Вицепремиерот Ставрески потпишал, а Министерството за транспорт го демантира Жерновски!?

19.09.2015 11:25
Вицепремиерот Ставрески потпишал, а Министерството за транспорт го демантира Жерновски!?

Министерството за транспорт и врски го демантира тврдењето на градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, според кое на местото на сегашните бараки на Град Скопје, кои се наоѓаат во Градскиот парк, ќе се гради хотелски комплекс во висина од 100 метри. Оттаму потенцираат дека, напротив, целата површина на Градскиот парк ќе биде зеленило.

Но, во „Службен весник“ број 126 од 27 јули 2015 година, е објавена Одлука за утврдување градба од посебен интерес заради изработка на урбанистичко планска документација. Според оваа Одлука, како градба од посебен интерес се утврдува објект од класа Б - комерцијални и деловни намени. Таа треба да се предвиди во рамките на градежната парцела број 6.1, определена во Деталниот урбанистички план „Централно зеленило покрај реката Вардар - Парк 1“. Одлуката е потпишана од заменик-претседателот на Владата, Зоран Ставрески.

Според тврдењата на градоначалникот на Центар, парцелата на која ќе се гради објектот од посебен интерес е токму местото каде што се наоѓаат бараките на Град Скопје. Тој на прес-конференција ја презентираше парцелата, нагласувајќи дека е долга 216 метри и широка 28.

„Слободен печат“ вчера до вицепремиерот Ставрески испрати повеќе прашања. Што, всушност, потпишал? Што ќе се гради како објект од посебен интерес? Дали потписот го ставил за објект што ќе се гради на парцелата на која сега се наоѓаат бараките на Град Скопје? Ако е поинаку, каде е таа парцела во „Вардар-Парк 1“? Не добивме одговор.

Министерството за транспорт и врски, пак, завчера во попладневните часови јавно го покани Жерновски да објави конкретен документ на Владата на Република Македонија или на Министерството за транспорт и врски, со кој ќе ги потврди констатациите дека на конкретната локација ќе никне објект со висина од 100 метри.

„Жерновски денеска на прес-конференција излезе со тврдење дека Владата на Република Македонија планира уништување на зеленилото во Градскиот парк со наводната изградба на стометарски објект, а всушност посочи кон бараките во кои е сместена администрацијата на Градот Скопје, што претставува изградено и реализирано градежно земјиште, а не парк и зеленило, со што самиот себе се демантираше“, пишува во реакцијата на Министерството.

Според ова, Министерството за транспорт и врски, всушност ги одделува бараките на Град Скопје од Градскиот парк и потенцира дека во Градскиот парк нема да се чепка.

„Владата во изминатиот период ниеднаш не преземала активности, ниту реализирала каква и да е градежна активност со која би го нарушила зеленилото во скопскиот Градски парк. Напротив, во 2012 година е донесен нов генерален урбанистички план на градот Скопје, според кој целата површина на Градскиот парк е предвидена со намена Парковско зеленило, коешто, пак, согласно со Законот за просторно и урбанистичко планирање во иднина не може да биде променето и на тоа место да се градат објекти, за чиј и да е интерес. Со ова максимално се заштитува зеленилото во Градскиот парк“, се вели во реакцијата на Министерството за транспорт.

Градоначалникот Жерновски нагласи дека ако на почетокот од паркот никне 100-метарска зграда, тоа ќе значи сенка во паркот, но и дека нема да има добар проток на воздухот.

Градската куќа се гради под Кале

Извесно е дека вработените ќе се селат од бараките во Градскиот парк, зашто под Кале се гради Градската куќа и карабината е веќе готова.

- Уште пред две години најавивме дека ќе се селиме од бараките. Земјиштето каде што се наоѓаат, е во наша надлежност, но Деталниот урбанистички план е на Општината - вели портпаролот на Град Скопје, Неделчо Крстевски.

ДУП-от „Централно зеленило покрај реката Вардар - Парк 1“ е донесен во 2011 година, од претходниот состав на советниците на Општина Центар. Тој повеќе години ја бранува јавноста, токму во врска со маркичката каде што се наоѓаат бараките на Град Скопје. Во 2011 година таму се најавуваше катна гаража. За Жерновски не е за изненадување тоа што сега таа се „претвора“ во хотел. Зашто, како што вели, таму се парите.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња