Економијата е добра

15.09.2015 10:56
Економијата е добра

Себеси се опишува како „постмодерна, за слободен пазар, квантитативна, реторична, англиканска, транссексуална, средно западна, европска економистка – и затоа немам пријатели!“ Диадри Меклоски е една од највлијателните интелектуалки на светот. Предава економија, историја, англиска книжевност и комуникологија на Универзитетите во Илиноис и Чикаго и на Универзитетот во Гетеборг во Шведска. Универзитетска професорка во толку различни дисциплини што не можат да бидат поразлични. „Можам да одам да пазарувам, а останатите колеги ќе мислат дека сум на друга катедра.“ Досега напишала 16 книги (седумнаесеттата излегува годинава), уредила уште шест дополнителни, а кога станува збор за научни статии, нивниот број се врти околу 400. Нејзината автобиографија, Crossing (Премин), New York Times ја прогласи за една од најзначајните книги во 1999 година. Во неа опишува како во 1995 година, во 53 година, престанала да биде Доналд, среќно оженет татко на три деца, и станала Диадри, „стар црковен глушец“, епископалка.

Економијата како научна дисциплина се чини дека падна на најнизок степен на општествен углед по Втората светска војна. Дали критиките се оправдани или општеството е неправедно само кон економистите?

Многу луѓе мислат дека економијата не вреди ништо и дека е виновна нашата неспособност да ја прогнозираме иднината. Особено им пречи што не ја прогнозиравме последната голема рецесија. На таа тема веќе во 1990 година напишав книга со наслов Ако си толку умен: приказна за економската експертиза. А книгата зборува и за таканареченото американско прашање: Ако си толку умен, зошто не си богат? Ако размислите добро, таа шега е многу длабока. Кажува дека која било човечка дејност, ако е наменета за заработување пари, не може да се прогнозира. Додуша, можеме добро да прогнозираме колку стари луѓе ќе живеат во Словенија за дваесет години. Едноставно ќе ја погледнеме сегашната структура на населението. Со мошне голема извесност можеме да прогнозираме дека сонцето ќе излезе утре. Но, ако, од друга страна, ја познавате точката на пресврт во економскиот циклус или ако, да речеме, знаете кога цените на словенските недвижнини повторно ќе растат, тогаш можете да создадете волшебно богатство.“

Ако економијата не може да ни прогнозира што ќе се случува, тогаш зошто воопшто е добра?

Економијата е добра за мудроста, но мудрост од погруб вид. Економијата дава груби совети. Да речеме, на ниво на макроекономија, дека не е добро да се создаде таква деловна средина во која за младите е невозможно да добијат работа. Неверојатно е колку тоа сè уште не им е јасно на луѓето. Така, во цела Европа законите кои ги штитат постарите воедно ги оневозможуваат младите. А, најпосле, старите се оние кои одат на избори, младите не. Францускиот класичен економист Фредерик Бастиа зборуваше за видливото и невидливото. Наша задача како економисти е да ги предупредуваме луѓето за невидливото. За жал, постојат многу економисти кои не ја познаваат економијата многу добро.

Дали моментално најславниот француски автор Томас Пикети е добар економист?

Од една страна е добар економист, но во некои други, многу значајни аспекти не е. Шестата страница од англискиот превод на неговиот Капитал на 21 век е директно шокантна. На сите им советувам да се уверат со сопствените очи. Ме потресе неговото неразбирање на темелната појава која во економската работа ја нарекуваме одѕив на пазарната понуда. Што се случува ако цените на становите скокнат до небото? Видлив учинок е, ако се вратам на Бастиа, дека сопствениците на станови дебело ќе заработат од наемнините. Невидлив, пак, е учинокот дека на пазарот ќе се појават претприемачи и ќе направат нови куќи. Пикети не го разбира вториот аспект. Навистина не го разбира. И тоа е навистина шокантно за некој кој се смета за економист.

Последната книга на Пикети е продаван бестселер, така што неговите аргументи сепак убедија голем дел од јавноста.

Причината за тоа е што некои луѓе се сомневаат во капитализмот. Додуша, не го сакам зборот капитализам. Имено, треба да се каже дека нееднаквоста сега веќе е шеста во историската низа критики кои наводно би можеле да ги погодат самите темели на капитализмот. Најпрвин, во 19 век, во Франција, Германија, Велика Британија и САД и уште на неколку места, станало јасно дека нештата едноставно не одат во толку лоша насока. Потоа зборувале за алиенацијата на работниците. Потоа, дека ќе ги расипе конзумеризмот. Кога бев млада, беше во мода да се зборува дека во капитализам развиениот свет живее на сметка на светот во развој. Потоа, беа во мода еколозите, сега е на ред нееднаквоста. Ниеден од тие стравови не се оствари. Не е дека не ми е грижа за животната средина. Верувам дека глобалното затоплување е проблем. Но, истовремено мислам дека многу мерки на економските политики што ги предложуваат зелените се едноставно смешни. Луди.

Во дебатите за нееднаквоста ви пречи што нееднаквоста според вашето мислење не е проблем, или пак се противите само на предложените решенија, да речеме за светско оданочување на приходите?

Проблемот со фокусирањето на приходната нееднаквост е во тоа што таа појава од аспект на етиката не е релевантна. Она што е значајно и што сите нас мора да не интересира се животните околности на работничката класа. Ако не се подобрува животот на сиромашните, тогаш јас самата прва ќе повикам на барикади и бесење на банкарите на канделабри! Но, тоа не е она што го прави системот на либерална економија. Тој, всушност им помага на сиромашните. Тоа го прават мерките на нашите економски политики на долг рок. Проблем е краткиот рок. Ветувањето на социјализмот е дека веднаш ќе ги поправи проблемите. А ќе ги поправи така што ќе ќе земе од проклетите шефови, дека ќе ги експроприра експропријаторите и ќе им даде на сиромашните. Ура! Но, проблем е што само еднаш можеш да ги експроприраш луѓето. Што ќе правиш потоа?

Што мора да ѝ се случи на младата социјалистка за да премине на другата страна и да стане толку влијателна заговорничка на слободниот пазар?

Вистинските комунисти зборуваа дека со социјализмот ќе се промени самата природа на човекот, дека со укинувањето на приватната сопственост ќе се промени човечкиот карактер. Ако тоа навистина се случеше, денес и понатаму ќе бев социјалистка. Но, сè повеќе ми стануваше јасно дека под Мао или Сталин човечката природа не се промени кон подобро. Либералите, пак, поаѓаат од стојалиштето дека човечката природа е дадена и дека веќе многу добро ја познаваме. Знаеме дека луѓето цветаат, како што тоа го нарече Адам Смит, во „очигледен и едноставен систем на природна слобода“. Ако се фокусираш на долг рок, тоа ќе ти стане јасно. Погледнете го светот на почетокот од 19 век, погледнете го светот денес. Не треба да се биде економист за да ги разберете тие факти. Популистите тврдат дека веднаш ќе ги отстранат проблемите. Што да кажам? Би сакала луѓето подобро да ја познаваат историјата на Аргентина и Венецуела.

Социјалистичкиот одѕив на вашите зборови би бил дека нема ништо лошо во самата теорија, само погрешно била изведена во практиката, дека од тие грешки многу научиле и дека следниот пат ќе биде подобро, особено затоа што притоа можат да помогнат современите технологии.

Да, да... На своите пријатели социјалисти веќе во осумдесеттите им велев само да го погледнат Советскиот сојуз. Зборував дека социјализмот не функционира. „Тоа не е социјализам“, ми велеа, „тоа е државен капитализам“. Многу е опасно кога хипотетската можност за подоброто ќе стане најголема непријателка на мошне доброто сегашно, кое секако не е перфектно. Кај комунистите најнеморална ми изгледа токму таа саморазбирливост со која оправдуваат милиони мртви кои во 20 век паднале во името на изградбата на комунистичката иднина. Истото важи и за фашистите и особено за нацистите.

Теоретски постои еден единствен капитализам, но во практиката е мношне различно остварен, општествените научници често предупредуваат дека постојат цела низа национални варијанти на капитализмот.

Тоа го зборуваат постојано, но јас мислам дека е бесмислица. Но, продолжете...

Што е сепак заедничко за сите тие различни модели на економски развој, што е во нив капиталистичко?

Најпрвин би нагласила дека станувам сè понетолерантна кон зборот капитализам, бидејќи ги води луѓето во заблуда дека во средиштето на современиот свет се наоѓа акумулацијата на капиталот. Акумулацијата на капиталот е последица, а не причина. Повеќето претпријатија се изградуваат со семејна заштеда и задржана добивка, така што пазарите на капитал притоа не играат особено голема улога. Клучниот аспект на капитализмот е приватната сопственост. Отсутноста на приватна сопственост е социјализам, ограничувањето на приватната сопственост е социјализам во помека варијанта, почнувајќи од претераната регулација каква што имаме во САД. Се сеќавам уште од младоста дека многу се зборуваше за шведскиот модел. Имено, американските социјалисти не можеа да се доведат до тоа да признаат дека се социјалисти, па Шведска ја претставуваа како трет пат, покрај капитализмот и комунизмот, што е совршена глупост. Шведска, секако, е чисто капиталистичка држава. Повеќето цени на добрата и услугите ги одредува пазарниот систем и таму се почитуваат сопственичките права. Вистина е, имаат многу регулации, но ги имаат и во Хонг Конг. Исто така, во Шведска не му придаваат особен престиж на наследеното богатство, наспроти аристократските режими каде заслужувањето пари со работа со сопствените раце се сфаќаше како нечесно.

Оваа година излегува третиот том од вашата трилогија за развојот на капитализмот. Сакате да ги отфрлите востановените толкувања на економистите за тоа зошто во текот на доцниот 17 и раниот 19 век се појавил современиот економски раст. Особено им се спротивставувате на теориите кои тој револуционерен развој го поврзуваат со иновациите, тврдејќи дека тие појави се значително постари и дека морале да го предизвикаат капитализмот векови претходно, ако навистина биле негова причина.

Точно, да речеме приватната сопственост.

Значи, зошто капитализмот се родил во Европа во раното модерно доба?

На некој начин мораме да ѝ се заблагодариме на божјата провидност. Што точно го предизвикало современиот економски раст е тема на заклучната книга од мојата трилогија. Во првата книга опишав како буржоазаијата во раното модерно доба одеднаш престанала да мисли за себеси дека е безвредна. Во втората книга проверував дали тоа можеме да го објасниме со вообичаените економски, материјалистички теории. Тие имаат два проблеми. Првиот е историски, и понекогаш речиси гротескно се греши околу времето кога некоја причина за економскиот раст се појавила првпат. Да речеме, меѓународната трговија. Ве молам, па сè до средината на 19 век Индискиот океан илјада години бил коридор за глобална трговија, а Индија не растела нималку. Што друго? Некои велат дека причина биле профитите од американското и карипското ропство. Но, трговијата со робови масовно ја имале уште и Монголите, односно Златната орда на подрачјето на јужна Русија. Тоа се случувало со векови, па Монголите не го добиле капитализмот. Потоа, проблем се и големините на сите тие промени. Ако веруваш дека светот можеш соодветно да го прикажеш со моделите на неокласичната, економијата на Самуелсон, тогаш ниеден од тие материјалистички фактори не може да го објасни модерниот економски раст. Нивниот придонес е толку мал, што тоа е смешно.

Објавено во мариборскиот дневник Вечер, 23 мај 2015 година. Разговараше Јуре Стојан.

Извор: http://libreto.net
 

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Општество / Свет / Став / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото