СЛУШАЈ:

19.09.2015 14:52
СЛУШАЈ:

СЛУШАЈ:

време ми е: сакам да потечам
низ потокот; од времето да знам
дел сум – дробна искра,
нежна и тивка. како спуштен чекан.
слушај: горат круните на дрвјата,
додека камионите собираат
ѓубре. во ноќва, гледам Ескими
како внимателно газат врз мраз.
сонцето заканувачки им надира
кон очите. умни се Ескимите,
немој да се плашиш за нив.
гори сонцето на друг крај од
светов; слушај: овде мрзнат
крилјата на птиците малку пред
да полетаат. крцка од застоеност.
врз плочниците паѓаат сребрени
кованици; ситни монети кои времето
го бројат. како исфрлени од фонтана
на желби. слушај: на крстосницата
страда една душа, од две направена.
како две тркала на еден велосипед
кои постојано се следат но не се допираат.
никогаш онака како два носа
кои засекогаш разменуваат мириси.
пак ти кажав сè, на тебе што ме слушаш.

ДОЖД

сите нијанси на сино
стануваат потемни, стануваат
модри – како пред дожд. ми се
затемнува погледот, или само боите
од далеку ме допираат? во пепелта
под стапалата барам остатоци, траги
барам од нечии спомени и отпечатоци.
па си велам, вредам повеќе од тоа. и
полека тргнувам натаму, кон длабоките
коридори на исчекувањето, додека сликите
во мене прскаат како капки крупен дожд
врз усни. сите нијанси на сино стануваат
потемни, дождот се истура со сите свои
налудничави мени, јас сум на отворено –
склоп од слики и сеќавања, нежност отелотворена.

ЌЕ СПИЈАМ
(сакам што ноќта е жена)

ќе спијам во мојот кревет.
додека надвор завиваат снегулки
и раката нерешително ми трепери.
ќе спијам во мојот кревет. за инает
на сите тие претскажувања: за мојата
смрт, за војни, за катаклизми, за сè
што би тргнало наваму–натаму. ќе спијам
во мојот кревет. низ високите окна
ќе гледам како навева снегот. ќе се
туткам во својата топлина, ќе бидам
тивок и нежен, топол наспроти студот
на светот. вредам повеќе од тоа.
ќе спијам со мирис во носниците,
полн љубов, полн мир. ќе спијам
во мојот кревет, спокоен и на топло.
вечерва нема да мислам на селењето:
ова е толку убава и силна ноќ,
што повремено се прашувам
како ли сум ја заслужил.

ПИШУВАЊЕ

ти пишувам набрзина, насобрано:
онака како што врне
во оваа мразна пролет
додека гранките натежнуваат
под небесните образи. истура.
ти пишувам во тивка соба:
само звуците од тонската проба
(за тебе свират во мојата глава)
одѕвонуваат. некако е безмилосна
таа музика од наросени слики и
мириси. (пак капки, сега најситни)
мојата нежност е благ навев:
стивнат тон во вителот на светот.
твојот бучен и силен ветар
полека се стивнува пред немоќта.
надвор врне, не и во мене. само провев
ми се разбива низ градите. во секој агол
удира, а јас ти пишувам. додека истура,
додека вода навева кон сите процепи.
ти пишувам како ти пишувам, се обидувам
да... ти пишувам од очај. на најтивко.
чекајќи да се умори небесната вода.
жеден сум.

ЗНАЕШ

стари ми се дланките: полни лузни и брчки.
како кора од старо, прастаро, дрво... знаеш.
ги прекрстувам, како мисли, како некажани
зборови. тивко, ненаметливо. па, сепак,
моите дланки ти пишуваат. со гласноста
на сржта, без пресметки, без очекувања,
со силината на копнежот, со жарот од
посакувањето, и сигурно уште нешто
овде ненаброено, ти пишуваат моите
стари дланки, полни лузни и брчки.
дојди, ќе ти раскажам за километрите
преку грбот на змијата, дојди за низ
шепот да ти кажам добро е. дојди,
ќе ти покажам: те чувам.
низ моите брчки се прелеваат божилаци,
низ ненаспаните очи пливаат сништа
недокажани, недосонувани... : остави ме
да ме боли копнежот, тивок и подмолен.
па дојди да ме оживееш.

НИЕ СМЕ КРУГ, НЕВИДЕН, СКРИШЕН.

баровите во кои некогаш
се сокривавме од светот
сега не постојат во нашиот град;
работат на други места, со истите
имиња. не знаеме каква им е
послугата, каков е мебелот,
имаат ли доволно голема сенка
за нас. ние сме некогашни, сега
сменети како имињата на шанковите
на кои среде ноќ блеснувавме:
најведри комети кои овој
и сите други градови ги виделе.
понекогаш, ми го душкаше
вратот: се обидувавме да останеме
пристојни додека зјапав во твоите
очи и дел по дел те соблекував
во нашиот ум. дека и умот го споделувавме:
безгранично парче простор
во мала врела мансарда на врвот од некоја
градска кула; го замислувавме Хенк
Вилијамс, осамен и закашлан и полн
зборови додека Коен ја пее Tower
of Song. и ова сме го виделе, љубов.
сликата во која еден од нас одлебдува
кон непознатото, во тишина, секогаш
и одново ја бришеме; ни се бараат
душите и покрај сите промени.
мојата е стара: толку стара
што мириса на изгорено дрво
и одвеани спомени; почнува
да мириса на умор. (ни ваква
не мириса лошо)
шанкот на кој еднаш се потпиравме
сега е огревно дрво за зимата што иде,
за некоја мала печка во некоја мансарда;
парчето простор е безгранично.

Слики: Brian Kershisnik

БЕЛЕШКА ЗА АВТОРОТ

Игор Исаковски (1970-2014), поет, прозаист, уредник, преведувач. Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, магистрирал на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии).

Основач и директор на Културна установа Блесок (www.blesok.mk), каде што работеше како главен и одговорен уредник од нејзиното основање.

Објавени книги: Писма (роман, 1991), Црно сонце (поезија, 1992), Експлозии, трудна месечина, ерупции... (раскази, 1993), Вулкан – Земја – (поезија, 1995), – Небо (поезија, 1996, 2000), Гравири - Blues говорница (многу куси текстови, 2001), Песочен часовник (раскази, 2002), Длабоко во дупката (поезија, 2004), Пливање во прашина (роман, 2005, награда Прозни мајстори, 2005), Blues говорница II (2006, Годишна награда за најдобро графичко решение на печатена книга, 2006), Стажирајќи за светец (поезија, 2008), Ноќта е најтемна пред разденување (поезија, 2009, Награда на 4. Белградски фестивал на поезија и книга, 2010), Вулкан – Земја – Небо (поезија, 2010), Љубовна (поезија, 2011), Смртта има коса од морска трева (поезија, 2013), Дека да (поезија, 2015).

Избори и преводи на други јазици: – Sky (– Небо, поезија на англиски, 1996, 2000), Sejanje smeha (Сеење на смеата, избрана поезија на српски и македонски, 2003), I & Tom Waits (Јас и Том Вејтс, избрана поезија на македонски и англиски, 2003), Sandglass (Песочен часовник, раскази на англиски, 2003), I to je život (И тоа е живот, нова и избрана поезија на хрватски, објавена во Црна Гора, 2007), Iz bliskov in ognja (Од болскоти и оган, нова и избрана поезија на словенечки, 2011), Pjesčani sat (Песочен часовник, раскази на хрватски, 2012), Madam Hyde, Mister Hyde (нова и избрана поезија на холандски, 2012), Dlanovi puni srče / Дланки полни срча (нова и избрана поезија на српски и македонски, 2013), Светлината ве чека на рецепција / The Light Awaits You at Reception (нова и избрана поезија на англиски и македонски, 2013), Smrt ima kosu od morske trave (Смртта има коса од морска трева, избрана поезија на хрватски, 2015).

Исаковски уредил четири антологии; последната е Шест македонски поети / Six Macedonian poets (објавена од ARC Publications, Велика Британија, 2011), како и два CD-ROM-а.

Преведуваше поезија, проза и есеи, од (и на) македонски, англиски, српско-хрватски-босански-црногорски, и од словенечки на македонски. Во негов превод на македонски, објавени се 60 книги.

Поезијата и прозата му се преведени и објавени на шеснаесет јазици во дваесетина земји. Застапен е во голем број избори и антологии во Македонија и во странство.

ОкоБоли главаВицФото