Цивилизација на варвари

16.09.2015 13:09
Цивилизација на варвари

Според една претпоставка, Кинескиот ѕид, најголемата градба на Земјата и едно од светските чуда, не бил подигнат со идеја да се заштити, да се одбрани земјата од навлегувањето на Хуните и другите номадски племиња, како што гласи официјалната верзија, туку да се постави меѓник, граница што ќе ги одвои цивилизираните од варварите.

Како што сведочиме, ни денес, повеќе од две илјади години од почетокот и над триста од завршувањето на Кинескиот, ниту идејата, ниту градењето ѕидови - и видливи и невидливи - не изгубиле на интензитет. Напротив. И сè уште тие што ги подигаат, мислат дека се цивилизирани, културни. Тие што ограбуваат, тепаат, понижуваат и најбрутално се изживуваат врз тие што станале жртви, биле принудени - повторно поради некои цивилизациски потфати - да бегаат од своето огниште за да го спасат голиот живот. За да се види на кое дереџе е хуманоста - ако воопшто може да стане збор за такво нешто - доволно е да се слушнат апелите за помош во кои се тврди: и мигрантите се луѓе!

Македонија не само што пропушти да покаже дека е колепка на цивилизацијата, туку беше најстрашниот, најсмртоносниот дел од пеколниот пат на бегалците. И сè уште се обидува да го задржи тоа цивилизациско ниво. Еве, и во неа, со незначително задоцнување, се појави идејата за градење ѕид.

Извор: Слободен печат
Фотографија: Томислав Георгиев