Резултатите исти, политиката спротивна: скица врз позадината на успехот на Ципрас

21.09.2015 17:36
Резултатите исти, политиката спротивна: скица на позадината на успехот на Ципрас

Овој пат лишени од екстензивен интерес, како на светските медиуми и јавноста, така и на чувствителните финансиски пазари, вчера во Грција се одржаа парламентарни избори, втори годинава. Можеби за статусот и важноста на избориве, покрај рекордно ниската излезност, најмногу зборува фактот дека на live следењето на изборите на позначајните светски медиуми не се појавуваа графикони со прикази за движењето на вредноста на акциите или валутата, ниту Твитер прогнози на гласноговорниците на анонимните финансиски пазари. Причината за тоа коинцидира со причината за одржување вонредни избори. Да потсетиме, по референдумот одржан на 5 јули, на кој грчкиот народ со изразито мнозинство го одби новиот договор со европските кредитори, или попрецизно, условите на тој договор, владата на Ципрас неколку дена подоцна сепак се согласи на условите на кредиторите, правдајќи се со непостоење на одржлива алтернатива. Изневерувањето на народната волја го чинеше Ципрас внатрешнопартиска кохезија, така што речиси 40 пратеници на Сириза гласаа против или беа воздржани околу новиот договор, што доведе до тоа тој да се изгласа со поддршка на опозицијата.

Соочен со новата ситуација, Ципрас одлучи да ризикува оставка и нови избори - и погоди. Имено, освен намалувањето на излезноста за 8%, резултатите од изборите се помалку или повеќе идентични со јануарските. И судејќи по сè, на власт повторно ќе дојде коалицијата на Сириза и Независни Грци. Сириза освои 35,47% од гласовите, што ѝ обезбедува 145 пратенички места од вкупно 300, поради бизарното изборно правило според кое листата која ќе освои најмногу гласови се наградува со дополнителни 50 места. Иако Независни Грци поминаа нешто полошо отколку на јануарските избори, ќе освојат доволно мандати за коалицијата да обезбеди мнозинство. Од останатите резултати, треба да се издвои дека конзервативната Нова Демократија е на второ место со 28% и нацистите од Златна зора (кои непосредно пред изборите презедоа политичка одговорност за убиството на раперот и антифашистот Павлос Фисас) се на трето место со 7% гласови, и постигнаа речиси исти резултати како на претходните избори. Исто така треба да се спомне дека се случи минимален пресврт меѓу силите на социјалдемократите од ПАСОК, некогаш една од двете водечки политички сили во државата, и конфузните зелени неолиберали од партијата Река. Додека Народно единство, движење составено од отпадници од Сириза и други мали левичарски групи, не успеа да го помине изборниот праг од 3%.

Тајните на буржоаската политика

Исходишното прашање на секоја анализа на овие избори неизбежно гласи: како е можно со оглед на сè што се случуваше и менуваше во грчката политичка динамика годинава, особено вклучувајќи го изостанувањето на спроведување на народната волја искажана на референдумот, резултатите од изборите да бидат идентични со јануарските? Или попрецизно: како Ципрас успеа да се одржи на власт покрај сите недоследности и маневрирање во изминатиот период? Иако уште е прерано за резолутни судови - треба да се причекаат и попедантните анализи за структурата на гласачите - некои фактори можат да се издвојат како занемарливи при обидот за објаснување на успехот на Ципрас. А тој успех пред сè се сведува на исполнување на целите на овие избори како што ги назначи поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис: политичка неутрализација на јулското НЕ на референдумот и легализација и легитимизација на попуштањето на кредиторите и потпишувањето на нов меморандум. Тука треба да се истакне дека Ципрас одигра исклучително мудро, односно дека во процесот на изолирање не само од пошироката социјална и класна база, туку и од самите партиски кадри, ги научи сите тајни на буржоаската политика. Со оставката наметна нови избори доволно рано по политичката капитулација, доволно за да не се почувствуваат последиците од новите мерки за штедење, како и нивниот неминовен макроекономски неуспех, а и доволно за левицата да не успее да се консолидира за да оствари значаен успех. Со што, всушност, единствената промена во овие осум месеци ја добивме во фактот дека Сириза е исчистена од левичарски сили.

Но, ако Ципрас ги совлада тајните на буржоаската политика, клучно е прашањето зошто оние кои се објект на таа политика повторно му ја подарија довербата, иако иницијално сакаа раскин со таквите практики. Се чини дека неколку фактори, барем за сега, ја спречија автоматската „пасокизација“, односно распадот на Сириза. Иако постреферендумските настани претставуваа силен пресврт и разочарување, Ципрас сепак успеа во одредена мера да извлече неколку поени од целиот преговарачки процес, на што ја засноваше кампањата, целејќи на емотивната „популистичка“ компонента. Тој наратив гласи дека Грците силно и гордо се бореа преку преговори, но дека едноставно не можеа да ја избегнат судбината бидејќи противникот беше пресилен. Односно, Ципрас успеа да го претвори својот пропуст и недостаток - а тоа е изработка на политичка алтернатива на неуспехот од преговорите - во хероизам на трпење и страдање на грчкиот народ. На тој маневар се надоврза и суспензијата на политичноста на процесот на европско ниво и целиот фокус се пренесе на внатрешната борба против олигархијата и корупцијата. И во тој сегмент гласачите и понатаму имаат доверба во Сириза, односно силна недоверба кон другите кои произведоа дисфункционален и корумпиран државен апарат и јавни сервиси. Дури и минималните промени кои Сириза успеа да ги воведе во функционирањето на државата на ниво на секојдневното искуство на луѓето беа доволни за мерките на штедење со човечко лице да обезбедат изборен успех. А освен тоа, „пасокизацијата“ беше невозможна и поради простиот факт дека приличен број поранешни гласачи на ПАСОК ја сочинуваат изборната база на Сириза, а тие немаат алтернатива во уште една „пасокизација“.

Но, како што зачестено бидува со еднократните трикови од сферата на високата политика, нивните ефекти не се долготрајни, особено во грчкиот контекст на спроведување на новите мерки за штедење. Тешко дека замената на клиентелизмот со меритократија може да биде доволен одговор на економската катастрофа и последичниот распад на социјалните сервиси. Она што сега му преостанува на Ципрас е обидот да се консолидира политиката на партискиот конгрес кој ќе се одржи до крајот на годината, бидејќи голем број од оние кои не ја напуштија Сириза и одлучија да му дадат уште една шанса на Ципрас го направија тоа повеќе од превентивни причини отколку од уверување - и немаат уште многу трпение. Иако резултатите од изборите сугерираат стабилизација како на власта така и на Сириза, контекстот на економски неодржливиот меморандум и најавените синдикални мобилизации за зимава, не би било чудно наскоро да доведат до нови избори. Како што ни во тој случај не би нè зачудила уште попоразителната излезност, бидејќи станува сè појасно дека парламентарните избори и лостовите на власта не значат речиси ништо во рамките на Европската Унија и еврозоната. По малку парадоксално, тој неумолив тренд е она што може да послужи како залог за оптимизам на Народно единство, без оглед на исклучително лошиот резултат на изборите, зашто промените очигледно нема да се случат на избори.

Извор: www.bilten.org

ОкоБоли главаВицФото