ИСИС и мировниот процес

14.09.2015 02:23
ИСИС и мировниот процес

Нема таков проблем во арапскиот и муслиманскиот свет кој запад нема да го реши - со уште бомбардирање. Тоа го предложија лидерите на Британија и Франција кога бегалската криза во Европа конечно го сврте вниманието на ужасите од граѓанската војна во Сирија. Дејвид Камерон одамна бара одобрување од парламентот за британски воздушни напади на позициите на ИСИС во Сирија. Сега доби поддрршка од поранешниот бискуп од Кентербери и подбуцнувачките медиуми на Мардок. Министерот за финасии Џорџ Озборн изрази спремност да ги поддржи нападите врз „злосторничкиот режим на Асад“, зашто така бегалската криза би се решила „на изворот“. Францускиот претседател Франсоа Оланд има намера да ги засили воздушните напади врз Сирија од Ирак, правдајќи ги со терористички закани врз Франција.

На двете страни на Атлантикот, неоконзервативците и либералните интервенционисти бараат воведување зона на забрана за летови и ангажирање копнени трупи. Во извештајот под наслов „За Ајлан“ - настраданото тригодишно сириско дете - таблоидот Sun се залага за итна воена интервенција, а ги прогласува лабуристите за „кукавици“ кои се плашат од војна. На британскиот премиер толку му дошло до бомбардирање на Сирија, што обелодени дека во напад со дрон минатиот месец се убиени двајца британски припадници на ИСИС во градот Рака. Камерон го оправдува ова како одбранбена мерка, зашто еден од нив наводно подготвувал терористички напади во Британија. Но тие напади се спречени затоа што осомничениот е убиен, па тврдењата на Камерон стануваат бесмислени. Така Британија им се придружи на САД и Израел во ликвидација на своите граѓани без судски процес, што станува една од главните одлики на нашата 14 години долга „војна против тероризмот“.

Во акциите на американските сили веќе настрадаа илјадници луѓе, вклучувајќи и голем број цивили. Поради лошите разузнувачки податоци, во нападите со дронови покрај милитантите се убиени или оскатени многу недолжни луѓе. Американските напади со дронови секојдневно регрутираат нови припадници на Ал Каеда и талибанците, од Пакистан до Јемен. По десетина години воздушни напади, талибанците во Авганистан се сè посилни, како и Ал Каеда во Јемен. Британците изведоа еден сличен напад, и покрај одлуката на парламентот од август 2013, со која пратениците се изјаснија против воени акции во Сирија - на мета на нападот не беа бунтовниците, туку владата во Дамаск.

Придружувањето на британските пилоти во американските напади врз Сирија наспроти одлуката на парламентот е доказ за слабеењето на демократските процедури. Нема легитимна основа за изведување напади на сириска територија без одобрение на Дамаск или непосредна (непостоечка) закана за западните земји. Во секој случај, американската интервенција против Исламската држава во Ирак и Сирија не ги донесе посакуваните резултати. Наводно се убиени илјадници екстремисти, како и стотици цивили. Една година по почетокот на кампањата, територијата која ја контролира Исламската држава е поголема од кога било. Војната не може да се добие само со воздушни напади, без копнени единици на терен. Во случајот на Сирија, единствените сили на располагање се сириската војска и радикалните исламистички милиции, од Фронт ал Нусра, поврзан со Ал Каеда, до исламистчката група Џаиш ал-Фатах, која ја поддржуваат заливските режими. Кого точно западните држави имаа на ум? Бунтовничките групи кои тие ги финансираат и понатаму се маргиналци.

Искуството со кампањата во Ирак и Авганистан покажа дека ангажирањето на западните воени сили неизбежно предизвикува доживување на тие сили како окупаторски и води кон тотална војна против нив. По низата воени интервенции со катастрофални последици, не е јасно зошто и понатаму се инсистира на бомбардирање. За да сфатиме што значи тоа во пракса, доволно е да се сетиме на хаосот кој уследи по интервенцијата на НАТО во Либија - уште една транзитна рута на бегалците на патот кон Европа. Јастребите тврдат дека проблемот е во тоа што интервенцијата не е истерана до крај: НАТО ја „изневери“ Либија, а ако Америка и нејзините сојузници извршеа инвазија врз Сирија во 2011, или барем да ја бомбардираа во 2013, војната ќе беше завршена до Божиќ.

Во стварниот живот, бројот на жртви во Сирија - каде се очекува посилен отпор отколку во Ирак - сигурно би бил многу поголем. Истото важи и за зоните со забрана за летови. Но, најбизарно е тврдењето дека запад сè уште не интервенирал во Сирија. Америка, Британија, Франција и нивните регионални сојузници постојано интервенираат во Сирија, ги финансираат, обучуваат и вооружуваат бунтовниците - иако знаат дека тоа се пред сè екстремисти, како што е нагласено во неодамна протечените американски разузнувачки документи. Резултатот од интервенциите може да биде само поделба на земјата, при што владата би контролирала помал дел од територијата, но на која живее мнозинството од населението, вклучувајќи и голем број бегалци од подрачјата кои ги зазедоа бунтовниците.

Ако Камерон ја наметнеше својата волја врз парламентот пред две години, од тоа најголема корист ќе имаше Исламската држава. Тој повторно ќе се обиде да го направи тоа во октомври, сметајќи на згрозеноста на јавноста над сликите од бруталното насилство во Сирија. Секако, на министрите им е јасно дека британските бомбардери нема да ја поразат Исламската држава, ниту ќе придонесат за кампањата која веќе ја спроведуваат САД. Станува збор за уште една епизода на цинично политикантско позирање, кое треба да предизвика раздор меѓу лабуристите и да ѝ ја врати на Британија титулата на главен империјален послушник во бескрајната американска војна на Блискиот Исток. Ако пратениците гласаат за бомбардирање на Сирија, тоа ќе биде глас за ескалација на војната и продлабочување на бегалската криза.

Единствен начин да му се стави крај на судирот се мировни преговори во кои би учествувале сите земји од регионот. Војната во Сирија се води преку посредници - со поддршка на Русија и Иран режимот на Асад се судира со силите зад кои стојат заливските диктатури, Турција и западот. Последниве месеци, главните актери почнаа преговори за прекин на судирите и со стекнување предност на фронтот се обидуваат да стекнат предност на преговарачката маса.

Војната и секташките судири во регионот ѝ одговараат на Исламската држава. Единствен начин таа да се маргинализира и порази е завршување на судирот. За тоа е потребен притисок на западот врз своите клиенти во Заливот, а не уште една воздушна кампања. Решението на бегалската криза е во Сирија - но тоа е мировниот процес, а не уште бомбардирање.

Извор: The Guardian, 09.09.2015.