Профил на лошиот човек

10.09.2015 11:55
Профил на лошиот човек

Чија е заслугата што тој не направил поголемо зло, не извршил ниедно злосторство и што не организирал посуптилни одмазди? Како тој не ги извршувал заповедите на крвта што му се искачувала в глава? Заради својот кроток карактер или заради тоа што се здобил со посебно воспитание? Сигурно не, и уште помалку заради неговата вродена добрина; туку затоа што му е присутна идејата за смртта. Склон никому ништо да не прости, тој им простува на сите; најмалата навреда му ги раздразнува инстинктите; еден миг потоа, ја заборава. Доволно му е да си го замисли својот труп и труповите на другите, за веднаш да се смири: ликот на сè она што се распаѓа го претвора во добар човек - и во кукавица: не постои мудрост (ниту милост) без злокобни опсесии. Здравиот човек, радосен што живее, се одмаздува, си ја слуша крвта и нервите, станува сличен на предрасудите, возвраќа, удира шлаканици и убива. Но духот нагризан од стравот од смртта не реагира повеќе на надворешните барања: тој скицира факти и ги остава незавршени; размислува за честа, и си ја губи...; се препушта на страстите, и детално ги анализира; стравот што му ги придружува гестовите му ја одзема силата; желбите му згаснуваат под визијата за универзалната ништожност. Човекот што мрази од потреба, зашто од убедување не може, неговите интриги и неговите злодела не успеваат да бидат завршени; како и сите луѓе, тој во себе крие еден убиец, но убиец што се помирил и е премногу уморен за да ги убие своите непријатели или да си создаде нови. Сонува со челото потпрено на камата и е разочаран од сите злосторства пред да ги стори; сите го сметаат за добар човек, но тој би бил лош ако не му изгледа дека тоа е залудно.

Извор: Précis de décomposition, Gallimard, 1993.
Слика: Zach Meyer

ОкоБоли главаВицФото