1039 hPa
75 %
2 °C
Скопје - Чет, 16.01.2025 22:59
Нема да градиме нова административна зграда за Општина Центар, категорични се од Општината, откако јавноста бурно реагираше дека според новиот Детален урбанистички план на местото на старите бараки е предвидена 15-катница за општинска администрација. Покрај петнаесеткатницата, висококатница за образовна институција е предвидена и на просторот до бараките, а нови згради треба да има и на местото каде што сега се наоѓаат бараките на АД за стопанисување со станбен и деловен простор.
Невладините организации веќе излегоа со остри реакции дека ќе имаме неразумна градежна експанзија и уништување на зеленилото и го повикаа градоначалникот на Општина Центар да ги повлече новите урбанистички решенија.
Од Општина Центар, пак, вчера ги повикаа граѓаните што имаат забелешки за деталните урбанистички планови да дојдат во Општината или да ги пополнат анкетните прашалници за ДУП Дебар Маало 1 и Дебар Маало 2. Крајниот рок на јавната анкета истекува денеска, а таа траеше два месеца. Но, во врска со катноста на зградите, од Општината потенцираа дека немаат надлежност да менуваат нешто што го имало во претходниот план.
„Во секој нов план, согласно со член 46 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, еднаш стекната височина не смее да се менува. На местото на бараките на Општина Центар, според ДУП-вите од 2011 и 2012 година е предвидена катност од приземје и 15 ката. Намената е јавна институција и решенијата се од постојниот ДУП“, се вели во соопштението на Општина Центар.
Портпаролката на Општината, Катерина Цаневска, пак, објаснува дека маркичката за зградата не значи дека таа ќе се гради.
- Градоначалникот Андреј Жерновски нема да гради нова зграда за Општина Центар - вели Цаневска.
Од Општина Центар велат дека на локација зад општинската зграда е предвидена изградба на образовна институција и таа е планирана и преземена од ГУП донесен од Град Скопје во 2012 година.
„Бидејќи се работи за план од повисоко ниво, Општина Центар не може да прави никакви измени“, соопштува Општина Центар.
Остри реакции во јавноста има и за новите згради што ќе се градат на местото на бараките на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, кое, пак, за две години ќе се сели во нови простории. Според Општина Центар, овие нови градби се под ингеренции на Министерство на транспорт и врски.
„Истото се однесува и на површината на Министерството за култура, кое беше регулирано со планот од 2009 година. Дезинформација е дека во измените во ДУП се зголемува катноста на пазарчето Буњаковец“ - велат од Општина Центар.
Невладината организација „Плоштад Слобода“, пак, бара да се тргне маркичката од планот, со која се предвидува изградба на 55-метарска кула на местото на бараките каде што се наоѓа Општина Центар, но и за низа други објекти, кои како парцели и решенија се стари, а со кои ќе се смени сегашниот дух на Дебар Маало.
- Тоа што некој лудак пред Жерновски нацртал 55-метарска зграда, не значи дека Жерновски има обврска таа катност да ја држи! Тој може и да ја спушти бидејќи одлучува во името на целата општина - вели Никола Наумовски од Плоштад „Слобода“.
Од „Плоштад Слобода“ нагласуваат дека за изградба на новите згради ќе мора да се исечат уште десетина дрвја во Градскиот парк, дека новите згради ќе донесат многу автомобили, за што ќе треба нови урбанистички решенија и дополнително узурпирање на просторот.
Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња