Аутистичниот уметник

12.09.2015 18:35
Аутистичниот уметник

„Нацртај го ова“, реков подавајќи му го на Хозе мојот џебен часовник.

Имаше околу 21 година, наликуваше на безнадежно ретардирано суштество кое некогаш имало еден од оние ужасни напади што сосема одземаат. Беше со тенок и со фрагилен изглед.

Неговата пореметеност, неговата вознемиреност, одеднаш исчезнаа. Го зеде часовникот внимателно, како да е некаков талисман или скапоцен камен, го стави пред себе и го набљудуваше со огромна концентрација, без да направи ниту едно движење.

„Тој е идиот“, упадна болничарот со својата нетрпеливост. „Не се ни обидувајте да барате нешто од него. Тој не ни знае што е тоа - не знае да каже колку е часот. Не може ниту да зборува. Велат дека е аутистичен, но јас би рекол дека тој не е ништо друго освен идиот“. Хозе пребледе, - веројатно повеќе заради тонот отколку заради зборовите на болничарот - болничарот веќе ми беше нагласил дека на Хозе зборовите ништо не му значат.

„Само напред“, се обидов да го охрабрам. „Знам дека можеш да го нацрташ.“

Хозе почна да црта со апсолутна смиреност, концентрирајќи се целосно на малиот часовник што го имаше пред себе, исклучувајќи се од сето останото околу него. Во тој миг, за прв пат, беше храбар, без ронка несигурност во себе, присебен, и не делуваше збунето. Црташе брзо, но детално, со чиста линија без поправки и бришења.

Речиси секогаш барам од пациентите, доколку тоа е прифатливо за нив, нешто да нацртаат или да напишат, сметајќи го тоа како можност за бележење на нивните спосбности, а делумно и како маркирање на нивниот карактер или стил.

Хозе го нацрта часовникот со фантастична веродостојност, забележувајќи ја секоја негова карактеристика, и тоа не само точното време (беше верно забележано покажувањето на сказалките на 11:31), туку и секоја секунда.

И покрај тоа што, според зборовите на болничарот, Хозе немаше никакво чувство за времето, тој успеа да го долови целиот објект со фрапантна точност и изведба. Имаше чудна, па дури и опсесивна точност во приказот со чудни (би рекол откачени) варијации и разработки на дадената тема.

Бев збунет, опседнат како со дух. Идиот? Аутизам? Не. За нешто друго стануваше збор.

Не ме повикаа да го прегледам Хозе повторно. Првиот повик, во недела навечер, беше итен. Имал напади во текот на целиот викенд, па откако бев консултиран предложив некои измени во антиконвулзантите, и тоа по телефон, попладнето. Откако се покажа дека нападите можат да бидат контролирани, понатамошен совет од невролог не им беше потребен. Но, и покрај тоа, бев измачуван од проблемот презентиран со часовникот, и имав чувство на некаква нерешена мистерија. Морав да го видам повторно. Така, организирав посета и достапност до целата историја на неговата болест - при претходната средба ми беше дозволен само еден, не многу информативен, консултативен разговор.

Хозе дојде на клиниката - веројатно ни на крај памет не му беше зошто е повикан - но кога ме виде, на неговото лице блесна насмевка. Тапиот, индиферентен поглед, маската што ја бев запомнил, беше извадена. Одеднаш се појави срамежлива насмевка, како зрак што наѕира низ врата.

„Размислував за тебе, Хозе“, реков. Можеби не ги разбираше зборовите, но го разбра мојот тон. „Би сакал да видам уште цртежи“ - му реков и му го дадов своето пенкало.

Што да го замолам да нацрта овој пат? Како и секогаш, со мене имав копија од Arizona Highways, богато илустрирано списание што особено го сакам, и што го носам наоколу во невролошки цели, за тестирање на моите пациенти. Корицата отсликуваше идилична сцена на луѓе во кану, насред езеро, а во позадината имаше „кулиси“ од планини и зајдисонце. Хозе започна со првиот план - масив што наликуваше речиси на црна силуета наспрема небото - го скицираше со исклучителна прецизност, и почна да го исцртува. Но, јасно беше дека овде треба да влезат во игра четка и боја, а не пенкало. „Прескокни го“, му реков, додавајќи, „Премини на кануто“. Забрзано, без двоумење, Хозе ги скицираше силуетите во
кануто. Погледна во нив, потоа погледна настрана, фиксирајќи ги нивните форми во мислите - потоа набрзина ги исцрта со внатрешната страна на пенкалото.

Бев фасциниран од вештината и од деталната точност на репродукцијата. Она што Хозе го беше направил се противеше на обичното копирање и сугерираше дека го фатил целиот пејзаж како слика прикажувајќи зашеметувачка моќ не само за копирањето туку и за перцепција, воопшто. Бидејќи сликата имаше драматичност што не беше присутна во оригиналот. Тенките фигури, зголемени, беа поинтензивни, поживи, со што им се даваше димензија на внесеност, продлабоченост и намера што не беше сосема јасна во оригиналот. Сите знаци кои Ричард Волхајм ги нарекува „иконични“ - субјективноста, интенционалноста, драматичноста - беа присутни. Според тоа, покрај моќта на чист факсимил, се чинеше дека во цртежот се согледува и фрапантната имагинативна моќ, како и креативност. Тоа не беше едно кану, туку беше неговото кану кое бликаше од цртежот.

Свртев друга страница од списанието, на која беше обработен напис за ловот на пастрмки, а кој беше проследен со слика во пастелни водени бои којашто содржеше приказ на поток, карпеста позадина со дрвја, а во предниот план наѕираше виножито преку кое пастрмката како да сакаше да прелета. „Нацртај го ова“, реков, покажувајќи на рибата. Зјапаше во неа ококорено, како да си се смешка внатре, во себе, а потоа се сврте - во следнот миг, со огромно задоволство, неговата насмевка почна да станува сè поширока и поширока, и тој нацрта своја риба.

Додека црташе, си се насмевнав, бидејќи сфатив дека Хозе во мое присуство се чувствуваше опуштено и дека „си дозволи“ да се „занесе“, а како резултат на тоа она што изникнуваше од цртежот, полека, тајновито и, би рекол, со доза на итрина, не беше само риба, туку риба со „карактер“.

На оригиналната ѝ недостасуваше карактер, изгледаше безживотна, како препарирана. Рибата на Хозе беше богато тродимензионална, и многу повеќе наликуваше на вистинска риба отколку на оригиналната. Таа не беше само верна симулација туку поседуваше и експресивност, иако не баш карактеристична за риба: имаше малку крокодилска муцка, око што наликуваше на човечко и беше со лукав изглед. Навистина стануваше збор за доста смешна риба, риба-личност.

Сега веќе имав нешто за што можам да се фатам. Сликата на часовникот ме изненади, го поттикна мојот интерес, но сепак не можев да си дозволам никакви заклучоци. Кануто укажа на тоа дека Хозе поседува импресивна визуелна меморија. Рибата беше доказ за жива и особена имагинација, за смисла за хумор, и за нешто сродно на ликовното вообличување на бајката. Се разбира, стануваше збор не за некоја голема уметност туку за „примитивна“, речиси детска; но, несомнено, - беше уметност од посебен вид. А имагинацијата, палавоста и уметноста се, нели, токму она што не се очекува од идиоти, или од идиоти научници, или од аутисти. Такво е барем преовладувачкото мислење.

Мојата пријателка и колешка Изабел Рапин, всушност, го беше запознала Хозе многу одамна, кога ѝ бил претставен како пациент со „напади на тврдоглавост“ во детската невролошка клиника - и таа, со нејзиното огромно искуство, не се сомневала дека станува збор за аутистично дете. За аутизмот, воопштено, таа има напишано:

Само мал број аутистични деца се особено вични во декодирањето на пишаниот јазик и стануваат хиперлексични или преокупирани со бројки... Исклучителната вештина кај некои аутистични деца за сложување мозаици, расклопување механички играчки или декодирање текстови може да доведе до заклучок дека нивното внимание и способноста за учење невообичаено се фокусирани на невербалните визуелно-просторни задачи, веројатно заради недостатокот од моќ за учење на вербалните вештини.

Лорна Селф доаѓа до некои слични заклучоци, особено кога е во прашање цртањето, во својата неверојатна книга Надја (1978). Сите аутистични или „научно-идиотски“ вештини и перформанси, што Д-р Селф ги собрала од литературата, очигледно биле засновани на сметањето или на сеќавањето, но никогаш на нешто лично или имагинативно. И доколку ваквите деца можеа да цртаат, нивните цртежи беа механички. Во литературата беа опишани како „изолирани острови на вештината“. Не се земени предвид ниту индивидуалноста, ниту слободата за креација, ниту личноста.

Тогаш, што беше Хозе, се прашував себеси. Каково суштество? Што се случуваше внатре, во него? Како дојде до состојбата во која се наоѓаше? И каква состојба беше тоа - и може ли нешто да се направи?

Достапните информации едновремено ми помагаа и ме збунуваа - маса „податоци“ што беа собирани од првиот напад на неговата чудна болест, на неговата „состојба“. Ми беше достапна опширна историја на болеста, што ги содржи раните описи на неговата болест: многу висока температура на осумгодишна возраст, придружена со непрестани напади и рапидни појави на мозочни оштетувања или на аутистични состојби. (Уште од почетокот имаше сомнежи во однос на она што навистина се случува).

Неговиот 'рбетен мозок покажуваше абнормалност за време на акутната состојба од болеста. Заклучокот упатуваше на тоа дека веројат- но страдал од некој вид енцефалитис. Имаше напади од различен тип – petit mal, grand mal, „акинетичен“ и „психомоторен“, а овие последниве можеа да се вбројат во исклучително комплексни напади.

Психомоторните напади може да се поврзат и со ненадејни изливи на страст или насилство, и со чудно однесување дури и помеѓу нападите (таканаречена психомоторна личносност). Тие беа проследени со пореметувања или со оштетувања во темпоралните јадра и остри темпорални пореметувања, и на левата и на десната страна.

Темпоралните јадра, исто така, беа поврзани и со слушните својства и капацитети, како и со говорните способности. Д-р Рапин не само што сметаше дека Хозе е аутистинен, туку се прашуваше дали кај него е предизвикана и „вербално аудитивна агнозија“ - неспособност да се препознаат говорните звуци кои интерферираат со неговата способност за употреба на изговорениот збор. Бидејќи она што фрапираше, како и да се толкуваше (беа понудени и психијатриски и невролошки толкувања), беше загубата или регресијата на говорот, при што Хозе, претходно „нормален“, стана „нем“, и престана да зборува со другите откако се разболе.

Една способност беше очигледно „ослободена“ - веројатно, како некаков надомест, дури и зголемена: неверојатната страст и моќ за цртање, што била бележита уште од најраното детство, и што се чини дека е наследна, имајќи предвид дека неговиот татко отсекогаш бил склон кон скицирање, а пак постариот брат беше успешен сликар. Со почетокот на болеста, со загубата на моќта за говор и со општата „емоционална“ и „интелектуална“ регресија, Хозе се нашол во чудна и трагична состојба. Школувањето му било прекинато, така што морало да се обезбеди приватен учител, па Хозе бил засекогаш „вратен“ во своето семејство, како „fulltime“, епилептично, аутистично, можеби афазично, ретардирано дете. Беше сметан за некој што е невозможно да се обучува, да се насочува - целосно безнадежен. На деветгодишна возраст, беше „отфрлен“ - од училиштето, од општеството, од речиси сè што за едно нормално дете би требало да претставува „реалност“.

Петнаесетина години Хозе едвај излегувал од дома, божем заради „непрекинливите напади“ - мајка му тврдеше дека не се осмелувала да го изнесе надвор бидејќи во спротивно би имал секојдневно околу триесетина напади, и тоа на улица. Му беа давани разни видови антиконвулзанти, но неговата епилепсија се чинеше неконтролибилна: тоа, барем, беше официјалниот извештај во неговиот болнички картон. Имаше постари браќа и сестри, но Хозе беше нај, најмладиот - беше прогласен за „големото бебе“.

Хозе, всушност, беше исчезнал од светот, беше неспособен да го следи животот, не само медицински сфатено туку и воопшто, и можеби ќе беше „загубен“ засекогаш, затворен и стуткан во својата подрумска ќелија, доклку не „пукнеше“ разулавено и доколку не беше однесен во болница за првпат. Сепак, неговиот внатрешен свет не беше сосема, безнадежно исчезнат, таму во ќелијата. Покажа страст за питорескните списанија, особено за оние од типот на National Geographic, и кога беше способен, помеѓу нападите, ќе најдеше молив и го црташе она што го гледаше.

Ваквите цртежи можеби беа единствената врска со надворешниот свет, а особено со светот на животните и растенијата, со светот на природата, кој толку многу му беше прираснал при срце уште во детството, особено благодарение на честите излети со татко му од кого му беше всадена љубовта кон цртањето. Тоа, и само тоа, му беше дозволено да го задржи - единствената преостаната врска со реалноста.

Тогаш, тоа беше единствената приказна што ја примив, или уште подобро, што ја составив од историјата на болеста што ја имав, од документите кои беа зачудувачки не само по она што го содржеа, туку и по она што им недостасуваше - документација од петнаесет години „празнина“. Информации добив и од социјалниот работник кој го посетувал нивниот дом, покажувајќи интерес за Хозе, но беспомошен да направи што било, како и од неговите веќе стари и болни родители. Но ниту еден од нив немаше да го расветли овој случај доколку не се случеше ненадеен изблик на јарост, невидено и застрашувачко насилство, што го донесе Хозе во болница за првпат.

Беше далеку од очигледно што е тоа што ја предизвикало ваквата јарост: дали станувало збор за ерупција на епилептичко насилство, или за „психоза“, или можеби било знак за некаков конечен очајнички повик за помош, што го испраќа една измачена душа која е нема и која не познава директен начин да укаже на своите потреби.

Она што беше јасно е дека со доаѓањето во болницата и со ставањето на нападите „под контрола“, „благодарение“ на силни нови лекарства, Хозе доби слобода и простор, „ослободување“, и психички и физички, и тоа такво ослободување какво што од неговата осма година па сè дотогаш не беше спознал.

Болниците често се сметаат за места кои служат за деградација на пациентите. Несомнено, ова се случува, и тоа во голема мера. Но тие исто така можат да бидат и „санаториуми“ во најдобрата смисла на зборот: места што обезбедуваат прибежиште за измачените, растргнати и развеани души. Места што обезбедуваат комбинација на ред и на слобода која е повеќе од потребна. Хозе страдаше од конфузија и хаос - делумно заради органската епилепсија, делумно заради нередот во сопствениот живот - и од затвореност и ропство, исто така епилептични и егзистенцијални. Болницата беше добра за Хозе, веројатно спасоносна во оваа инстанца од неговиот живот, и несомнено дека и тој самиот го чувствуваше тоа.

Одненадеж, после грозничавата и морничава интимност со својот дом, тој ги откри „другите“, го откри светот и „професионално“ и чувствено и грижливо ориентиран кон него: неморалистички, без осуди, без обнвинувања, непристрасен но, едновремено, со огромно чувство за него и за неговите проблеми. Во ваков контекст (веќе беше четири недели во болница), Хозе почна да чувствува надеж; почувствува поттик и се сврте кон другите како никогаш дотогаш - барем не од почетокот на аутизмот, од неговата осма година.

Но надежта, свртувањето кон другите, интеракцијата, беа „забранети“, и без сомнение застрашувачки комплексни и едновремено „опасни“. Хозе живеел петнаесет години во заштитен, затворен свет - во нешто што Бруно Бетелхајм во својата книга за аутизмот го нарекува „празна тврдина“. Но, за Хозе никогаш не беше сосема празна; отсекогаш постоеше неговата љубов кон природата, животните и билките. Овој дел од него, оваа порта, секогаш остана отворена. Но сега постоеше искушение, притисок да се „вмеша“, да се „вклопи“, притисок кој секогаш беше преголем и кој дојде многу брзо. Поточно, во тоа време, Хозе поскоро ќе и се „вратеше“, како утеха и сигурност, на изолацијата, на примитивните несигурни движења, кои ги имаше на почетокот.

Кога го сретнав Хозе по трет пат, не побарав да биде донесен од клиниката, туку отидов таму, без предупредување. Седеше, нишајќи се, во застрашувачката соба за дневни активности, со затворени очи и лице, оддавајќи слика на регресија. Ми се слоши од ужасот што го видов.

Штом го повикав, скокна, и страсно, „гладно“, тргна по мене во собата за уметнички активности. Му подадов пенкало, бидејќи се чинеше дека има аверзија кон боици, бидејќи само нив ги користеа во одделението. „Рибата што ја нацрта“, се обидов да ја исцртам со движење на раката во воздухот, не знаејќи колку и што од моите зборови би можел да разбере, „онаа риба, можеш ли да се сетиш на неа, можеш ли да ја нацрташ повторно?“ Кимна со главата одобрувајќи, и ми го грабна пенкалото од рака. Беа поминале три недели откако ја беше видел. Што ли ќе нацрта сега?

Ги затвори за миг очите - ја привикуваше ли сликата? - и потоа почна да црта. Сè уште стануваше збор за пастрмка, како виножито ишарана со прекрасни изресени перки, и рачвеста опашка, но овој пат со нагласени човечки карактеристики и чудни ноздри (која риба има ноздри?), и пар сочни човековидни усни. Таман сакав да го земам пенкалото, но не, тој сè уште не беше завршил. Што ли имаше на ум? Сликата се чинеше комплетна. Сликата, можеби, но не и сцената. Претходно рибата беше изолирана, како некоја икона: сега полека стануваше дел од светот, сцена. Набрзина нацрта мала риба, компањон на поголемата, како нурнува во водата, превртувајќи се веројатно во игра. А, најнакрај, ја исцрта и површината на водата, како се подига во ненадеен, немирен бран. Исцртувајќи го бранот, Хозе се возбуди и испушти чуден, мистетриозен крик.

Не можев да го занемарам чувството дека цртежот е симболичен - малата и големата риба, веројатно јас и тој? Но она што беше битно и возбудливо беше спонтаното претставување, импулсот, кој не содржеше никакво мое влијание, кој доаѓаше некаде длабоко од неговата внатрешност, и со кој сакаше да нè запознае со овој нов елемент - взаемност и споделување какви што постојат во животот. Преплетување на животната ситуација со она што го црташе. Во неговите цртежи како и во неговиот живот интеракцијата секогаш беше отсутна. Сега, барем како игра, како симбол, ѝ беше дозволено повторно да стапи на сцена. Или се лажам? Што значеше тој лут, осветољубив бран?

Почувствував дека е најдобро да се вратиме на сигурно тло; нема повеќе слободни асоцијации. Можев да видам потенцијал, но едновремено можев да забележам, и да чујам, и опасност. Да ѝ се вратиме на сигурната Мајка Природа. Пронајдов некаква Божикна картичка, оставена на масата, на која беше прикажан црвен кос како стои на трупец, обиколен со снег и со многу остри гранчиња. Покажав кон птицата и му го подадов на Хозе пенкалото. Птицата беше конечно нацртана, а тој употреби црвено пенкало за да ги бојоса нејзините гради. Стапалата ѝ беа на некој начин со огромни, изразени канџи, зариени во дрвото (бев стаписан, тогаш и подоцна, од неговата потреба да ја истакне зграпчувачката моќ на рацете и на стапалата, да укаже на тоа дека контактот е сигурен, прикован, опсесивен). Но - што се случуваше? - сувото зимско гранче, веднаш до пресеченото стебло, беше прикажано во процес на отворено расцутување. Имаше и други нешта што веројатно беа симболични, иако не сум баш сигурен. Но тивката, возбудлива и најзабележителна трансформација беше следново: Хозе ја беше променил зимата во пролет.

Сега, конечно, тој започна да зборува - иако „да зборува“ е можеби прејак термин за чудното испуштање звуци, пелтечење, во голема мера неинтелигибилен исказ што излегуваше од него, звуци што не го изненадуваа само него туку и нас - зашто сите ние, вклучувајќи го и Хозе, го сметавме за целосно и непоправливо нем, без разлика дали заради неспособност, индиспонираност или заради двете - битно постоеше позиција, исто како и факт, за незборување). И токму во оваа точка, сфативме дека сме немоќни да процениме колку станува збор за проблем од „органска“ природа, а колку за проблем на мотивираност.

И уште една епизода за крај. Хозе беше преместен од ужасното приемно одделение, во помирно, потивко, специјално одделение, што наликуваше повеќе на дом, помалку на затвор, во споредба со останатиот дел од болницата: одделение со квалитетен персонал, дизајнирано, спред зборовите на Бетелхајм, како „топол дом“, за пациентите со аутизам кои се чини дека имаа потреба од љубов и посветеност, критериуми што само неколку болници можеа да ги обезбедат. Кога отидов да го посетам во неговото ново пребивалиште, енергично ми замавна со раката веднаш штом ме виде - пријателски, отворен гест. Претходно, не си ни замислував дека би можел да направи вакво нешто. Покажа кон затворената врата, сакајќи да ја отвори - сакаше да излезе.

Тргна надолу, надвор, кон обраснатата сончева градина. Онолку колку што бев запознаен, своеволно немаше излезено уште од својата осма година, од самиот почеток на болеста и повлекувањето. Освен тоа, не му бев понудил пенкало туку самиот си побара. Додека шетавме низ болничката градина, Хозе се загледуваше те кон небо те кон земја, но почесто надолу накај стапалата, во слезово жолтеникавиот килим од детелина и глуварчиња, што се простираше под нас. Имаше изострено око за растителните форми и бои, брзо здогледа и искина редок вид детелина и, што е уште поинтересно, најде детелина со четири листа. Откри седум различни видови трева, и се чинеше дека ги препознава и се однесува кон нив како кон стари пријатели. Најмногу од сè беше воодушевен од големото жолто глуварче, на кое му се беа отвориле сите цветови кон сонцето. Тоа беше неговата билка - таа покажуваше во каква состојба тој се наоѓа, и можеше да биде показ за тоа како тој се чувствува додека црта. Потребата за цртање беше непосредна и силна: клекна, го постави својот блок за скицирање на земјата, и држејќи го глуварчето го нацрта.

Ова, ми се чини, е првиот цртеж што Хозе го нацрта во релација со вистинскиот живот, уште од времето кога црташе со својот татко, пред да се разболи. Навистина фантастичен цртеж, прецизен и живописен. Ја покажува неговата љубов кон реалноста, кон една инаква форма на живот. Цртежот што Хозе го нацрта е речиси еднакво верен и прецизен како оние средновековни ботанички записи за билките, иако тој немаше никакво знаење ниту образование од областа на ботаниката. Неговиот ум не е создаден за апстрактно и за концептуално мислење. Тоа за него не е патот до вистината. Но затоа имаше страст и вистинска моќ за поединечни нешта - ги сакаше, се задлабочуваше во нив, ги пресоздаваше. А посебното, поединечното, ако поединечно може да постои, исто така е пат - некој може да рече пат на природата - до реалноста и до вистината.

Апстрактното, категоричното, не се интересни за аутистичната личност - конкретното, специфичното, единечното претставуваат сè. Било да станува збор за својство или за природа. Аутистите, се чини, ја компонираат својата слика за светот единствено од поединечности, од посебни нешта. Според тоа, тие не живеат во универзум, туку во она што Вилијам Џејмс го нарекува „мултиверзум“ на безбројни, точни и страствено интензивни поединечности. Тоа е модел на умот кој е екстремно спротивен на идејата за генерално, но сепак е ставрен, иако на поинаков начин.

Мислам дека Хозе, аутист, „будала“ исто така, имаше дарба за конкретното, за формата, така што можеше да се прогласи за вистински уметник што жанровски се определил за натурализмот. Го зграпчуваше светот во сите негови форми - директно и интензивно почувствувани форми - и ги репродуцираше. Освен буквални, имаше и фигуративни моќи. Можеше да нацрта цвеќе или риба со исклучителна прецизност, но едновремено можеше да нацр- та и такви кои се персонификација, амблем, сон, или шега. А аутистите се претпоставува дека имаат недостиг на имагинација, на чувство за игра и за уметност!

Суштествата како Хозе се претпоставува дека, всушност, не постојат. Аутистичните деца - уметници како Надја - всушност не би требало да постојат. Дали тие се толку ретки или можеби ги превидуваме? Нејџел Денис во својот брилијантен есеј за Надја во New York Review of Books (4 мај 1978), се прашува колку „Надји“ на светов можат да бидат превидени или пропуштени, нивните фантастични дела да бидат фрлени во канта за ѓубре или едноставно, како во случајот на Хозе, да бидат третирани како некој чуден талент, изолирани, ирелевантни, без интерес. Но аутистичните уметници и аутистичната фантазија се навистина реткост.

Аутистите, по својата природа, ретко се отворени за влијанија. Судено им е да бидат изолирани, па според тоа и оригинални. Нивната визија, ако воопшто може да се долови, доаѓа однатре и се јавува како вродена. Колку повеќе ги запознавам , толку повеќе ми се чинат како чудни суштества во нашата средина, оригинални, целосно придвижувани однатре, различни од другите. Некогаш аутизмот бил сметан за детска шизофренија, но всушност станува збор за нешто сосема спротивно. Болниот од шизофренија секогаш се „жали“ на влијанија од надвор: тој е пасивен, изигран, и не може да биде свој. Болниот од аутизам би се „жалел“ - ако воопшто се жали - на недостаток од влијанија, на целосна изолираност.

„Ниту еден човек не може да биде остров, сам за себе“, запишал Дон. Но аутизмот е токму тоа - остров, отсечен од „копното“, од главнината. Во „класичниот“ аутизам, што најчесто се манифестира уште од третата година на животот, отсечувањето е толку рано што дури може да не постои и сеќавање за главнината, за светот на кој сме требале да му припаднеме. Во „секундарниот“ аутизам, како оној на Хозе, предизвикан од некоја болест на мозокот во подоцнежните фази од животот, постои некакво сеќавање, веројатно и некаква носталгија, за јадрото. Тоа може да објасни зошто Хозе беше подостапен, поотворен од другите, и зошто, барем во своите цртежи, покажа интерес за взаемност, за заемно дејствување и споделување.

Дали да се биде остров, да се биде отсечен, значи нужно и смрт? Може да биде смрт, но не е нужно. Бидејќи иако „хоризонталните“ врски со другите, со општеството и со културата, се загубени, сè уште може да се воспостават витални и интензивни „вертикални“ врски, директно поврзувачки со природата, со стварноста, врски кои не претрпеле влијанија и кои не се допрени од некој друг. Овој „вертикален“ контакт е многу значаен за Хозе - значи продорна директност, без сенка на двосмисленост или посредство, како крепост на карпа без влијанија од нешто друго.

Ова нè води до нашето конечно прашање: постои ли „место“ на светов за човек кој е како остров, кој не може да биде модернизиран, кој не може да се вклопи во „целото“? Дали „целото“ може да го смести во себе, да му направи малку простор на единечното? Овде може да се пронајдат и некои сличности со општествените и културните релации во однос на генијалците. (Се разбира, не сакам да кажам дека сите аутисти се генијалци, туку дека го делат со нив проблемот на сингуларноста). Попрецизно кажано: што му нуди иднината на Хозе? Има ли малку место за него во светот што ќе ја вработи неговата автономност, а сепак да ја остави недопрена, целосна?

Дали тој може со неговите фини очи, и со својата огромна љубов кон билките, да прави илустрации за потребите на ботаничарите? Да биде илустратор за зоологија или за анатомија? Може ли да биде вклучен во научна експедиција, и да прави цртежи за некои ретки видови? Неговата огромна концентрираност на нештото што се наоѓа пред него би го направило идеален за вакви ситуации.

Или да заземеме уште почуден, но не и нелогичен правец - би можел ли, со својата особеност, со својата идиосинкратичност, да прави цртежи за бајки, за Библиски приказни, за митови? Или (бидејќи не може да препознава букви освен како чисти и убави форми) нели би можел да ги илустрира, да ги разработува величествените, капитални манускрипти, бревијари и молитвеници? Имаше направено прекрасен олтар во мозаик и дрво за црквите. Изрезба една надгробна плоча. Неговата тековна „работа“ е рачно печатење на разноразни белешки и пораки за одделението. Сето ова тој може да го прави, и тоа многу добро. И би било корисно за другите, а поттикнувачко за него. Би можел сето ова да го прави - но, за жал, нема ништо да прави, доколку некој што има огромно разбирање, и можности и средства, не се реши да го вработи. Бидејќи, како што стојат работите, веројатно нема ништо да прави, ќе биде бескорисен, неплоден, како мноштвото аутистични луѓе, превиден, заобиколен, во задното одделение на државната болница.

Извор: Маргина 51/52

Превод: Искра Гешоска (според книгата The Man Who Mistook His Wife for a Hat, 1986)

Слики: Дејвид Барт (12-годишно аутистично дете)

Слични содржини

Наука / Живот / Теорија
Наука / Живот / Теорија
Наука / Живот / Теорија
Наука / Живот / Теорија
Психологија / Наука / Теорија
Општество / Активизам / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото