Тетоважи за кукавици

16.09.2015 15:43
Тетоважи за кукавици

Не сум тип за тетоважи. Имам низа вообичаени изговори, предрасуди и стравови. Дали иглите за тетовирање се доволно хигиенски? Дали тетоважата ќе се развлече кога ќе остарам, па ќе изгледа патетично? Што ако тетоважата престане да ми се допаѓа после извесно време?

Покрај тоа, бев сведок на еден пример со две биолошки тетоважи кои требаше да траат три до четири години, но ете, поминаа двесет, а оној разигран делфин во скок, на рамото на пријателката во меѓувреме се развлече и се претвори во резигниран бакалар кој сè уште ѝ стои на рамото.

Но, откако ги открив Tattly, добив нескротлива желба да се прекријам со тетоважи од глава до пети. Да речеме, еден ден да се украсам со оние животни во костими (сериозниот мачор со очила, во жолто сако и точкеста кошула е мојот фаворит!), но ми се допаѓаат и госпоѓа лиса, медо, морскиот лав, тигарот со превез на едното око и наконтениот петел. Друг ден можам да се облепам со моркови или ореви, а потоа ќе направам пауза со минималистичка типографија.

Тетоважите на Tattly кои од Бруклин ги испраќаат низ целиот свет се дизајнирани од професионални дизајнери и илустратори, што значи дека сите тие се преубави и квалитетни. Потполно се сигурни и не се токсични, имаат дури и одобрување од американската Агенција за храна и лекови, а тоа го докажува и трудницата која со нив си го облепи стомакот.

На оваа идеја се сетила една мајка, уморна од лошите тетоважи кои ги лепела на рацете на нејзината ќерка. Во јули 2011 година, Тина Рот Ајзенберг ангажирала петнаесет светски афирмирани дизајнери и покренала онлајн продавница, а веќе во февруари следната година надминала десет илјади нарачки, од што може да се донесе заклучок дека во сите нас постои тој порив за ритуално украсување.

Во меѓувреме Tattly се проширија до таа мера што нивните тетоважи се продаваат во повеќе од илјада дуќани во четириесет земји, а колекцијата вклучува и тетоважи со металик сјај, поединечни сликички кои во просек чинат околу пет долари (во пакувањето секогаш одат две парчиња) или цели сетови (најевтините: осум парчиња за петнаесет долари).

Тетоважата на Tattly во просек стои од два до четири дена, отпорна е на вода, па може да преживее и туширање и базен. Трошоците за достава надвор од САД изнесуваат шест долари и тетоважите стигнуваат за отприлика две недели, а ако потрошите повеќе од 45 долари на нивните привремени тетоважи – што воопшто не е тешко,
доставата е бесплатна.

Извор: Globus