Ја продал куќата за да почне бизнис, цело село му се смеело, а денес е бездомник!

14.09.2015 14:24
Ја продал куќата за да почне бизнис, цело село му се смеело, а денес е бездомник!

Скопје, 14 септември

Милан Стојменовски од Мралино ја продал својата семејна куќа, сакајќи да започне приватен бизнис. Иако цело село му се смеело и го убедувало да не го прави тоа, тој бил истраен во својата намера конечно да се осамостои финансиски. Денес, речиси четири години подоцна, Милан е бездомник.

Тој вели дека е важно човек да знае што сака, да верува во себе, и никако да не дозволи злобните коментари на околината да го одвратат од целта.

„Луѓето се завидливи и на секое ќоше се наоѓа по некој што не постигнал ништо во животот, а кој мисли дека е доволно паметен да ве убедува дека вашата идеја има некакви мани. Важно е човек да научи да не ги слуша таквите забелешки и да го следи своето срце. Најдобра одмазда за сите тие луѓе е огромниот успех. Работите не се случуваат, вие правите да се случат. Победниците никогаш не се откажуваат, а луѓето кои се откажуваат никогаш не победуваат. Ако веќе треба да паднам, тоа нека биде од што поголема висина. Песимистот гледа потешкотии во секоја шанса, додека оптимистот гледа шанса во секоја потешкотија“, вели Милан во кратката изјава за Пара вести.

Тој наведува дека веќе некое време се обидува да најде работа и дека најмногу би сакал да почне да работи како мотивациски говорник.

„Многу млади луѓе во оваа земја имаат идеи и важно е некој да ги охрабри да се обидат да ги спроведат во дело без оглед на сите разлики. Патот од илјада милји започнува со првиот чекор. Прашањето не е кој ќе ми дозволи, туку кој ќе ме запре. Зборот утре е измислен за неодлучните и за децата. Кој има волја има и начин. Планинарењето по стрмните брда бара бавно темпо на почетокот“, објаснува овој претприемач.

Извор: www.njuz.net
Слика:
 Michael Jadach