Бараките на Град Скопје ќе се претворат во хотел од 100 метри!

18.09.2015 10:03
Бараките на Град Скопје ќе се претворат во хотел од 100 метри!

Нов „Кинески ѕид“ ќе никне во Градскиот парк, алармираат од Општина Центар. Оттаму посочуваат дека на местото на бараките во кои е сместена администрацијата на Град Скопје, предвидено е да се изгради хотелски комплекс и тоа со височина од 100 метри!

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, вели дека ова земјиште ѝ е узурпирано на Општината и дека Владата донела посебна Одлука, со која на локацијата треба да се гради објект од посебен интерес.

- Градба од посебен интерес може да биде, на пример, болница, школа или градинка, но како може тоа да биде хотел? Овде е очигледно дека во Република Македонија царува градежната мафија. Овој проект не ги засега само граѓаните на Општина Центар, туку и сите жители на Скопје. Со хотелскиот комплекс практично ќе се засени Градскиот парк. Во него нема да има ниту сонце ниту струење на воздухот - рече Жерновски.

Тој како градоначалник, нема сознанија кој би бил идниот инвеститор на хотелот.

- Воопшто не е важно кој ќе го купи земјиштето. Кој и да гради, ќе бидат загрозени интересите на граѓаните. На ова место прво беше предвидена катна гаража, па потоа се преиначи во деловен објект, па сега во хотел. Зошто? Затоа што таму се парите - рече Жерновски.

Тој потенцираше дека за Владата на Република Македонија не е ништо ново со терминот „посебен интерес“ да ги штити нејзините бизнис-интереси, па така, претходно од Општина Центар узурпираше земјиште за изградба на станбени згради, кои исто така назначи дека се од „посебен интерес“.

- На 21 јули, во екот на годишни одмори, Владата на Груевски донела одлука ова земјиште да биде наменето за градба од посебен интерес. На местото на бараките на Град Скопје, на парцела долга 218 метри и широка 28, односно на цели 6.104 квадратни метри ќе се гради хотелски комплекс. Затоа сакам директно да го прашам Груевски: за чиј интерес се работи, за интересот на граѓаните или за интересот на градежната мафија, која тој директно ја контролира? - рече Жерновски.

Градоначалникот на Центар потсети дека Градскиот парк веќе е познат по еден „Кинески ѕид“, но тој е висок 20 метри, а овој ќе биде петпати повисок. Тврди дека земјиштето прво е присвоено од Општина Центар и тоа сега со посебна Уредба се наоѓа во ингеренции на Владата.

- Има еден чекор што решава сè. Владата да го врати градежното земјиште. Општина Центар да не биде единствената општина што не може да управува со градежното земјиште. За тоа има и законска обврска. Кога ќе го врати, ниту ќе постојат згради кај бараките на ПУИГ, ниту ќе постојат нивните катни гаражи. Ние добивме одговор дека не ги исполнуваме условите за да го добиеме градежното земјиште. Но, ние ги исполнуваме! Има општини што навистина не ги исполнуваат условите, а го добија земјиштето - вели Жерновски.

Тој потенцираше дека Општината отворила војна против градежната мафија и ќе направи сè за да го спречи уништувањето на зеленилото. За денеска Жерновски закажал средба со невладиниот сектор од кого бара поддршка. Тој уште еднаш потенцираше дека нема намера да гради нова општинска зграда, иако на местото на бараките на Општина Центар, таму е предвидена маркичка за заграда од 15 ката.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња