Филмовите со кои го опишував груевизмот (10 - МК филм)

11.09.2015 13:06
Филмовите со кои го опишував груевизмот (10 - МК филм)

Време без војна

„Пали, кога не си ја знаеш вистината“, му вели поискусниот Дарко Дамески на младиот Слободан Димитриевиќ (кој тргнува, во очај, да пали сѐ) на крајот на филмот на Бранко Гапо, „Време без војна“.„Пали, кралче-Сонце! Со своите лекокрили зраци спржи сѐ!“ За следната година пак да посадиме дванаесет милиони дрвца. И да ослободиме дванасет милиони ластовици.

Соколи со цокули

 

До балчак

Одличниот филм на Столе Попов, „До балчак“, би можел да биде фина подлога - кога би го префрлиле на теренот на идеологијата - за некакво македонско национално помирување. Дури и повеќе од тоа, поетиката на филмот „До балчак“ би можела да биде подлога за мошне паметна и убава политичка платформа за една нова Македонија прилагодена на 21-иот век. Кои би биле главните столбови на таа платформа? Оние што се суштина на најновиот филм на Попов: демитологизација (национална дефрустрација), креативност, инвентивност, смирување на бујните разлики низ почитување, иронија, фантазија, хумор... (Впрочем, и културно-политичките стратегии на ЕУ одат во истата насока: шаренилото, умот, науката, културата... се европски вредности и предности.)

Меѓу смртта и слободата...

 

Мајки

Не дека славниот режисер на спотови не заслужи пропагандистите на преродбата „да му го бричат со зелено џамче“; Манчевски со своите идиотски спотови (некои од нив и во форма на играни филмови) ја поддржа преродбата, таа идиотска изградба на политичка кулиси, токму во периодот кога груевистите триумфално газеа сè пред себе, ветувајќи ни дека ќе изградат уште поубава и постара Македонија. Манчевски, со својот спотовски, манипулативен, неодговорен и гастарбајтерски македонизам се налепи како мува на гомно врз новиот антички македонизам на Груевски и неговата опскурна дружина.

Зошто фамилијата го истурка од своите редови дечкото што толку ветуваше?! (Груевски и Манчевски - на многумина тоа им изгледаше како маркетиншки пар од сништата, Madman џинови од авенијата Скопје: чиста нарцистичка пропагандна халуцинација, појака и од Матрикс!) Милчо падна заради Мајки. Милчо падна зашто го изигнорира Татко. Не само што не го „испоштува“, туку во својот последен филм Милчо отворено се подбиваше со Таткото (т.е. пастирот) на нацијата. Предавникот и соросоидот (да ми прости Роберт Поповски на ваквите вулгаризми) Жарко Трајаноски отиде дотаму што напиша: „’Мајки’ не е обичен филм. ’Мајки’ е обвинителен уметнички акт против Република Македонија.“ Тоа беше доволно преродбенициве да дигнат рачна, Мишко да застане и да го истовари (накај реката) непослушниот и неблагодарниот „шконтер“ за кого преродбата направи толку многу, а тој ѝ се измоча во раширената дланка. „Море марш од тука! За мои пари ќе ме бламираш пред цел свет!“, машки ќе тресне со тупаница по маса, ко за фајронт, фамилијарниот идеолог-пропагандист (инаку човек полн со семејни, професионални, патриотски и морални вредности).

„Мајки“, инаку, е лош филм. Добро е што Манчевски се обидел да се дистанцира од политичките господари, но поетиката и понатаму му е рекламна, површна, заснована врз стереотипи и тривијалности. Рекламата и понатаму е суштината на неговата поетика. (Затоа изгледаше нераскинлива љубовта меѓу Манчевски и Груевски кој, пак, политиката ја разбира исклучиво како пропаганда.) Првата приказна во филмот „Мајки“, на пример, во карактеризацијата на ликовите наликува на карикатура - толку ликовите се еднодимензионални; исто е и со втората приказна - етнолозите личат на залутани статисти од уште една реклама за мобилни телефони, дијалогот меѓу нив е евтин, без вистински релации, а таков е и дијалогот со двајцата старци. Третиот документарен дел, поради манипулативноста, е срам за документаристиката. Сите интервјуирани (никој потпишан со каирон, како да се глумци!) се, на некој начин, исмејани и злоупотребени, што е многу грдо, оти станува збор за крајно деликатни подрачја, кајшто има жртви, осомничени, роднини, одговорни...

Демоните на преродбата

 

Трето полувреме / Крадците на загубениот ковчег

Накусо, зошто „Трето полувреме“ е лош филм? Зашто претерано и нескриено ИСПРАЌА ПОРАКИ. Зашто не го следи прастариот совет на славниот продуцент Семјуел Голдвин, кој на прашањето „Која е пораката на вашиот филм“ одговорил: „Ако сакам да испратам порака, го користам Вестерн Јунион.“ Џон Форд, еден од најголемите филмски режисери во историјата, ја прослави „пораката“ на Семјуел Голдвин и таа просто стана уште едно општо место во филмскиот свет. Дарко Митревски слушнал за многу општи места, целото негово сценарио е лошо склопена збирштина од фрази, но клучната филмска фраза не ја разбрал. Филмот на Митревски испраќа национални и пропагандни пораки, во прв ред. Митревски го разбира филмот како што Јован Донев го разбира историското образование: како патриотски налог. Тој не испраќа кохерентно раскажана приказна, не испраќа комплексни меѓучовечки релации или суптилна љубовна драма. Сè кај Митревски служи за „телефонирање“ и неговите пропагандистички филмски средства служат за манипулација со наивниот гледач. За уметноста особено се опасни дидактиката, морализирањето и фразите. Филмот на Митревски, како лошо инсценирано средношколско предавање (налик на своевиден музеј на килаво анимирани восочни фигури), е преполн токму со (национална) дидактика и (историско) фразирање. Поедноставен е до ниво на дегутантност.

Нејсе. Немаше да пишувам за уште еден лош македонски филм (малце ли се?!) да не стануваше збор за филм-симптом. Ми се чини дека „Трето полувреме“ е некаква поетичка еманација на епохата на груевизмот чија прва карактеристика е - пропагандизмот. Чија втора карактеристика е сведувањето на уметноста (но и на политиката, па и на целокупната држава) на средство за манипулација со народот. Интересно е што груевизмот како своевидна пропагандистичка или популистичка револуција мошне пристојно се закачи не толку за широките народни маси, колку за таканаречената македонска „елита“, вечно недописменета и некултивирана. Така што, парадоксално, испадна дека простачката злоупотреба на културата во политички цели не ја голтна вековно гладниот и тромав сом што рие по дното, народот, туку недокваканиот естаблишмент за кого рекламните клипови за Македонија се новите естетски и емотивни стандарди. За кои мизерното рекламно морализирање на имбецилни шефови на кабинети и рекламни агенции - претставуваат ем уметност, ем вера, љубов и надеж. Рекламниот патриотски клип стана еталон и за уметноста и за политиката во оваа земја. Затоа и Милчо Манчевски и Столе Попов и Дарко Митревски и многумина други ударнички се зафатија да штанцаат реклами за груевизмот од овој или оној тип. Бидејќи таа „уметничко-политичка гранка“ (агитпропот) стана најважното изразно средство во Македонија, и во симболичка и во хипер реална политичка смисла: околу пропагандата денес се губат и добиваат клучните битки, а вештината на пропагандата ја одредува македонската иднина (не разумот, не одговорноста, не знаењето, не политичката мудрост, не анализите, не ориентацијата во светот - туку вештината на заведувањето и продавањето).

(...) Свесен дека полињата на идеологијата и културата не се строго одвоени и дека низ историјата се преплетуваат, сепак ќе завршам со една поедноставена филмска слика: на македонските граѓани под груевизмот им се продаде трикот од филмот „Крадците на загубениот ковчег“, кога Инди го краде златниот идол од постаментот осетлив на промена на тежината и вешто го заменува со вреќа песок. Груевизмот ја украде Македонија и на нејзино место постави пастирска (холограмска) халуцинација од држава. Пропагандистите на груевизмот се тука за да ја замаскираат измамата и за да го слават новиот идол - вреќата песок.

Трето полувреме: Крадците на загубениот ковчег

 

Murder, My Sweet

За да се смирам, земав да го читам Рејмонд Чендлер, кралот на ноарот (секој е крал за нешто, јебига), еден од моите гуруа, кому се навраќам. Значи, кај Чендлер, во мрачно доба налик на груевизам, еден фраер отворено му признава на друг фраер: „Ја сум голема битанга, Марлоу. Многу заработувам. Морам многу да заработувам за да можам да ги цедам оние типови што морам да ги цедам за многу да заработувам и за да морам да ги цедам типовите што морам.“
(...) El honor no se mueve de lado como les congrejos, му вели еден кримос на еден детектив, кај Чендлер. Честа не може да се мрда назачки ко рак.

Честа не може да се мрда назачки ко рак

Гифови: Александар Јосифовски