1025 hPa
86 %
-1 °C
Скопје - Сре, 14.01.2026 19:59

АФРИКАНСКA
Ми требаш како бел господар меѓу црните луѓе
да те обожувам како Бог
како екватор што ме дели на половина
фатаморгана и дехидратација
секоја година нова алка на вратот
секој месец ритуален транс
секој ден смртта чука на вратата
секоја ноќ стомакот се слепува за грбот
секој час сонувам леб
секоја минута планирано ме истребуваат
и секоја секунда се раѓам умножена
ми требаш како номад во мојата пустина
испосник во песокта
најди ги оазите
и таму трајно насели се
како грешник
АМЕРИКАНСКА
Од беспилотно летало
да ти фрлам бомби врз срцето
потем да дојдам
во набљудувачка мисија
пулсот да ти го опипам
гласовите на бунтовниците
во твоите планови да ги замолкнам
нафтата од вените да ти ја исцицам
воено жариште во душата да ти направам
и пак како миротворец да ме посакаш
животот да ти го упропастувам
ти за мене сонот да го чуваш
ветена земја за тебе сум
ти требам

ЕВРОПСКA
И стопати од тебе да се одречам
и Бога да го прогласам за мртов
и ренесансно да се преродам
и барокно да претерувам
и постмодерно твојот лик
да го прогласам за палимпсест
од сите усни што сум ги љубела
и да те прогласам за варварин
зашто не можам да те научам
да пиеш чај во пет часот попладне
Стопати нека е проклет Рене Декарт
Ми требаш
на тебе да мислам
да знам
дека
постојам
АРКТИЧКA
Шест месеци темнина
да те сонувам
Шест месеци светлина
да те гледам
Извор: Политики на љубовта, ПНВ публикации, Скопје, 2015.
Слики: Ania Cywinska