Би-би-си објави статија за уништувањето на Охридското Езеро

11.09.2015 02:27
Би-би-си објави статија за уништувањето на Охридското Езеро

Балканскиот „Галапагос“ под ризик


Заканата од уништување на Охридското Езеро со претерана урбанизација се најде на страниците на јулското издание на едно од најчитаните печатени списанија за див свет, „Би-би-си вајлдлајф магазин“.

Охридското Езеро е најстарото природно езеро во Европа и едно од најстарите природни езера во светот. Најголемата просечна длабочина му изнесува 155 метри, поради што е најдлабоко во Европа и 14-то најдлабоко езеро во светот. Со повеќе од 200 ендемични видови што живеат во неговите води, Охридското Езеро е најважниот езерски екосистем на европскиот континент.

И можеби токму поради овој податок, „Би-би-си вајлдлајф магазин“, како едно од наjрелевантните списанија за дивиот свет, во своето јулско издание објави статија за заканата од уништување на Охридското Езеро. Списанието се печати од 1963 година и оттогаш па наваму објавува стручни и проверени информации за дивиот свет кој ја населува планетата Земја.

„Балканскиот Галапагос е под закана. Дом на уникатни видови риби и полжави, Охридското Езеро, може да пресуши доколку се гради во неговото блато“, пишува во статијата.

Студенчишкото Блато е ризница на уникатна фауна, како и место за мрестење и гнездење на многу видови жив свет, кои го чинат уникатниот екосистем на Охридското Езеро.

Со новиот ГУП за Охрид 2014-2024 се планира блатото да се исуши за да се изградат луксузни апартмани, хотел и марина. Со намалувањето на површината на блатото ќе се променат квантитетот и квалитетот на подземните и површинските води, како и неговата основна функција, природен прочистувач на Охридското Езеро, што воедно е најсериозна закана по биолошката разновидност на блатото како и на самото езеро, алармира Охрид ЅОЅ.

Здружението информира дека во јуни годинава испратило отворено писмо до градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, со барање за мораториум на спроведувањето на активностите/проектите што подразбираат намалување, односно преземање на Студенчишко Блато.

До денеска Охрид ЅОЅ нема добиено никаков одговор на барањето. Помислата дека Охрид и Македонија ќе останат без ова природно богатство е застрашувачка и неприфатлива како за македонската јавност, така и за меѓународната заедница, но изгледа не и за носителите на одлуки, кои сè уште веруваат дека со природата може да се пазари - велат активисти на Граѓанската иницијатива Охрид SOS.

Извор: Слободен печат