Зошто писателите пијат

17.09.2015 11:30
Зошто писателите пијат

Ернест Хемингвеј

 

„Пишувај пијан, редактирај трезен“, е еден од често цитираните совети на Ернест Хемингвеј. Но, зошто воопшто да се пие додека се пишува? Дали пиењето им помага на писателите и дали тие пијат повеќе од другите професии и од другите луѓе воопшто? Дали уверувањето дека книжевноста и алкохолот се неразделни партнери е мит, и дали писателите пијат од исти причини како и сите други: секој има свои (а списокот е долг).

Најновиот придонес за литературата на оваа тема дојде од од една Британка, Оливија Лаинг, која во книгата „Излет до Ехо Спринг: зошто писателите пијат“ (Olivia Laing –“The Trip to Echo Spring: Why Writers Drink”) се занимава со алкохолните склоности на шест американски автори: Џон Чивер, Тенеси Вилијамс, Џон Беримен, Ернест Хемингвеј, Скот Фицџералд и Рејмонд Карвер. Овде во Британија по тој повод констатираат дека за оваа тема имала доволно инспирација и меѓу писателите од својата татковина, а објаснувањето зошто не се занимавала со ниедна жена (каде исто така можела да бира) е од лична природа (авторката потекнува од семејство на алкохоличари).

Книгата не е есеј ниту научен труд за книжевноста и алкохолизмот, а не дава ни одговор на прашањата од почетокот на текстов. Станува збор за специфично осветлени портрети на одбрани автори и некој вид патопис, па би се рекло и аџилак: патувајќи исклучиво со воз, Лаинг ги посетила местата каде нејзините јунаци живееле, работеле и (особено) пиеле: Њујорк (Вилијамс, Чивер, Фицџералд), Ки Вест на Флорида (Хемингвеј, Вилијамс), Њу Орлеанс (Вилијамс) и Сиетл (Карвер). Тоа значи дека се опишани и нивните куќи и работни соби, а и „ликер сторс“ (продавниците за алкохол) и баровите кои често ги посетувале.

Не било многу тешко да се состават нивните алкохолизирани биографии, бидејќи тие зборувале за своите пијани искуства или ги транспонирале врз ликовите од својата проза или поезија. Во секој случај, „Излет до Ехо Спринг“ е интересно четиво, не само затоа што американската книжевност и инаку има доста примери за претерување со алкохол: покрај оние кои ги избрала британската авторка, почесно место во таа ложа имаат и Џек Лондон, Труман Капоти, Чарлс Буковски...

Тенеси Вилијамс

Впрочем, од осум американски нобеловци за книжевност (оние родени на американско тло), за петмина може да се каже дека биле пијаници. По малку загадочниот наслов - „Излет до Ехо Спринг“, инаку е позајмен: тоа е реплика која во славното дело на Тенеси Вилијамс (1911-1983) „Мачка на вжештениот лимен покрив“ ја изговара едно од лицата, Брик, кој на прашањето на Таткото „Каде ќе одиш“, одговара со „До Ехо Спринг“. „Ехо Спринг“ (спринг на англиски во овој случај значи „извор“) во драмата е креденец за пијачки во кој се наоѓа и истоимениот вид бурбон, американско виски.

Вискито во американската книжевност е она што е вотката во руската: супстанца која го смирува, стимулира и уништува човекот. Вилијамс прецизно ги опишал првите две карактеристики, повторно преку репликата на Брик: „Кога ќе испијам онолку колку што ми е потребно за да се смирам, чувствувам како во мојата глава нешто да крцнува“.

Алкохоличарскиот маѓепсан круг најдобро го опишува примерот на Џек Лондон, кој имал обичај да се награди со пијачка кога ќе ја напише својата дневна квота од илјада зборови - за да стигне постепено до таму да не може да почне без пиење. Потврда на онаа стара мудрост дека човекот прво зема пијалак, а потоа пијалакот го зема човекот.

Во овој круг се и сите писатели на Оливија Лаинг, при што таа заклучува дека од нивните лоши навики сепак е поважно она што го напишале, со чаша (шише) или без неа. Констатира и дека шестемината кои ги избрала за потребите на својата книга и ги проучила, имаат и некои заеднички црти: дека биле промискуитетни, но истовремено несигурни во својата сексуалност, дека повеќето умреле во средните години, при што и оние кои не извршиле самоубиство ја платиле цената на тешкиот и динамичен живот. Сите биле свесни за порокот на кој се оддале, но само двајца, дури во подоцнежната фаза од животот, успеале трајно да се ослободат од него.

„Пишувањето бара фантазија, а алкохолот ја стимулира. Пишувањето бара самодоверба, а алкохолот јо дава, пишувањето бара и осаменост која алкохолот ја ублажува“, ја објаснува Доналд Гудвин врската меѓу зависноста и креативноста во својата книга „Алкохолот и писателите“, која ја објавил во 1990, како шеф на катедрата за психијатрија на Универзитетот Канзас. Хемингвеј (1899-1961) за тоа имал и поинакво објаснување: „Модерниот живот често е механичка опресија, а пиењето е единственото механичко олеснување“.

Чарлс Буковски

„Премногу од што било е лошо, премногу шампањско е сосема доволно“ е славен цитат на Скот Фицџералд (1896-1940), на кого Хемингвеј му замерувал дека премногу брзо се опивал и кога ќе се напие сосема малку. „Шишето вино на крајот на денот не е ништо друго туку човеково право“, бил ставот на Скот Фицџералд, кој потоа еволуирал до шише џин дневно, и поради тоа често не знаел каде е. Позната е анегдотата за тоа како се напил со двајца клошари и ги довел во својот стан, нудејќи им да се послужат со неговите кошули, вратоврски и костуми.

Меѓутоа, бил свесен дека алкохолот, колку што е стимулант, толку е и хендикеп. „Некој краток расказ може да се напише и на шише“, му рекол во една прилика на својот издавач Макс Перкинс, „но за роман е неопходна онаа ментална брзина која ви овозможува да го држите во глава целиот заплет“.

Од сите писатели кои ги обработува Оливија Лаинг, најискрен бил Тенеси Вилијамс (на кого алкохолот не му бил единствен опијат). „Зошто човек пие? Постојат две причини, кои одат одвоено или заедно: првата е дека е уплашен од нешто, а втората е дека не може да се соочи со вистината“.

„Писателот ја негува, шири, подигнува и потпалува својата фантазија и во тој процес го зголемува и својот капацитет за нервоза и страв, за да стане на крајот жртва на тешки фобии кои може да ги истера само со тешки дози хероин или алкохол“, го објаснува механизмот на својата зависност Џон Чивер (1912-1982), кој поради своите пијанства често бил на работ на смртта, за после едно од таквите искуства сосема да се отрезни и последните девет години од животот не пробал ниту капка алкохол.

„Почнав да се опивам кога сфатив дека она што најмногу го сакав за себе и за своето пишување, за мојата жена и деца, едноставно нема да се случи“, гласи признанието на Рејмонд Карвер (1938-1988), кој после годините во кои бил редовен муштерија во Брза помош, судовите, центрите за детоксикација и клиниката за луѓе пред умирање, конечно успеал засекогаш да се отрезни - и потоа да напише некои од своите најдобри дела.

За таков подвиг не бил способен поетот Џон Беримен (1914-1972) кој го платил данокот на алкохолизмот и депресијата (тешко е да се каже што било причина, а што последица во неговиот случај) така што се фрлил од еден мост во Минеаполис, на плочникот на левиот брег на Мисисипи.

И на крајот, за разбирање на овие во никој случај едноставни теми, еве го и цитатот на Чарлс Буковски (1920-1994), кој чарите и другите дејства на алкохолот ги запознал уште како тинејџер (но од некои причини Лаинг не го избрала за својата книга):

„Ако се случи нешто лошо, пиете да го заборавите тоа. Ако се случи нешто добро, тогаш пиете за да го прославите тоа; ако ништо не се случува, пиете за да се случи нешто...“

Извор: www.audioifotoarhiv.com

Слични содржини

Книжевност / Живот
Книжевност / Живот
Книжевност / Живот
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото