Сезоната на протести може да започне!

11.09.2015 04:06
Сезоната на протести може да започне!

Протестирачката есен-зима сезона официјално ја прогласувам за започната. Во ред, да бидеме фер, пред недела дена се одржа мирен собир насловен како „Скопје не е Дизниленд“, но тоа беше само увертира, само загревање. Од денеска започнуваат вистинските протести, налик оние од претходната сезона, само што се надеваме дека овие ќе бидат и поголеми. Се поставува прашањето дали ние воопшто имаме култура на протестирање, или подобро речено граѓанско демонстрирање на демократската моќ што ја имаме?

За да можам да ви го одговорам ова прашање, ќе морам да направам кратка анализа сето она што всушност се има досега случувано со оваа култура, ако воопшто можам така да ја наречам, во модерна историја на државава.

Повеќето, па да не речам и сите протести што се имаат случено во Македонија против оваа власт, биле задушени за пократно време отколку што им требало на Отоманците да задушат востание. Најчесто, владиниот ПР тим ја користеше старата, но добра тактика на раздели па владеј. Без разлика за што се протестира, наречи ги комуњари, соросоиди, платеници и гледај ги како се правдаат, наместо да се бунат за некое злодело. Најизразен случај за тоа беа протестите за Мартин Нешковски (трагично убиеното дете, на победничкиот митинг/прослава на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година, од страна на припадник на МВР). Тогаш на владиниот ПР тим не му требаа повеќе од неколку дена за да ги сузбие протестите, само со тоа што ги направи граѓаните кои протестираа – партизирани и политизирани. Самите почнаа да се правдаат меѓусебно дали тоа е политичко или социјално прашање, се правдаа дека не се од партија и ги бркаа граѓаните кои беа дел од некоја политичка партија. Небаре ако си од партија, немаш право на улица да си го изразиш мислењето за некоја погубна политика. Нејсе, за многу кратко време движењето изгуби на популарност, бидејќи повеќе време трошеа на одбивање на етикети, отколку на сопствената реторика за која и всушност почнаа со протестирање.

 

Сличното се случи и со АМАН, со протестите за Скопје 2014… Да скратам, има многу вакви примери.

Но, претходната сезона нешто радикално се промени. Се појави група храбри студенти, идеалисти по природа, храбри по карактер и најмногу од сè интелигентни. Рекоа: доста со лошите реформи во образованието. Доста со екстерни/екстремни тестирања, кои не носат ништо добро. Доста со погубни политики и режимско-автократска влада.

Денот беше 10 декември. Тоа не беше првиот марш на Студентски Пленум, но беше најубавото нешто што ѝ се има случено на граѓанската култура од прогласувањето на независноста на Македонија. Околу 10.000 студенти, средношколци, родители и граѓани излегоа на улица. Етникумот не беше важен, партијата од која потекнуваат не беше важна, идеологијата која ја носеа луѓето не беше важна. Беа поканети сите што ја делеа истата цел како и Пленумот. Се разбира дека владиниот ПР се обиде да стори нешто, но студентите беа спремни. Каде што порано Курирците заокружува со црвени крукчиња, сега сите си дојдовме заокружени од дома – да им ја олесниме работата. Уште пред да ги наречат политичко движење, сами си признаа: „Се разбира дека сме тука за политика, па ние се бориме против штетни политики!“. Пробаа да издвојат поединци водачи во пленумот, но пленумот нема водачи. Пробаа да им се закануваат на одредени студенти – тие студенти се тргнаа и беа заменети од повеќе други, двојно повеќе.

Против пропаганда може да се бориш само со пропаганда. Со интелигентни, калкулирани чекори против режим. Со храбра, идеалистичка цел, зад која може секој да застане.

После Студентскиот Пленум веќе ништо не беше исто. За кратко се формираше и Професорски Пленум и Средношколски Пленум. Ех, децата од Средношколскиот Пленум ми се најдобриот пример за кохезивно, заедничко делување. Тие ми се причината зошто сè уште сум оптимист дека Македонија ќе стане моќна и стабилна држава. Речиси два месеци од своите тинејџерски животи ги потрошија овие златни деца, два месеци не посетуваа настава, два месеци дебатираа со луѓе кои немаа ни половина од нивниот интелект и образование. Никој не ги тераше, знаеја дека мораат. Или кампување пред МОН, или образование кое е лошо за нив и за сите други после нив.

 

Мислам дека можеби најважната лекција што ја научивме беше дека со солидарност, со заедничка работа и труд можеме многу да постигнеме. Научивме дека е супер кога си алтруист. Те исполнува тоа меко топло чувство дека си постигнал нешто, си победил. Протестите на 6 и 7 Мај ми докажаа дека ја имаме научено оваа лекција. Кога храбрите девојки застанаа пред кордонот на специјалци и ги штитеа од деструктивните хулигани кои сакаа да ги тепаат.

Да, другари, до скоро во историјата на оваа држава не знаевме како се протестира, барем не вистински и организирано, но научивме. Тоа е нешто што никогаш нема да можат да ни го одземат. Сега знаеме како да им дишеме во врат и знаат дека во секоја можна прилика ќе го правиме тоа.

Кога ќе ве повикаат, излезете на улица, ако не за другите, барем себично за себе излезете. Можеби денеска ви е убаво, но утре многу лесно може да дојдат по вас или по некој ваш близок. Тогаш ќе ви биде мило што сте се солидаризирале.

Овој 1 Септември ќе биде поинаков. Ќе започне со собир на Средношколскиот Пленум и сите негови поддржувачи пред зградата на МОН. Се надевам дека ќе премине ова во традиција, секој почеток на училишната година да започне со протестен собир. Да ги потсетуваме сите влади дека се задеваат со нешто што е многу поголемо од нив.

Средношколци, последниот збор ви го посветувам на вас. Нека ви е на чест за храброста и издржливоста на која нѐ научивте, на сплотеноста и солидарност. Среќно во вашите следни походи!

#ПоздравПленумци

Извор: А1он

Фотографии: Ванчо Џамбаски

 

ОкоБоли главаВицФото