Режимот треба да биде задавен

11.09.2015 03:18
Режимот треба да биде задавен

Важен будистички свештеник со својот ученик отишле на посета кај едни многу сиромашни луѓе во околината. Двајца браќа со семејствата живееле во една мала куќичка пред распаѓање. Имале само една коза.

„Живееме само од оваа коза, пиеме млеко и нешто продаваме, многу ни е тешко“ – се пожалиле домаќините.

Гостите останале да преноќат кај нив спиејќи надвор. На сред ноќ, свештеникот станал и тивко ја задавил козата.

„Зошто бе човек им го стори тоа на овие кутри луѓе, зарем не гледаш дека тие се од Господ отепани? Од што ли ќе живеат сега?!“ – извикал запрепастениот ученик.

Свештеникот стоел соема рамнодушен без да каже што и да е. Утредента се поздравиле со ожалостените домаќини и им ветиле дека повторно ќе им дојдат на гости по една година.

Годината брзо поминала и двајцата пак им дошле на гости. Ученикот се изначудил кога видел дека секој од браќата си имал своја убава куќа и свое успешно домаќинство.

„Што ли се има случено?!“, се зарашал ученикот. Духовникот му одговорил: „Додека браќата биле робови на таа коза, тие морале да живеат бедно оти биле врзани само за тоа животно. Требаше да ја убиеме козата за да можат да најдат друго чаре“.

Поучната приказна нè потсетува на нашите кутри луѓе кои заробени во стравот од полошото трпат вакво газење по достоинството, грабеж и мизерија. „Само да не биде полошо“ – се слушаат крикови на секој чекор. Наместо да се бара доброто и подоброто, се стравува од полошото!

Страв од деградација, страв од губење на работно место, страв од инспекторите, страв од казните, страв од извршителите и од кого уште не. Се стравува дека ќе се загуби и тоа малку што се има. А проблемот е многу едноставен. Треба само да се задави стравот кој служи како главна подлога на режимот за работите радикално да се сменат во позитивна насока. Често е подобро директно да тргнете фронтално кон вистинскиот ризик, отколку вечно да трпите лажна сигурност. Опасноста кај првото е кратка, а кај второто е вечна. Првото е ужасен крај, а второто ужас без крај. Сега гледаме дека со ваков владин криминал и со вакво астрономско задолжување во секој момент постои опасност целиот систем по глава да ни се урива и сите нас да нè уништи.

Стравот со години управува со институциите, со општеството, со луѓето. Судиите поради стравот стравично го прегазија правото. Нашето правосудство го допре дното и продолжува уште подолу накај подземјето каде што најприродно припаѓа. А при такви услови, снимката не е снимка, гласот на премиерот не е негов глас, потврдата каса-прими не е доказ, потписот на потврдата не е вистински потпис. Сега ниту снимките не можеле да служаат како индиции!!! Изгледа нашата Јустиција стана неверна дама со две лица и со две правди. И двете нечесни. Едната за криминалните водачи, а другата е за сите други. Сервираат правда која тешко се наоѓа и на црн пазар. Со пристојна цена добивате непристојна правда.

Нашите обвинители и судии сè уште не нашле ништо незаконско – ни кај „Загорац“, ни кај „Актор“, ни кај „Македонска банка“, ни кај „Ивонче-милионче“, ни кај „уличното осветлување“, ни кај становите на Бонева, ни кај групната зграда на ДПМНЕ, ни кај „Злетовица“, ни кај многубројните локали и станови, ниту кај илјадниците чудни тендери. Но, нашла кај опозицискиот лидер зашто „нелегално“ го обелоденил владиниот криминал!!! Независни судии покажаа дека се докрај независни од законите и од правдата. А не може да има ни демократија ниту развој без правна држава и владеење на правото. Винстон Черчил вели: „Судијата се разликува од другите функционери, оти дели правда не само меѓу човек и човек туку и меѓу човек и држава“.

Поаѓајќи од ова, на нашето правосудство ќе му треба сериозен ремонт. Најпрвин треба да се отпуштат и кривично да одговараат тие судии и обвинители кои ги прекршиле законите (непостапување и прикривање кривични дела). Потоа сопствениците на криминални медиуми со нивните пајташи. И тие се соучесници во криминалното владеење и општ грабеж.

Деновиве атмосферата во државата уште повеќе се вжештува. Премиерот како избезумен трча по селата за да ги убеди дека „Коза ностра“ е чесна организација. Дека тоа што го слушале во снимките е фикција, исто како и нивната интелигенција. Ги советува и понатаму да имат само уши, а никако и очи. Успешно докажан рецепт последниве девет години. Не може да постои такво лошо владеење колку што овие луѓе можат да трпат.

Но, многу брзо сите ќе сфатиме дека не ни треба ни специјален обвинител ниту специјален суд (кои во секој чекор ќе бидат опструирани), туку ни треба уривање на ваквата власт и тоа со сите средства, оти и таа самата владее со нелегални и антиуставни средства. Во релевантни кругови веќе сериозно се размислува за уривањето на ваквата власт во парламентот. Нормално, ако продолжува со уривањето на договорот од Пржино, како што направи со снимките пред судот. Но, и демократската улица треба да го прави своето. Власта по секоја цена треба да се задави додека самите ние не сме задавени докрај. Со тоа ќе покажеме дека не сме кокошки ниту овци, туку луѓе. Луѓе кои бараат барем делумно да им се вратат нивните пари, нивното достоинство и нивната иднина.

Извор: Либертас
Слики: Александар Јосифовски