„Плоштад Слобода“ бара Жерновски да го запре уништувањето на Дебар Маало

10.09.2015 10:02
„Плоштад Слобода“ бара Жерновски да го запре уништувањето на Дебар Маало

Невладината организација „Плоштад Слобода“ бара градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, да ја спречи градежната експанзија и уништувањето на зеленилото во Дебар Маало предвидено со Деталниот урбанистички план кој е на јавна анкета уште два дена.

Од невладината посочуваат дека во ДУП-от се предвидува изградба на висококатници, проширување на улица, згради кои се наоѓаат на државно земјиште, а за кои не е јасно кој е иден инвеститор, каде може да никнат нови барокни зданија.

Најзагрижувачко, според нив, е тоа што се планира да се задржат одделни решенија кои потекнуваат од претходниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ.

„Дел од овие парцели и решенија во ДУП-от се стари, како на пример 55-метарската кула на општина Центар. Но тоа не значи дека правото да гради кое го стекнала општина Центар под раководство на Жерновски, дека од тоа право не може да се откаже. Тоа што некој пред Жерновски нацртал 55-метарска зграда, не значи дека Жерновски има обврска таа катност да ја држи. Тој може и да ја спушти бидејќи одлучува во името на целата општина“, вели Никола Наумоски од „Плоштад Слобода“.

Уште една локација е спорна за невладините. Старите бараки на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор кои ќе бидат заменети со две петкатници високи 18 метри. Одлуката за оваа локација е донесена од страна на Советот на Општина Центар во 2012 година, кога овие неизградени згради се утврдени како објекти од посебен интерес.

Невладината организација „Плоштад Слобода“ во јавноста е позната по бројните протести за зачувување на зеленилото во Скопје, но и реакциите против владиниот проект Скопје 2014. На денешниот настап, за прв пат откако ВМРО-ДПМНЕ го загуби Центар, ги повикаа граѓаните на реакција за урбанистички план кој го носи локалната власт.

Извор: Плусинфо, 9.09.2015.

ОкоБоли главаВицФото