на сегашново ДПМНЕ ќе ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена.  

Како го гледате најновиот развој на настаните во врска со судското произнесување по повод анулирањето на правната валидност на снимените разговори за нивна идна правосудна употреба?

Дозволете ми да направам една паралела, која мислам дека е многу илустративна за нивото на кое е паднато правосудството и демократијата, воопшто, во Македонија: завчера претседателот на Гватемала, Ото Перез Молина, после подолго натегање, си поднесе оставка како резултат на граѓанските протести предизвикани од големиот корупциски скандал што ја тресе таа земја, а во којшто тој, заедно со уште десетици други осомничени функционери, е имплициран за присвојување милиони долари од царината – замислете, надлежниот суд во Гватемала, уште пред тој да си поднесе оставка, изрече забрана за негово напуштање на земјата, а потоа и наредба за негово приведување, по симнувањето на неговиот имунитет од страна на националниот парламент, само неколку дена пред тамошните избори на кои тој овој викенд требаше повторно да учествува како надежен кандидат. Ви се молам, ова се случува во една Гватемала, за која не би можело да се каже дека е светилник за демократијата во светот! Зошто во Македонија да не важат демократските и правосудните стандарди кои во меѓувреме ги усвоила дури и една Гватемала – која, да потсетам, не е земја-кандидат за влез во ЕУ – каде за седечки претседател се издава судска наредба за приведување заради негова имплицираност во проневери?! Дополнително, мислам дека обвинителството на Гватемала располага со послаби докази против Молина, одошто се индициите за тешките кривични дела во нашето обвинителство за „тајфата Груевски“.

Според тоа, сведоци сме, се надевам, на последните трикчиња со кои Груевски и Мијалков се обидуваат да ја пресретнат правосудната судбина која, во догледна иднина, ќе им се испорача на домашна адреса. Тие сега разбираат дека многу погрешиле што во Пржино прифатија институција специјален обвинител, која е произлезена од една нивна претходна уште поголема грешка, официјално да го прифатат извештајот на Прибе во која се детализирани нивните крупни демократски и правни злоупотреби. Тој извештај ќе биде новиот устав на Македонија, ама на Груевски тоа доцна му текна.

 

Од амбасадите на САД и на Германија стигнаа прилично експлицитни пораки, ниедна од страните да не ни помислува да го опструира договорот за специјален обвинител. Бајаги е јасно на кого овие пораки се однесуваат, со оглед на јасната ситуација кој се плаши од специјалниот обвинител?

Како што Љубчо Георгиевски своевремено со настаните пред и по Охридскиот договор беше „доведен во ред“ од странците по неговите опасни авантури во 2001 година – а тоа важи и за дружината на Али Ахмети, се разбира – така сега и на Груевски со извештајот на Прибе и сите елементи од тековните преговори „ќе му се врзе машна“ за спречување на неговите дијаболични планови за иднината на македонската демократија и овдешната правна држава. Јас секогаш велам дека меѓународната политика кон Македонија не треба да се гледа како машина за мелење кафе, која со брзи вртежи дава префинета, ситно сомелена смеса – напротив, таа повеќе личи на машина за мелење камен која работи побавно, крши поголеми парчиња и зад себе остава чакал што можеби ја нема финотијата на песокот, но ја има цврстината за изведување груби бетонски зафати. Е, тоа е она што му се случува на Груевски, таа меѓународна машина за мелење тој успеа да ја вклучи, и сега камен по камен му ги дробат позициите и силата, откако и странците сфатија дека Ѓаволот ја однел шегата со власта на, по зло, најпознатата фамилија во македонската политика. Мене ми се чини дека особено ЕУ и самата, макар со нечинење, учествуваше во востоличувањето на деспотизмот во Македонија, но тоа непријатно поглавје за него е завршено, Европејците сметаат дека деновите на Груевски се изброени. И тоа, практично, и Американците и Европејците му го кажуваат во секоја своја наредна изјава и соопштение. 

Очекувате дека специјалниот обвинител, чија работа уште незапочната се поткопува со удари од партизираното судство на Груевски, ќе има негативен учинок по позициите на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ пред изборите во април?

Долга и широка е расправата што добро може да се очекува од таа иновативна специјална правосудна инстанца кај нас, но евидентниот страв на Груевски од работата на тој обвинител мене, однапред, ми влева некоја надеж: се гледа дека на пастирот му тече низ ногавица, па мора да прибегнува кон дополнителни политички лакрдии со нашето судство, иако тоа само нему ќе му ја влоши ситуацијата и од правна и од политичка гледна точка. Имено, зошто би се мачеле со обиди за невешто правно анулирање на релевантноста на снимените разговори, ако се тие сечени и лепени и злобно монтирани од страна на опозицијата? Па, ако се такви, Груевски треба прв да инсистира на нивната валидност за судско вештачење за да се докаже дека Заев и „странските служби“ го местат синот на Нада, тоа вредно и правдољубиво момче, кое десет години само добро ѝ мислело на Македонија! Па, нели беше тоа суштината на неговата патетична одбрана досега: Заев лаже, да се апси, „жолто комбе“, пуч, странски служби, сечеле-лепеле-монтирале, нема вистина во содржината на лентите?!

Ефектот од ваквите политикантски маневри го прават Груевски политички провиден и слаб, тие „досетки“ не можат да преживеат ни 24 часа откако се лансирани. Странците, сложно, повторно му очитаа уште една лекција по демократија и правна држава и, всушност, мислам дека овие потези на Груевски само ја слабеат позицијата на ВМРО-ДПМНЕ во преговорите по Пржино. Тие го немаат дури ни ефектот за одржување на внатрешната партиска кохезија во ДПМНЕ, која завршува некаде до Илија Димовски и веројатно ни човек понатаму!

 

Значи очекувате дека ова МВР, на пример, ќе соработува со специјалниот обвинител во прогонот на осомничените највисоки претставници од сегашната власт?

Мислам дека тоа прашање треба да си го постави секој сегашен среден и понизок функционер во власта. Јас, на пример, би се заложил за приоритетен прогон на судии и обвинители, а дури потоа на политичари, првиот ден по падот на оваа власт. И би се заложил за многу, многу построги и повисоки казни за правосудните функционери, кои дозволија Груевски да го разнебити правниот систем во земјава до ниво на чиста лакрдија. Па нека му ја мислат тие, зошто јас и вие да сме загрижени за тоа, кога ги имаме по име и презиме, до последен.

А што се однесува до МВР, читам дека на веб-страницата на МВР веќе некое време имаат апликација за пријавување сомнителни лица, па си мислам дека е тоа извонредна можност наредните денови да се направи една акција по социјалниве мрежи илјадници луѓе да пријават по некој министер или други функционери од овие што ги слушавме по објавените прислушувани разговори, бидејќи постојат големи основани сомневања дека се замешани во најтешки облици на криминал. Баш ме интересира што ќе прави МВР со неколку десетици илјади такви пријави?

Сепак, не ли ви се чини дека и ефектот од „бомбите на Заев“ како да се троши, тие не доведоа до брз пад на Груевски од власт, како што се надеваше и самиот Заев?

Реално, Заев со неговите „бомби“ предизвика земјотрес во идилата на владеењето на фамилијата. Да, тие не предизвикаа брз пад на Груевски од власт, бидејќи Македонија не е демократска земја – како Гватемала, на пример – каде што функционираат независни институции или морално-политички стандарди, кои би приморале една толку демаскирана власт на сопствена политичка демисија и соочување со правните последици од своето владеење. Не е спорно, деспотите никогаш и никаде не си заминале доброволно од власт. Сепак, не е спорно дека за половина година од објавувањето на првите „бомби“ дојдовме до таков политички пресврт кој не беше замислив уште пред само седум-осум месеци: паднаа значајни оставки; Груевски е тотално дестабилизиран и деморализиран и ќе мора во декември да ја напушти власта; во април ќе има предвремени избори до кога власта ќе биде предмет на истрага на специјално обвинителство за тешки кривични дела, а опозицијата се врати во Собранието под свои, а не под условите на Груевски. Мислам дека е јасно, барем досега, кој треба да се чувствува понижен од ваквиот развој на настаните.

Од друга страна, навистина, има разни луѓе што мислат дека „бомбите на Заев“ се завршена приказна. Многумина не се ни свесни дека правните последици од нив не се ни почнати да се отплеткуваат. И тоа не мислам само на некакви политички инстанци каде што тие процеси ќе се покренуваат, туку говорам за стотици и илјадници приватни кривични пријави, со барања за обесштетувања, кои ќе следуваат против лица и институции, од кои не се сите врзани за државата, а ги правеле, ги помагале или ги овозможувале овие злоупотреби. Велам, допрва ќе има големи изненадувања на таа тема, мислам дека во наредните години судовите ќе бидат затрпани со тужби, како последица на незаконското однесување на власта на Груевски. Дури, предвидувам дека некои од поголемите спорови и нема да се водат неопходно во Македонија, бидејќи во целата работа се замешани лица и компании што имаат седишта во странство. И тоа нема да бидат спорови во кои ќе решаваат судии и обвинители поставувани од Мијалков. Во тие земји каде што веројатно ќе се покренат тужбите со поинакви очи и правна практика се гледа на кршењето на човековите права и за другите криминални дејанија кои се правени со прислушувањето.

Јас, на пример, само чекам да видам што ќе констатира специјалниот обвинител и судот по прашањето за тоа кој и каде прислушувал, за да почнам со приватна правна постапка против тие што мене, во многу голем обем, ми ја нарушиле приватноста, а за што поседувам – благодарејќи на „бомбите на Заев“ – несоборливи докази. Јас нигде не брзам, овие работи правно брзо не застаруваат, на крајот некој ќе ја плати штетата.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња