Женските движења се главни двигатели на прогресивни општествени промени

18.09.2015 10:50
Женските движења се главни двигатели на прогресивни општествени промени

Ејдриен Робертс е професорка на Катедрата за меѓународни студии на Универзитетот во Манчестер. Се занимава со феминистичка и меѓународна политичка економија. Докторирала 2010 година на Универзитетот Јорк на тема „Управување со општествената маргиналност: кон феминистичката политичка економија на сиромаштија, злосторство и казна“. Во продолжение прочитајте го проширениот разговор кој со Робертс го водеа Ведрана Бибиќ, Анкица Чакардиќ и Тина Тешија.

Што мислите за позицијата на левицата денес, дали постои јасно артикулирано левичарско движење надвор од парламентарната форма на политиката?

Со оглед на тоа дека себеси се сметам за левичарка, а не некој што ја проучува левицата, мојот одговор на вашето прашање ќе биде намерно (и нужно) нецелосен. Иако е јасно дека во текот на изминатите неколку децении многу општествени движења од левицата доживеаја тешки удари, сепак мислам дека тоа не доведе до нејзин пораз, туку го подготви теренот за појава на нови видови леви организации – и покрај традиционалниот облик социјалдемократски политички партии, синдикати и други организации кои ги сочинува работничката класа. Движењето Occupy и антикапиталистичкото движење од доцните 1990-ти и 2000-ти кое му претходеше (што понекогаш погрешно се нарекува антиглобалистичко движење) се очигледни примери за тоа. Меѓу нив вбројуваме и различни (канадски и други) староседелски движења како трајно присутни актери за антикапиталистичките и антиколонијални општествени промени.

Иако е можно да не постои единствено, кохерентно, глобално лево движење, поважно прашање е што се прави за да оствариме јасни врски меѓу општествените сили на левицата. Една од најочигледните врски е левата опозиција на политиките за штедење кои многу „искусни актери“ ја претставуваат како единствен метод за пристапување кон проблемот на фискалните дефицити, а за која огромното мнозинство има чувство дека неправедно ги оптоварува најранливите припадници на општеството. Occupy е разновидно движење, но јасно се противи на класната политика и мерките за штедење. Но, постојат и други слични движења, на пример, канадското “Idle No More” кое се појави во декември 2011 година како движење кое го води канадското автохтоно население, особено жените и младите, против политиките за животната средина и енергетските политики на конзервативната влада. Ова движење ја артикулираше опозицијата на „владините колонијални мерки за штедење“ кои несразмерно го погодуваат домашното население (особено жените и децата). Синдикатите и различните женски движења исто така се противат на мерките за штедење.

Иако, позициите против мерките за штедење често се втемелени на (нео)кејнзијанска рамка, отколку на антикапиталистичка позиција per se, постои консензус дека скратувањето на потрошувачката не е нужна последица на растечкиот државен долг, туку дека тоа се изразено политички одлуки кои најмногу ги погодуваат сиромашните и најранливите членови на општеството. Наместо такви одлуки, би требало да се зголемат даноците за оние кои имаат високи приходи, да се затворат даночните дупки кои ги погодуваат богатите, да се укинат стимулациите за големите корпорации и да се намали воената потрошувачка. Но, мерките за штедење и понатаму се претставуваат како нужност за стабилизација на економиите во рамки на Европската унија, како и другите економии кои сè уште закрепнуваат од финансиската криза започната 2008 година.

Во повторниот обид за спроведување на програмите за структурно прилагодување (SAP) од деведесеттите, на многу земји од глобалниот југ им беше наметнато и фискално штедење преку намалување на потрошувачката како предуслов за пакетите за „помош“„ и заемите од меѓународните финансиски институции. Алтернативното решение како „простување“ на долгот на Третиот свет, генерално и се третира како политички неостварливо.

Навистина, прашањето на долгот е уште едно комплексно прашање од голема важност за левицата. Кампањата “Jubilee 2000” (која во раните 2000-ти беше успешна дотолку што доведе до отпишување на дел од долговите) продолжува да биде значаен актер во современата глобална политичка економија. Моментално се наоѓа во процес на преобликување во „движење за финансиска праведност“ кое настојува да ги наруши длабоко нееднаквите односи на моќта помеѓу (богатите) заемодавци и (сиромашните) корисници на заеми. Преземајќи ги идеите развиени на глобалниот југ, движењата за „ревизија на долгот“ никнаа во различни земји ширум Европа за да проценат дали тие долгови воопшто треба да бидат подмирени. Во САД се појави “Strike Debt”, огранок на движењето Occupy кое го откупува „лошиот долг“ од издавачите на кредитни картички, претпријатијата за наплата на долгови и други за потоа да го отпише. Нивниот слоган е „слава за 99 проценти“. Во Канада и САД, каде многу студенти мораат да подигнат големи заеми за да го финансираат своето образование, исто така се појавија различни движења против парализирачките кредити.

Третата врска е животната средина – многу левичарски општествени сили препознаа дека капиталистичкиот систем кој зависи од бесконечниот процес на раст, ја достигна својата еколошка граница. Додека перспективата која заговара раст обично се претставува со деполитизирани термини, како дел од нашето здраворазумско размислување за организација на општеството, таа, сеедно има и еколошки и општествени последици, бидејќи често зависи од постојаната акумулација на земјата и ресурсите на староседелците. Токму тоа го поттикна движењето “Idle No More” во Канада, каде конзервативниот премиер Стивен Харпер се обиде да измени делови од Законот за Индијанци кој ја заштити нивната земја и водените патишта и им овозомжи да не можат да се донесат важни одлуки за контрола на ресурсите без нивното мнозинство. Харпер тврдеше дека Изворните народи се непрактични идеалисти и дека не можат да ги разберат сплетките на глобалната политичка економија која бара Канада уште повеќе да ја зацврсти својата позиција како „енергетска суперсила“. Меѓутоа, изгледа дека силното противење на канадската влада кон идеите за одржлив развој и заштита на животната средина (вклучувајќи и повлекување од Протоколот од Кјото) одржува далеку „поидеалистичка“ позиција: онаа во која канадската економија може да продолжи да се храни со експлоатацијата на природните ресурси, а мал број корпорации (и нивните акционери) можат и понатаму да профитираат од уништувањето на природната средина. Иако „домородниот активизам“ не е нова појава во канадското политичко милје, брзината со која се рашири движењето – што делумно го овозможи врската со студентското движење од Квебек, движењето Occupy и останатите – се причина за оптимизам.

Како гледате на позиционирањето на феминистичката теорија и практика во рамки на левицата?

Феминизмот и женските движења се главни двигатели на прогресивните општествени промени од шеесеттите години, па наваму. Имено, со проширувањето на полето на дејствување на општествените движења фокусирани на прашањата поврзани со работното место, се создаваат нови простори во кои феминистките можат да ја изразат својата загриженост заради разновидните облици репресија и експлоатација кои се одвиваат надвор од работното место. Тоа може да вклучува прашања поврзани со насилството врз жените, нееднаквите односи на моќта во домот, приватизацијата и/или индивидуализацијата на социјалните услуги, дискриминаторските имиграциски правила за негувателките и домашните работнички, дискриминаторските практики при давањето заеми, апропријацијата на обработливата земја итн. Да се вратам уште еднаш на примерот на движењето “Idle No More”, токму жените и младите беа во првите редови на движењето, а штрајкот со глад на Тереза Спенс, главатар на Изворниот народ Attawapiskat, ја приближи кампањата до јавноста.

Со оглед на специфичното историско позиционирање на жените меѓу производството и општествената репродукција, феминистичките и женските групи се особено поволни за мобилизација на прашања токму од тој контекст. Навистина, најголемата сила на феминизмот е неговото фокусирање, како теоретски (во смисла на методологијата која ја користи и нејзиниот критички пристап кон епистемологијата) така и во практична смисла (во средиштето се борбите кои ги започнале феминистките) на секојдневните општествени односи и практики кои другите вообичаено ги игнорираат. На пример, неплатената работа и таканаречените неформални облици на работа веќе долго се во средиштето на феминистичкото истражување и активизмот. Феминистичките теории и активизмот исто така експлицитно се занимаваат со идентификување и борба против интерферирачките односи на угнетување и нееднаквост, вклучувајќи ги оние засновани на класата, расата, етничката припадност, способноста, сексуалноста, возраста итн, заради што се добро подготвени за изградба на коалиции засновани на поширокото поле на борбата.

Дали можат да се критикуваат мерките за штедење од материјалистичко-феминистичка перспектива?

Од феминистичката историско-материјалистичка перспектива еден од најголемите проблеми поврзани со мерките за штедење е фактот дека тие вообичаено ги погодуваат програмите за социјална помош и другите социјални програми кои во поголема мера ги користат жените. Со воведувањето на мерките за штедење тие програми и/или се реструктуираат па стануваат сè поиндивидуално насочени и секако сè порестриктивни. Со оглед на тоа дека државата под изговорот за штедење ги укинува (и/или ограничува) ваквите услуги, жените најчесто вршат дополнителна работа нужна за да се надомести повлекувањето на социјалните активности на државата – тоа најчесто вклучува дополнителна грижа за деца, постари или болни членови на семејства. Женската неплатена работа во таа смисла останува невидлива додека истовремено служи како нужна поткрепа на владите кои се обидуваат да ја ограничат државната потрошувачка. На пример, според неодамнешната студија која ја спроведе Public Services International Research Unit (PSIRU) за полово специфичните последици од штедењето во Ерменија, Бугарија и Црна Гора, намалена е зачестеноста на посетите на жените кај лекарите, здравствената помош пропаѓа, а лековите сè почесто се препишуваат. Заради полово заснованата поделба на трудот која е длабоко вкоренета во историјата на капитализмот, ваквите практики најмногу ќе влијаат на жените, што е аспект кој при донесувањето на важните политичко економски одлуки на државно и регионално ниво ретко се зема предвид.

Со оглед на тоа дека на себе преземаат поголем дел од неплатената работа, истражувањата за претходните кризи исто така ја потврдија тезата дека во време на криза жените вообичаено во поголема мера се согласуваат на неформална работа и работат повеќе прекувремени часови на работното место. За да создадат услови за остварување социјална помош, многу жени токму заради тоа излегуваат на пазарот на трудот. Во отсуство на адекватна јавна поткрепа на социјалната репродукција се перпетуираат женското двојно угнетување како и разликите во платите за иста работа.

На пример, консеквенците на политиките за штедење во Велика Британија предизвикаа препознавање на важноста на веќе присутната програма за поддршка на вработување на долгорочно невработените со која се остварува поголема партиципација на жените на пазарот на трудот. Тие програми се проблематични од повеќе причини, и тоа не само затоа што не успеваат да ги разоткријат начините на кои расте количеството прекарни, слабо платени, слабо ценети работи и оние со половина работно време заради економското реструктуирање. И покрај тоа, таквите програми претставуваат посебен предизвик за жените, а особено мајките, кои на пазарот на трудот поаѓаат од нееднакви почетни позиции и вообичаено се вработуваат во услужниот сектор и во други слабо платени индустрии и преземаат несразмерно поголем удел од неплатената негувателска и домашна работа. Таквите реформи на системот за социјална помош ги принудуваат жените да станат делумно платена продуктивна работна сила, со што секако ја репродуцираат половата нееднаквост, особено со оглед на отсуството социјална поддршка за грижа за децата. Додека некои земји од Европската унија, како Грција, планираат да воведат субвенции дури и на ниво на приватни установи за детска помош, идеите да се работи на отворање на оние јавните се многу ретки.

Феминистичките организации и женските групи на овие новости одговорија со мноштво различни предлози како и со барање за повторно поопштествување на односите за социјална репродукција во рамки на самата заедница, а не државата. Организацијата на заеднички кујни и селски банки (тие стратегии ги користеле многу заедници во Латинска Америка по наметнувањето на програмите за структурно прилагодување во деведесеттите), се некои од примерите за поопштествување на трудот кој се смета за дел од социјалната репродукција. Меѓутоа, исто така е важно да се истакнат макроекономските фактори кои ја условуваат половата нееднаквост и да се продолжи да се истакнуваат тезите дека „економијата“ не е неутрална сфера која може објективно да се проучува и која најдобро се регулира со технократско и деполитизирано донесување одлуки. Токму спротивното: „економијата“ ја прават односите на моќта, вклучувајќи ги и општествените односи на полот и класата, а современата глобална политичка економија е насочена во корист на богатите мажи, повеќето белци.

Многу истражувања, вклучувајќи ги и вашите, посочуваат на фактот дека мерките за штедење не влијаат сосема еднакво на мажите и жените. Кои се клучните разлики според вашето мислење?

Феминистичката политичка економија посочи на значајни различни учиноци од мерките за штедење на мажите и жените. Притоа, мораме да бидеме внимателни за да не генерализираме претерано, бидејќи полово условените мерки за штедење се разликуваат од земја до земја и дека тие, како кратењето одредени облици социјална потрошувачка, можат потешко да влијаат на специфични групи жени, на пример сиромашните, инвалидите или имигрантките, отколку на „жените“ како замислена хомогена група. Меѓутоа, на пошироко ниво, некои од полово специфичните учиноци на штедењето го вклучуваат следното:

• Сиромаштијата: во мера во која штедењето го зголемува нивото на сиромаштијата, поголема е веројатноста дека таа потешко ќе ги погоди жените отколку мажите, бидејќи севкупно поголем број жени живеат во сиромаштија (тоа важи за повеќето земји и на глобално ниво)

• Невработеноста: во различните облици невработеност предизвикани од финансиската криза, а потоа од мерките за штедење, исто така можеме да го утврдиме полово димензионираниот аспект на политиките за штедење. Иако први погодени од кризата се многу сектори во кои работат мажите како мнозинство (каде стекнуваме впечаток дека се наоѓаме среде „машка рецесија“), долгорочното ширење на кризата на јавниот сектор има јасни импликации по жените кои во голем број се поврзани со тој сектор како работнички и кориснички на јавните и социјалните услуги. Жените претставуваат 72% од работната сила во јавниот сектор во Ирска, 54% во Шпанија, 63% во Латвија, 53% во Романија и 65% во Обединетото Кралство. Притоа, пред, па и на почетокот од кризата, бројот невработени жени беше поголем од бројот невработени мажи. Исто така, во тешките услови поверојатно е дека жените први ќе ја загубат работата. Според неодамнешната студија на Европското женско лоби и OXFAM, стапката на невработеност кај жените во 22 земји повторно се наоѓа на нивото од 2005 година.

• Надниците: последиците од штедењето несразмерно ги трпат сите работници, за разлика од оние кои заработуваат за живот од профит, финансиски инвестиции и ренти. Но, со оглед на тоа дека жените заработуваат помалку од мажите, поголема е веројатноста дека посилно ќе ги погоди сеопфатното штедење. Притоа, жените се несразмерно поголем број вработени во јавниот сектор, во кој доаѓа до бројни отпуштања, замрзнувања на платите и ограничувања на надниците. На пример, се проценува дека во Обединетото Кралство жените претставуваат 73% од работната сила на која ѝ се замрзнати платите (види го завршниот извештај од Симпозиумот за полово обележаните последици од штедењето во Обединетото Кралство, “All in this together”). Претходно споменатата студија на PSIRU утврдува дека во повеќе земји, вклучувајќи ги Чешка, Естонија, Франција, Ирска, Литванија, Малта, Полска, Португалија и Словенија, половиот јаз кај платите всушност се зголемил.

• Социјалната помош и службите: Како што беше претходно наведено, кратењето на социјалните служби и програмите за социјална помош нееднакво ги погодуваат жените кои почесто ги користат тие служби и преземаат повеќе платена и неплатена работа за да ги надоместат кратењата во јавниот сектор. Додека некои побогати семејства можеби и можат да платат за негувателска работа во приватниот сектор, на пример, така да вработат личности кои таквата работа ја извршуваат и живеат во истиот дом како и нивните работодавачи, работниците често се жени кои емигрирале од глобалниот југ за да можат да помогнат во издржувањето на сопствените семејства. Домашните работнички генерално се послабо платени од работниците во другите индустрии и често работат во крајно експлоатирачки услови. Заради тоа, на глобално ниво, таквите приватизирани решенија исто така ја перпетуираат експлоатацијата на жените и репродуцираат полово заснована глобална поделба на трудот.

• Долгорочното планирање: Мерките за штедење во многу земји го помогнаа забрзувањето на процесот кој веќе беше во тек: принудување на поединците да се потпираат на своите приватни извори на приходи и заштедите како средство за обезбедување долгорочна сигурност во пензија (по пат на приватни пензиски планови и други облици „сигурност засновани на имот“). Меѓутоа, со оглед на тоа дека собирањето такви приватни облици богатство зависи од способноста да се заработат пари на пазарот на трудот, овие тенденции имаат сериозни последици за жените кои, како група, вообичаено работат во нестандардни облици на вработеност. Тие трендови се уште понагласени со оглед дека годините работен стаж потребни за стекнување право на старосна пензија се во постојан пораст.

• Семејното насилство: Во текот на изминатите неколку децении, општествените конструкти за машкоста и женственоста, заедно со неолибералните реструктуирања кои го поткопуваа идеализираниот полов модел „машки хранител“ и машката, релативно привилегирана, позиција на пазарот на трудот, помогнаа да се перпетуира и нормализира насилството кон жените. Истовремено, во контекст на мерките за штедење, во многу земји се скратени средствата за поддршка на жртвите од насилство во семејствата и сексуално злоупотребување. Во Обединетото Кралство, средствата на локалните власти за овие служби се намалени за 31% од 2010/11 до 2011/12. Во Шпанија, владата ги скрати средствата за промоција на половата еднаквост за 24% и истовремено ја подигна цената на судските трошоци, зголемувајќи ги пречките пред кои се наоѓаат жртвите на семејно насилство (се проценува дека 64% од претепаните жени не го пријавуваат семејното насилство од финансиски причини). Во Канада владата ги намали средствата за програми кои се занимаваат со широко распространетото злоставување на автохтоното население во интернатите, како и финансирањето на проектот “Sister in Spirit” кој разоткри стотици случаи исчезнати и убиени домородки. Финансирањето на проектот кој промовира женски права и полова рамноправност го снајде истата судбина.

Дали можете да ни кажете нешто за вашиот поим транснационален деловен феминизам?

Поимот „транснационален деловен феминизам“ (transnational business feminism) го користам за она што го сфаќам како политичко економски проект во создавање кој се потпира на програмата за полова еднаквост заснован на „бизнис план“. Аргументот кој притоа се користи е дека инвестирањето во жените – при што општо се мисли на зголемување на пристапот до работните места во формалниот сектор, поголема достапност до кредити за претпријатијата и инвестирање во „женскиот човечки капитал“ (на пример, иницијативи за образование и здравство) – не е добро само за жените, туку, најпосле, добро е за работата, односно она што се нарекува „умна економика“. Општествените сили кои учествуваат во промовирањето на овој проект ги вклучуваат капиталистичките држави, одредени институти во рамки на Обединетите народи, регионални и меѓународни финансиски институции, бизнис медиуми, некои научници и универзитети (особено нивните бизнис школи) и приватни корпорации меѓу кои се наоѓаат некои од најголемите финансиски сметководствени претпријатија во светот. Светската финансиска криза го погоди општиот фактор на продуктивноста бидејќи во него се тврди дека: (1) недостатокот од жени во финансискиот сектор е дел од причините за кризата, (2) кризата несразмерно влијае на жените и девојките и (3) мобилизирањето на огромниот „неискористен“ женски потенцијал е најдобар начин да се стимулира економскиот развој по кризата.

Меѓутоа, сметам дека ваквото позиционирање на полот е проблематично од повеќе прични. Прво, многу корпорации, вклучувајќи ги Goldman Sachs, Deloitte, McKinsey & Company, Ernst & Young и Nike, учествуваат во создавањето дискурс за половата нееднаквост кој е многу ефикасен. Во него, за жените кои се прикажани како неидентификувана категорија луѓе, се претпоставува дека по својата природа се помалку склони кон ризик и посклони се да ја вложат својата заработка во семејството и заедницата. Таквите заклучоци се повеќекратно проблематични: со нив се занемаруваат односите на моќта и општествените борби кои ја условувале половата поделба на трудот и општествените конструкции на она што го прави „женското“ однесување, како и репродукцијата на половата нееднаквост преку платената работа и постојаната девалвација на женската неплатена работа. Истовремено, половата рамноправност се поврзува со корпоративната стратегија на растот бидејќи се посочува кон жените како работнички кои ќе помогнат во диверзификацијата на корпоративната работна сила и како потенцијални нови потрошувачки. Исто така, на тој начин се натурализира и деполитизира улогата на корпорациите во обликувањето на контурите на „развојот“. Понатаму, со тоа не се успева да се оспорат неолибералните макроекономски околности кои создале крајно нерамноправна глобална политичка економија и помогнале во создавањето ситуација во која полово обележаните мерки за штедење кои ги опишав претходно сигурно ќе станат дел од нашата иднина. Половата рамноправност сè повеќе се претставува како решение за проблемите на глобалниот капитализам – таа ќе нè воведе во попрамноправен, социјално поправеден, одржлив капитализам кој ќе биде подеднакво поволен за жените и капиталистите. На тој начин политичко економскиот проект „транснационален деловен феминизам“ помага во легитимирањето и продлабочувањето на капиталистичките односи на доминација и експлоатација.

Какво е вашето мислење за позицијата на жените кои се занимаваат со филозофија и политичка теорија во рамки на академиите, особено ако го набљудуваме ова прашање во контекст на марксистичката теорија на универзитетите?

Мислам дека веќе е добро познато дека иако сè повеќе жени влегуваат во академската заедница, тие стануваат сè помалку видливи како што одиме нагоре во хиерархијата на занимањата. Во земјите во кои работев во системот на високото образоване (Канада и Велика Британија), делумно е така затоа што сè уште не се земаат предвид должностите и обврските кои жените (и многу мажи) ги преземаат кога ќе станат родители. Исто така, генерално недостасува поддршка за оние кои на прво место ги ставаат активностите и аспектите од животот надвор од оние кои традиционално се сметаат за индикатори на академскиот успех и „влијание“. На пример, во Обединетото Кралство, Research Excellence Framework (REF), според која научниците мораат да му предадат четири публикации на одборот кој ги рангира според квалитетот, им дозволува исклучиво на жените кои земале „значително долго“ породилно отсуство да предадат три, а не четири научни трудови. Сè уште се расправа како да се дефинира „значително долго“ отсуство. Пред 2012 година тоа значеше дека можноста за предавање три научни трудови ја имаат само жените кои земале 14 месечно породилно отсуство. Новите правила дозволуваат „исклучителни случаи“ за жените кои нема да искористат целосно породилно отсуство, иако одлуката за исклучоците се донесува ad hoc. Исто така, не постојат јасни насоки за прашањето на „привилегиите“ за породилното отсуство кое го земаат татковците. Со оглед дека пријавата во универзитетскиот REF игра значајна улога во напредувањето, ваквите практики имаат важни импликации. Студиите од претходниот REF открија поголема присутност на институционален сексизам бидејќи 64% мажи и само 46% жени ги предале своите документи.

Ако ја погледнеме пошироката слика од самата положба на жените во академиите, мислам дека феминистичката општествена наука и понатаму се наоѓа пред тешки задачи. Некои од главните обележја на феминистичкото истражување се прифаќање на методолошки плурализам, избегнување апсолутни тврдења (за разлика од многу позитивистички истражувања) и прифаќање на рефлексивноста на сопственото позиционирање во рамки на истражувачкиот процес и производството на знаење. Во областа на политичките науки, феминистичкото истражување е значајно и заради поставување на прашањата за односите за кои вообичаено се мисли дека се наоѓаат „надвор“ од таканаречената јавна политичка сфера. Бидејќи универзитетите сè повеќе се изедначуваат со приватниот сектор, а научниците сè повеќе мораат да бараат приватни извори на финансирање, феминистичкиот труд кој не го следи позитивистичкиот пристап, а е фокусиран на решавање проблеми поврзани со конкретни политики, ризикува укинување. По минатогодишното воведување повисоки школарини, британските институции сè почесто се занимаваат со „поттикнување на вработливоста“, што исто така може да им предизвика проблеми на феминистките во рамки на академиите. Меѓутоа, ваквите пошироки промени влијаат на многу критички ориентирани истражувачи (вклучувајќи и многумина марксисти), а не само на феминистките.

Дали постојат конкретни феминистички одговори и стратегии кои би можеле да ги земеме предвид при артикулацијата на одговорите на економската криза?

Феминистичките академки и активистки развија низа конкретни предлози кои се однесуваат на начинот на кој би требало да се реструктуираат владините политики за да се стимулира економијата и да се унапреди половата еднаквост. Некои од предлозите се: препознавање на неплатената негувателска работа во рамки на пензискиот и социјалниот систем; инвестирање во здравството и образованието кое се смета за клучно за подобрување на половата еднаквост и женското зајакнување; зголемување на даноците за корпорациите и богатите наместо намалување на трошоците за социјални услуги; инвестирање во јавниот превоз (кој почесто го користат жените) и одржување или зголемување на јавната поддршка на женските групи. Треба да се спротивставиме на bailout-ите, како оние од 2008, бидејќи го префрлаат богатството на мал број елитни финансиски актери. Bailout-ите исто така претставуваат облик на „морална опасност“ не само затоа што го нарушуваат дисциплинскиот притисок на пазарот, туку и затоа што создаваат ситуација во која женската неплатена работа служи за санација на државите кои ги следат политиките за штедење.

Исто така, жените се недоволно застапени во креирањето политики и поголем број жени (и женски организации) би требало да бидат вклучени во пронаоѓањето одговори на кризата на сите нивоа. Обликувањето на пресметките врз основа на половите односи изгледа како ветувачка област. Во моментов постојат иницијативи во десетици земји кои настојуваат да го препознаат јазот помеѓу начелните тврдења со кои се поддржуваат одредени политички иницијативи и количините средства кои навистина се издвојуваат за остварување реални цели. Треба да се продолжи со ширењето такви иницијативи.

Но, исто така е важно при заговарањето вакви иницијативи да не упаднеме во замката на промовирањето враќање во идеализираната кејнзијанска доба која беше изразено полово условена и ги перпетуираше облиците на класната и расна нееднаквост, како и експлоатацијата на земјите од глобалниот Југ од страна на доминантните капиталистички сили. Колку и да е нужно феминистките да се мобилизираат за поголема полова рамноправност, тоа мораат да го прават во рамки на внимателно артикулирани критики на патријархалниот и колонијалниот капиталистички систем кој се репродуцира токму благодарение на експлоатацијата на мнозинството (и во корист) од страна на малцинството. Тоа треба да се надогради и зајакне со сфаќањето на економијата не како природна и деполитизирана сфера на која ѝ требаат „експерти“ за своето одржување, туку како темел на кој ќе се организира животот (и притоа реферирам на сите секојдневни активности кои ги репродуцираат луѓето и заедниците) и заради потребата за поголема демократизација.

Извор: http://www.slobodnifilozofski.com
 

ОкоБоли главаВицФото